Интервјуа

Напредокот во еднаквите шанси за жените не е револуција, туку еволуција

Интервју со Сара Лискер, претседател на меѓународната мрежа на жени претприемачи

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.

Сара Лискер е претприемач во финансиската и правната област. Таа е коосновач и управен директор на првиот холандски финансиер на судски спорови, што работи со нивно финансирање низ Европа − Лискер (liesker.com). Долгогодишното практично искуство покажало дека многу случаи со висок потенцијал не се водат поради тоа што спротивната страна е премногу силна финансиски, па потребата за спротивставување на таа социјална неправда довела до реализација на Liesker Litigation Funding. Фирмата е составена од тим на висококвалификувани поранешни адвокати и судии, секој искусен и специјализиран во својата област, а финансирањето се потпира воедно и на широка меѓународна мрежа на професионалци.
Истовремено, Сара Лискер ја основала Ceres Legal − меѓународна оперативна компанија за управување со кредити. Таа претседава со WomenSbizz, меѓународна мрежа на жени претприемачи, гостин предавач е на Универзитетот Тилбург за прекугранични судски спорови и ководител на BNR Zakendoen , холандско радиошоу поврзано со холандскиот финансиски весник.
Како директен познавач на состојбите, во нашиот разговор природно се наметнаа прашања поврзани со шансите за успех, перцепцијата на работното место и огромната празнина меѓу мажите и жените на високи позиции. Неизбежно беше да ги споредиме нашите земји, па се покажа дека некои теми се универзални, но и дека постојат разлики во проблемите кои треба да се надминат.


Кај нас, во градовите, повеќето жени одат на работа, но во руралните средини процентот на вработени жени е помал. Колкаво е учеството на женската популација во Холандија, во рамките на активното население?

С. Лискер: Холандија има добро развиен екосистем кој овозможува жените со својата работа да се вклучат во економијата. Низ целата земја, мнозинството мажи и жени на возраст од 25 до 65 години работат, ние немаме такви рурални средини како што би ги дефинирале во Македонија. Благодарение не инфраструктурата и на железницата, целата земја е лесно достапна, а патувањето до поголемите градови никогаш не е повеќе од 30 минути.
По породувањето, многу жени почнуваат со скратено работно време. Истражувањата покажаа дека тоа е поради трошоците за згрижување на децата (ако имате две или повеќе деца, потребна е приближно една плата за чување на децата), но тука се појавуваат и културолошките предрасуди. Генерално, се смета за „нормално“ жената да се грижи за децата и да го извршува поголемиот дел од домашните обврски. Владата активно ги стимулира жените да продолжат да работат со тоа што им овозможува даночни олеснувања. Постојат иницијативи кај жените, кои постепено се собираат и се борат за бесплатна грижа за децата, но тоа сè уште не е реализирано.

Колкав е процентот на жени лидери, дали се подеднакво вклучени во бизнисот како лидери, членови на управниот одбор или менаџери?

С. Лискер: Иако ова е на списокот на приоритети на Владата на Холандија, на оваа тема сè уште не е постигната еднаквост. Воведен е минимален кворум, односно задолжително е најмалку 33 % жени да бидат застапени во управниот одбор, како и во надзорниот одбор на сите компании кои котираат на берзата. По долгогодишно лобирање (главно против!), законот стапи на сила дури во 2021 година. Главниот аргумент против беше дека „нема доволно подготвени жени“ за да бидат назначени на тие позиции. Како реакција на ова, започната е национална база на податоци за подготвени жени, докажувајќи дека не е вистина дека тие не постојат. Со само 15 % застапеност во 2023 година, наместо минималните 33 % за жени во одборот на директори, патот кој треба да се изоди сè уште е долг. Сепак, морам да нагласам дека од имплементацијата на овој закон, ова е веќе значителен напредок што го постигнаа многу компании.

Традиционално, од жените се очекува да бидат мајки, да се грижат за децата. Исполнувањето на нејзините амбиции и потенцијал сè уште не е приоритет во перцепцијата на заедницата. Дали е така и во приоритетите на државните политики? Како е организиран пристапот до место во градинките? Дали има флексибилно работно време за одговорниот родител?

С. Лискер: Исто и во Холандија, ова е сè уште културолошки прифатената ситуација. Вработените кои работат за Владата, вклучително и регионално, се добро организирани што се однесува до инклузивноста и разликите − породилно отсуство за таткото, флексибилно работно време, грижа за децата на работа итн. Но, за поголемиот дел од вработените во комерцијалниот сектор е сосема спротивно. Потребно е да го регистрирате вашето уште неродено бебе што е можно поскоро за згрижување деца или нема да има место една година подоцна кога ќе ви треба. Повеќе од порано, семејствата со вработени родители се потпираат на бабите и на дедовците за дел од грижата за децата, што секако има и свои позитивни ефекти. Единственото нешто што сега е подобро прифатено во комерцијалниот сектор е флексибилното работно време бидејќи за време на пандемијата повеќето компании дозволија работење од дома. Интересно е да се истакне дека за времето на пандемијата се постигна она што не можеше да се направи со децении женско лобирање. Тоа е навистина зачудувачки, но ете, барем придонесе за еднаквоста.

Колку државата го помага женското претприемништво? Дали постојат алатки, проекти или какви било мерки за олеснување и за стимулација на жените да реализираат и да развијат сопствена бизнис-идеја, проект?

С. Лискер: Дефинитивно има поддршка за женското претприемништво од Министерството за економија и надворешни работи, неговото извршно тело RVO и холандските амбасади во странство. Луѓето кои работат на темата за унапредување на женското претприемништво се многу посветени. Во својство на претседател на WomenSbizz , холандската организација за меѓународни жени претприемачи, откривме дека со години буџетите се мали и временски ограничени. Претседателот Бајден вели: „Едноставно не можеме да си дозволиме да оставиме половина од работната сила зад себе“ и навистина е толку едноставно. Треба да се стават на располагање повеќе средства, да има подобра координација меѓу иницијативите.

Низ нашиот разговор согледавме дека некои од проблемите се универзални, но сепак, дали во Холандија се забележани искуства кои се разликуваат од европските во оваа област?
С. Лискер: Холандија е мултикултурно општество. Историски, ние сме имале многу емиграција. Со 17,5 милиони жители и десничарски ориентирана влада во последната деценија, многу големо внимание беше посветено на давање еднакви можности на емигрантите и вклучување на сите во нашето општество. Се разбира, ова е многу важно прашање. Според мое мислење, во споредба со остатокот од Северна Европа и во споредба со САД, Холандија е далеку зад економската еднаквост на жените делумно затоа што прашањето за различноста е повеќе фокусирано на емигрантите. Без намалување на фокусот врз ова прашање, навистина чувствувам дека сега е вистинскиот момент да се направат повеќе чекори кон економска еднаквост на жените, едноставно сега има поголема свест за темата и на меѓународно ниво.

Кои се тешкотиите со кои се соочуваат жените, кои пречки се статистички идентификувани?

С. Лискер: За жените претприемачи, идентификувани се три пречки. Првата, најголема пречка е ограничениот пристап до финансирање. Втората е недостатокот на менторство − жените претприемачи имаат помала вмреженост бидејќи едноставно има помалку жени кои поседуваат компанија. Третата идентификувана пречка е жените да учествуваат во трговските мисии. Трговските мисии се сметаат за огромна можност за поттикнување за развој на вашиот бизнис на меѓународно ниво. Сепак, процентот на жени кои учествуваат е многу низок. Истражувањата покажаа дека на жените им треба повеќе разбирање пред прашањето „што има тука за мене?“, додека мажите едноставно се приклучуваат на трговската мисија како можност за патување, па ќе видат што ќе излезе од тоа. Се разбира, сето ова е многу општо, постојат исклучоци, но статистички гледано овие пречки се идентификувани на неколку наврати.

Дали пристапот до финансирање е еднаков, дали има разлики во платниот список?

С. Лискер: Пристапот до финансирање, за жал, е сè освен еднаков. Имаме годишен извештај од 2019 година за износот на финансирање што оди во холандските компании, известувајќи и за полот. Во последниот достапен извештај, тој од 2022 година, за жал се покажа дека само 1 % од целокупното расположливо финансирање се доделува на компании водени од жени. Дополнителни 9 % од финансирањето беа доделени на компании со инклузивен менаџерски тим, a 90 % од финансирањето оди на компании водени од мажи.
Ова е навистина зачудувачки, особено ако се земе предвид дека една неодамнешна студија на ABN AMRO Bank , една од најголемите институционални банки во Холандија, покажа дека 25 % од компаниите со годишен обрт од повеќе од 1 милион евра се водени од жени. Тоа значи дека четвртина од холандските средно големи компании добиваат само еден процент од целокупното расположливо финансирање. Од друга страна, ова е огромно достигнување за жените претприемачи. Иако немаат доволен пристап до финансии, тие се способни да ја развијат својата компанија и да обезбедат бројни вработувања. Замислете колку побрзо би растела економијата ако навистина го израмниме полето за игра!
Што се однесува до вработувањето на жените, во Холандија сè уште има разлика во платите од 13 %. Ова повторно беше пријавено во септември 2023 година и се ажурира секоја година. Незаконски е да се дискриминира во платите врз основа на пол, но сепак тоа е реалноста. Постојат креативни иницијативи во борба против тоа, како кампања која ги повикува жените на акција да престанат да работат од 15 ноември до крајот на годината бидејќи не добиваат плата за последниот месец и половина од годината. Во реалноста, тоа е длабоко вкоренет феномен, тежок за борба.

Какви се вашите впечатоци од конференцијата во Приштина?

С. Лискер: Имав чест да бидам поканета да зборувам на регионална конференција организирана од Амбасадата на Холандија, од Г7 и од УСАИД, во Приштина. Зборував за унапредување на женското претприемништво и бев искрено импресионирана од тоа колку жени претприемачи беа претставени и од квалитетот на нивните бизниси. Објаснив колку истражувањата во Холандија и во Европа покажаа одново и одново дека главната причина за моментално сè уште постоечката нееднаквост е подсвесната пристрасност, која е присутна кај сите. Ние луѓето, во дел од секундата правиме анализа на другите врз основа на тоа во каков сооднос сме со нив или не. Во свет како Европа, во кој доминираат мажи белци, за да се направи порамноправна економија потребна е промена на системот, вистинска културна промена. Сите − мажи и жени, треба да прифатат дека се несвесно пристрасни. Штом ќе станете свесни за оваа пристрасност во себе, можете да почнете да се коригирате.

Две лични прашања. Дали верувате во „бебешки чекори“ и какво е вашето искуство за солидарноста меѓу жените?

С. Лискер: Унапредувањето на еднаквите шанси за жените не е револуција, туку еволуција. Причините за нееднаквостите се толку длабоко врежани во нашите култури, што дефинитивно верувам дека тоа е процес на бебешки чекори. Ова не е секогаш лесно да се прифати за мојот нетрпелив претприемачки карактер.
Порано бев внимателна кога зборував за ова, верував дека би било подобро за мојата кариера да функционира според поговорката „Ако не можете да ги победите, придружете им се“. Сега верувам дека штом сте на место во кариерата каде што сте помалку зависни од другите, како жена имате морална обврска да го вратите лифтот назад. Сега активно зборувам за овие теми со цел да се подобри системот за помладите жени. Исто така се надевам дека ќе ги инспирирам никогаш да не престанат да се занимаваат со сопствената кариера: бидете силни и подготвени кога вашите деца се мали, подоцна ќе бидете повеќе од наградени. Кога се роди мојот најстар син, јас работев со скратено работно време, ова беше личен избор што го направив како млада мајка. За мене тоа функционираше прекрасно и успеав да изградам сопствена компанија и да ги одгледам моите три деца. Со ова сакам да нагласам дека ја познавам борбата за баланс меѓу работата и приватниот живот, но тоа не е или/или одлука. Можете да ги имате и двете!


Разговараше: Лидија Георгиева

 

ПРЕПОРАЧАНО