Интервјуа

Шкемби Антовска: Финансиската едукација има големо значење и влијание на личната и на финансиската благосостојба на индивидуата и на општествата во целост

Групација на осигурувањето

Александра Шкемби Антовска, потпретседател на Групацијата на осигурувањето, извршен директор на Уника лајф, осигурително друштво – живот
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сегмент од секторот осигурување?

А. Ш. Антовска: Како во многу држави, така и кај нас, животното осигурување станува популарен и важен дел од финансиското планирање и заштитата на семејството. Пазарот на осигурување на живот во споредба со изминатиов период доживеа динамичен раст и развој и продолжува со двоцифрена стапка на пораст.
Друштвата за осигурување нудат различни продукти за животното осигурување, како на пример традиционалните полиси за животното осигурување, осигурување поврзано со инвестициски фондови, осигурување во случај на загуба на живот и други. Овие продукти имаат цел да им обезбедат заштита и финансиска сигурност на клиентите и на нивните семејства.
Постои простор за раст и развој на овој сегмент бидејќи, освен банките, кои во последниве години имаат значајно влијание во продажбата, тука се вклучува и зголемениот интерес на физички лица кои веќе ги осетија придобивките од осигурувањето на живот.

Што носи иднината?

А. Ш. Антовска: Иднината на животното осигурување во РС Македонија, како и во многу други земји, најверојатно ќе биде обликувана од комбинација на глобални и регионални трендови, како и од специфични локални фактори. Во однос на важни аспекти и трендови кои би можеле да влијаат на иднината на животното осигурување би ги спомнала економските фактори, дигитализацијата и онлајн продажбата, измените во законската регулатива, како и финансиската едукација и информирањето на клиентите.
Важно е да се напомене дека иднината на пазарот на животно осигурување ќе зависи од тоа како осигурителните компании ќе се прилагодат на овие трендови, како ќе ги задоволат потребите на клиентите во новите услови и дали ќе се придржуваат до локалните и меѓународните регулативи. На развојот на овој пазар ќе влијаат и глобалните економски услови и случувања. Од основно значење е да се следат трендовите и да се биде спремен за промените во овој сегмент на осигурувањето.

Значењето на финансиската едукација?

А. Ш. Антовска: Финансиската едукација има големо значење и влијание на личната и на финансиската благосостојба на индивидуата и на општествата во целост.
Преку процесот на финансиска едукација и стекнување со стручни информации, инструкции и објективни совети, осигурениците се стекнуваат со можност за подобро разбирање за финансиските производи и можностите, придобивките и ризиците кои ги носат тие, а со крајна цел да можат да донесат правилна одлука за подобрување на нивната финансиска благосостојба.

ПРЕПОРАЧАНО