Бизнис

Менаџмент на квалитет во логистичка компанија: воведување, тактики, методи и техники

Марио Чобанов | Авторот е магистер по економски науки во областа на Логистиката на бизнисот

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Вовед и современи гледишта на квалитетот во деловната логистика
Во последниве неколку години деловните аспекти на логистиката станаа центар на истражување на многу научници. Од друга страна, бизнис-логистиката во практиката стана фактор за успех на компаниите и метод за освојување на глобалните пазари. Имено, сè повеќе домашни синџири на снабдување на МСП стануваат глобални. Тоа значи дека логистиката е неизбежна деловна функција која има голем распон на операции и големо учество во економската ефикасност на компаниите. Токму од таа причина, според Котлер и Келер, може да произведе и трошоци, дури до 50 % од севкупните трошоци на еден деловен ентитет.
Распонот на логистиката и на логистичките активности создаде нови работни места за логистички освестени компании. Во овој текст ќе се истражи можноста за воведување на квалитет во логистичка компанија. Текстов претставува обид за евалуирање на постојните учења во оваа област, со посебен осврт на интеграцијата на логистиката преку методи, техники, стратегии и тактики, со што самата концептуална рамка претставува предизвик за авторот од причина што во литературата речиси да не постојат трудови кои ги третираат на овој начин овие феномени.
За да се оствари економска ефикасност во една логистичка компанија, но и да се задоволат очекувањата на купувачите, односно корисниците, мора да се испорача чиста вредност. Тоа ќе се постигне доколку врз логистичкиот менаџмент примениме апликативни методи и техники кои се применуваат во општиот менаџмент на квалитет.
Менаџментот на квалитет во логистичка компанија претставува обезбедување на ефикасност на три логистички показатели за квалитет, и тоа: квалитет на логистичката услуга (маркетинг-гледиште), квалитет на логистичките системи и процеси (функционално гледиште) и квалитет на животната средина (општествено гледиште).
Квалитетот на овие три гледишта треба да се набљудува интерно − во рамките на компанијата, екстерно – од аспект на купувачите и на корисниците, и целосно – тотален менаџмент на квалитет.
Овие три гледишта се меѓусебно поврзани и токму затоа потребно е да се дејствува системски, па токму затоа системот на управување со квалитетот може да придонесе за оптимизирање и развој на работењето на компаниите кои се занимаваат со производство, трговија или услужни дејности, но и јавниот и државниот сектор. Особено може да биде ефикасен во подрачјето на управување со синџирот на снабдување.
Со познавањето на начелата и на методите за воспоставување на системот за менаџмент на квалитет, потоа техниките, постапките и алатките во состав на контролата на квалитетот, менаџерите добиваат ефективна алатка во планирањето, организирањето и спроведувањето на логистичкиот систем. Но, како се воведува системот за управување со квалитет во бизнис-логистиката? Постојат две тактики за воведување на системот на квалитет во логистичка компанија.

Тактики за воведување на квалитет во логистичка компанија
Тактиката на континуирано подобрување е најзастапена во практиката. ,,Континуираното подобрување е техника за истражување нови начини за подобрување на квалитетот и резултатите“ (Шуклев). Секој деловен ентитет, без разлика на неговата големина (мал, среден и голем бизнис) и дејност (трговски, услужен и производствен ентитет) треба да биде насочен кон континуираното подобрување на квалитетот. Оваа стратегија се смета за почетна стратегија при воведување на квалитетот и животна стратегија за натамошниот развој на деловниот ентитет. Непријатели на оваа стратегија можат да бидат краткото време за остварување на посебна цел и (не)знаењето за квалитетот од причина што континуираното подобрување не дозволува брзање, прескокнување на фази и приучен пристап. Најпрво, се формира логистичка визија за квалитет, визијата се трансформира во логистички план во траење од три до пет години, потоа овој план се разделува на неколку разумни логистички цели кои треба да се остварат во рок од една година и потоа следува мерење и оценка на подобрувањето. Имено, континуираното подобрување ги уважува кружоците на континуиран циклус на планирање, на правење, на проверка и на дејствување и на тој начин го подобрува квалитетот.
Бизнис-филозофијата Каизен и нејзините методи и техники можат да се интегрираат во стратегијата на континуирано подобрување и таа комбинација би дејствувала на целата организација со што би биле вложени минимални финансиски средства, би се зголемила продуктивноста и тимската работа во компанијата. Преку оваа бизнис-филозофија се унапредува и деловната култура на компаниите.
Кога тактиката на континуирано подобрување не ги дава очекуваните резултати или компаниите имаат цел која е поврзана со некаква временска рамка, тие квалитетот во бизнис-логистиката го воведуваат со примена на радикални методи, односно ја применуваат тактиката на радикално подобрување (реинженеринг). Имено, оваа тактика се применува со рапидна методологија. Ова се должи на тоа дека менаџментот со минатата тактика не успеал да го воведе системот, па мора да почне од нула. Но, тоа не значи дека секогаш мора да се почне со континуираната тактика. Глобалните компании го применуваат реинженерингот на логистичките процеси како прва тактика тогаш кога не постои никаква индикација за криза.
Методите и техниките за управување со квалитет во бизнис-логистиката, во науката и во практиката најчесто се групирани во три основни категории.

Методи и техники за стратегиско управување со квалитет во бизнис-логистиката
Стратегискиот логистички менаџмент може да се разбере како процес на насочување на активностите на компанијата во креирање и реализација на нејзината стратегија. Стратегискиот менаџмент обично користи повеќе методи и техники за да ја оствари ефикасноста и ефективноста на својата цел. Во практиката, примената на следниве методи и техники дава ефикасни резултати за стратегиските цели на логистичкото претпријатие: интерно-екстерна анализа, метод на сценарио, портфолио матрица и карта за балансирање на резултатите.

Методи и техники за процесно управување со квалитет во бизнис-логистиката
Да се евидентираат логистичките процеси, односно да се евидентираат варијабилностите и да се доведат до состојба на т.н. нулта варијабилност претставува комплексна задача на менаџментот. Поради таа цел мора да се развијат методи и техники за процесно управување со квалитетот во бизнис-логистиката.
Во практиката следниве методи и техники се издвојуваат како ефикасно решение: дијаграм на текот на процесите, метод на квалитетно распоредување на функциите, Тагучи метод, конкурентен инженеринг, статистичка процесна контрола и шест сигма методологија.

Методи и техники за тимско управување со квалитет во бизнис-логистиката
Методите и техниките на тимското управување со квалитет во бизнис-логистиката последниве две децении претставуваат глобален тренд. Тоа се должи на отворените пазари и циркулирањето на информациите низ пазарите. Овие методи и техники ја унапредуваат тимската работа интерно, екстерно, но и целосно и затоа им се дава големо внимание во науката и во практиката. Овие методи и техники ги поврзуваат компаниите на отворениот пазар и формираат „тимови“ за соработка. Такви методи и техники се: бенчмаркингот, бреинстормингот и кружоците на квалитет.
Особено сега, во ерата на глобалните промени, бенчмаркингот и бреинстормингот се особено важни во менаџментот на промени.

Останати методи, техники и трендови
Останатите или алтернативните методи и техники не се ништо помалку значајни од претходните. Тие се сместени во оваа група од причина што ги надополнуваат трите наведени категории. Најчести применувани методи и техники се: дијаграм на стебло, дијаграм на избор на проблемот и табела на програмата за одлучување за процесот.
Како изборни решенија во практиката се среќаваат методите и техниките на линменаџментот. Меѓутоа, доколку една компанија ја прифати оваа менаџмент филозофија, таа мора тоа да го направи од корен. Линалатките се целосно компатибилни за компаниите кои го вовеле квалитетот преку примена на континуираната тактика, додека оние компании кои направиле реинженеринг на деловните, односно логистичките процеси, на линменаџментот можат да заборават од причина што линменаџментот се залага за континуираното подобрување, додека реинженерингот претставува аплицирање на радикални методи. Токму од таа причина, на самиот почеток од овој текст посебно се елаборирани двете тактики за воведување на квалитет: континуирана и радикална тактика.

Заклучок
Периодот на економската неизвесност и на пандемиската криза беше добар учител дека квалитетот на бизнис-логистиката, односно синџирите на снабдување се основен показател на ефикасноста на секоја компанија, без разлика на примарното дејствување на пазарот.
Токму од таа причина компаниите не смеат да дозволат т.н. блокади на материјалите, на производите и на услугите на пазарот. Имено, мора да одговорат веднаш на барањата на потрошувачите и да додадат вредност доколку сакаат да опстанат на пазарот.
Непречената циркулација низ синџирите на снабдување е возможна единствено доколку во компаниите е имплементиран систем и менаџмент на квалитет со посебен осврт на логистиката. Тоа може да се постигне преку континуирано воведување и радикално воведување. Методите, техниките и алатките, односно нивната примена секако е неизбежна.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано