Интервјуа

Губерова: Македонија има значајен потенцијал за развој на осигурителниот сектор

Групација на осигурувањето

Интервју со Ралица Губерова, претседател на Групацијата на осигурувањето, извршен директор на Евроинс осигурување, осигурително друштво − неживот
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Кажете ни накусо за „личната карта“ на Групацијата и за осигурителната индустрија во Македонија (составот на Групацијата, релативното значење на осигурителната индустрија за македонската економија, податоци итн.).

Р. Губерова: Осигурителната индустрија во Македонија е составена од 11 друштва за неживотно и 5 друштва за животно осигурување. Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија е еснафско здружение на осигурителните друштва регистрирани во РС Македонија. Групацијата ги застапува и ги претставува интересите на 14 од 16 осигурителни друштва или 87,5 % од сите друштва регистрирани во РС Македонија и е нивен глас пред регулаторот. Групацијата има цел да обезбедува редовен дијалог со законодавецот и со регулаторот, да го зголемува учеството на осигурувањето во финансискиот сектор, да го промовира осигурувањето во домашната економија, да помага за зголемување на финансиската едукација на населението, како и да обезбеди меѓународна претставеност на секторот и на осигурителните друштва, поврзаност и соработка на регионално ниво.
Учеството на друштвата за осигурување во структурата на вкупните средства во финансискиот сектор на Македонија за 2022 година изнесува 3,8 % (2021 г.: 4 %), додека пенетрацијата на осигурување што е сооднос на БПП (бруто-полисирана премија) кон БДП изнесува 1,6 % за 2022 година. И покрај континуираниот пораст на полисираната премија во секторот, сè уште осигурувањето учествува со релативно мал дел од вкупните средства во финансискиот сектор каде што банките и пензиските фондови имаат соодветно 86,1 % и 14,7 % од вкупните средства во финансискиот сектор на РС Македонија.
Во 2022 година е остварена БПП во вкупен износ од 12.785 милиони денари, што претставува раст од 9,94 % во однос на БПП остварена во 2021 година. Во вториот квартал од 2023 година, осигурителниот пазар остварил БПП во вкупен износ от 7.366 милиони денари, што претставува раст од 14,02 % во однос на вториот квартал од 2022 година.
Во 2022 година, осигурителните друштва во Македонија платиле 100.706 илјади денари данок на државава и во нив биле вработени 1 926 лица.

Како ја оценувате тековната состојба во осигурителниот сектор?

Р. Губерова: Имајќи ја предвид малата застапеност на осигурувањето во финансискиот сектор каде што главен сегмент зафаќаат банките, ниската пенетрација на осигурувањето и споредбата на показателите за степенот на развиеност на домашниот пазар за осигурување со пазарите од регионот и пошироко, може да се заклучи дека во РС Македонија има значајен потенцијал за развој на осигурителниот сектор за да го достигнеме просекот на земјите членки на Европската Унија. Тоа е директна корелација со недоволно високото ниво на финансиска писменост на граѓаните во РС Македонија, а воедно се рефлектира и врз значајно пониските годишни премии што се купуваат на македонскиот пазар споредено со развиените земји. Само за споредба, во Македонија се трошат во просек 91 евро/човек годишно за осигурување, додека за Словенија оваа бројка е 1 237 евра, за Србија 147 евра, а просекот за Централна и Источна Европа е 341 евро.

Кои се клучните успеси и предизвици со кои се соочуваат компаниите од осигурителниот сектор?

Р. Губерова: Во последниве десет години, осигурителната индустрија во Македонија има реализирано редица успеси. Како најзначајни може да ги издвоиме воведувањето и развојот на животното осигурување кое реализира двоцифрен пораст речиси секоја година, воведувањето на дополнителното здравствено осигурување како алтернативна можност по јавните здравствени услуги и континуираниот пораст на премија.
Што се однесува до предизвиците, промените во регулативата и доближувањето и изедначувањето со европското законодаство може да влијаат на начинот на работа на компаниите и можат да резултират во значителни финансиски и оперативни последици.
Познато е дека осигурителната индустрија генерално е најспоро адаптабилна кон технолошки промени, а технолошките иновации како вештачка интелигенција и блокчејн навлегуваат и ги менуваат начинот на обработка и анализата на информациите и управувањето со ризиците, а ние мораме да бидеме конкурентни и иновативни и да се адаптираме кон новите технологии.
Исто така растечката глобална свест за одржливост и околинските влијанија на деловниот сектор им налага на осигурителните компании да ги разгледуваат социјалните и околинските аспекти во своите операции и продукти.
Зголемувањето на конкуренцијата, вклучувајќи и нови играчи, може да влијае на цените и на приходите во секторот.

Што може да се направи за да се подобри амбиентот во работењето на осигурителниот сектор?

Р. Губерова: За да се подобри амбиентот, за работењето и за клиентите на осигурителниот сектор, може да се комбинираат различни мерки и активности.
» Поттик за иновации: Да се поддржуваат и да се наградуваат иновациите во областа на осигурувањето. Ова може да вклучува користење на нови технологии како вештачка интелигенција за подобрување на производите и на услугите.
» Обука и развој на вработените: На вработените во осигурителниот сектор да им се обезбедува континуиран пристап до обуки и можност за континуиран професионален развој. Ова ќе ги подобри нивните вештини и компетенции.
» Заштита на потрошувачите: Имплементирање мерки за заштита на правата на потрошувачите, вклучувајќи го постојаното информирање на клиентите за нивните права и обврски.
» Борба против престапи: Потребно е да се применуват строги мерки за спречување на измамите и на престапите во осигурителниот сектор. Ова вклучува соработка со правните органи и користење на технологии за детекција на измами.
» Прозрачност и етика: Зајакнување на етичките стандарди и транспарентност во работењето на компаниите во секторот. Одговорноста и чесното објавување на информации се клучни аспекти.
» Финансиска стабилност: Поддржување на финансиската стабилност во секторот за да се осигури способноста на компаниите да ги исплатат своите обврски кон клиентите.
» Соработка со други институции: Зајакнување на соработката со владините органи, академските институции и други институции за да се обезбеди најдобрата можна поддршка и регулација за секторот.
» Стручни комуникации: Подобрување на комуникациите со клиентите и јавноста за да се објаснат значењето и користите од осигурувањето.

Што би ја подобрило конкурентноста на вашите компании членки?

Р. Губерова: Поблиската соработка меѓу осигурителните друштва преку Групацијата на осигурувањето ќе додаде дополнителна вредност на производите што им ги нудат на клиентите сите наши членки. Инвестирањето во развојот на секторот, секако, ќе резултира и во зголемување на конкурентноста на секоја компанија поединечно.
Дополнително, придобивките од „ноу хау“ може да се обезбедат и преку зачленувањето на Групацијата во поголеми меѓународни асоцијации како што е на пример Осигурување Европа (Insurance Europe). Toa e асоцијација која ги претставува и ги застапува интересите на осигурителните и на реосигурителните компании во Европа. Оваа асоцијација обединува национални и регионални осигурителни асоцијации во Европската Унија и Европскиот економски простор (EEA) и целосно го застапува нивниот интерес пред владините и регулативните институции во Европа.
На крај, иако последно, но со подеднакво значење, е и континуираното инвестирање во истражувањето и развојот за да се идентификуваат новите тенденции и потреби на клиентите и да се развијат соодветни производи и услуги.

ПРЕПОРАЧАНО