Интервјуа

Суџубаши: И во услови на продолжена криза Халкбанк повторно испорача позитивни резултати во секој домен

Мега интервју со Билал Суџубаши | Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.

„Во 2023 година најголем предизвик за банкарскиот сектор беше продолжувањето на мерките за намалување на инфлацијата која ’беснееше‘ ланската година. Иако и годинава се продолжи со затегнување на монетарната политика и раст на основните каматни стапки, банкарскиот сектор во целина и во кризните времиња ја потврди својата стабилност и сигурност“, вели Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк. Со него зборуваме за економското милје во кое се работеше годинава, за перспективите за наредниот период, но и за економската соработка меѓу Турција и Северна Македонија и секако за работењето на банката која, освен што перманентно испорачува одлични резултати, е исклучително активна на полето на општествената одговорност. 


Господине Суџубаши, вие сте на чело на Халкбанк Скопје која е дел од групацијата Халкбанк. Кажете ни малку повеќе за групацијата, вклучително и за нејзините стратешки цели.

Б. Суџубаши: Халкбанк Туркије годинава одбележува голем јубилеј – 85 години постоење. Банката, која со работа започна во 1938 година, во изминативе над осум децении претрпе низа трансформации и реорганизации за да стигне до денешната позиција на една од водечките банкарски институции не само во Туркије туку и во регионов.
Халкбанк АД Туркије според вкупната актива е на четврто, според кредити на трето и според депозити на второ место во Туркије. Банката, која од своето основање во 1938 година е еден од најголемите поддржувачи на еснафи, на занаетчии и на мали и средни претпријатија, е лидер на МСП банкарство во Туркије со удел на пазарот од 20 %.
Денес Халкбанк која има над 23 000 вработени е профитабилна институција со лидерска позиција во секторот и работи според современи банкарски принципи и правила за комерцијално банкарство, со високооперативен банкарски пристап кон клиентите, создавајќи значајна додадена вредност за економијата на земјата.
Од 2011 година Халкбанк е присутна и во Северна Македонија, каде што успеа како најбрзорастечка банка да прерасне во силен бренд и да влезе во групата на системски важни банки и една од големата банкарска петорка.
А кога зборуваме за целите, од 2011 година, откако на македонскиот пазар работиме како Халкбанк, нашата стратегија е да станеме една од најголемите банки во земјата. Затоа се трудиме да креираме производи прилагодени на потребите на корисниците и да бидеме лидери во понуда на производи базирани на новите технологии, што ќе помогне секогаш да бидеме прв избор на клиентите.

Како ја оценувате досегашната соработка меѓу македонската и турската економија? Што може да се направи за таа да се продлабочи во иднина и колку во тоа може да помогне Халкбанк?

Б. Суџубаши: Македонија за Туркије секогаш била во сферата на интерес бидејќи двете земји отсекогаш граделе и развивале блиски односи како на политички така и на економски план. Блиските односи и силната соработка меѓу двете држави произлегуваат од заедничката историја и култура. Туркије е првата држава што ја призна државата со нејзиното уставно име. Таа е и првата држава по осамостојувањето на Македонија што именуваше амбасадор во Скопје.
Блискоста резултираше и со големи инвестиции на турски компании и Туркије денес е најголем инвеститор во Северна Македонија од земјите надвор од ЕУ. Растот на инвестициите е евидентен особено последниве години. Имено, од 1997 до 2017 година, од Туркије во Северна Македонија имаат влезено 252,3 милиони евра странски директни инвестиции (СДИ), а од 2018 до 2022 година – дури 267 милиони евра. Само ланската година СДИ беа над 60 милиони евра.
Трговската размена меѓу двете земји исто така е во постојан раст. Таа веќе надмина една милијарда долари. Лани само до ноември достигна 945 милиони долари, што претставуваше раст од 35,8 % во однос на истиот период од 2021 година.
Турските компании во Северна Македонија работат во сектори како што се: банкарство, градежништво, здравство, управување со аеродроми, образование, текстилна индустрија, млеко и млечни производи, осигурување, хотелски менаџмент, туризам и друго.
Кога станува збор за инвестициите, би ги споменал само оние поголемите како ТАВ, Џевахир холдинг, Лимак холдинг, Аџибадем груп, Халкбанк, Рамстор, Суташ, Европска очна клиника и други.

На крајот сме од 2023 година. Како ја оценувате годинава од аспект на остварувањата на Халкбанк Скопје?

Б. Суџубаши: Годинава што измина беше уште една година исполнета со предизвици како продолжение на ланската година, кога економската криза го зафати целиот свет поради руско-украинскиот конфликт. Но, ако лани имавме недостиг на енергенти и храна, зголемување на цените и енормна инфлација, годинава економските текови почнаа полека да се стабилизираат.
Иако се продолжи со затегнување на монетарната политика на централните банки со цел намалување на инфлацијата, а истите чекори ги следеше и Народна банка на РСМ, сепак, банкарскиот сектор во целина и во кризните времиња ги потврди својата стабилност и сигурност.
Што се однесува до Халкбанк, ние и годинава испорачавме позитивни резултати во секој домен. Според резултатите остварени заклучно со октомври, забележавме значаен резултат во однос на депозитната база, која надмина една милијарда евра, од кои 940 милиони евра се депозити на клиенти − правни и физички лица кои се зголемија во однос на истиот период лани за 147 милиони евра. Притоа депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 55 милиони евра, а на населението – за дури 92 милиони евра. Причина за ваквиот раст во делот на компаниите е веројатно „задршката“ од поголеми трошоци поради кризата која носи неизвесност, додека во сегментот на население на атрактивните депозитни производи, со атрактивни каматни стапки, кои ги понудивме на пазарот.
Во делот на кредитирањето, и во услови на затегната монетарна политика, имаме пораст од над 93 милиони евра. Ова најмногу се должи на корпоративниот сектор каде што имавме зголемување на кредитирањето во висина од речиси 97 милиони евра. Кога зборуваме за правните лица, раст на кредитирањето има кај сите големини на компании. Најголем, секако, е во сегментот на големите компании, но пораст има и кај средните, малите и микро фирми. Кај населението имаме намалување на кредитирањето, што е и можеби очекувано со оглед на мерките и целите на централната банка за намалување на инфлацијата.
Нашата актива со вкалкулираниот пораст сега веќе изнесува 1,4 милијарди евра. Нашиот нето-профит, заклучно со октомври 2023 година, изнесува 18,5 милиони евра. Сето ова го потврдува фактот дека Халкбанк е силен бренд и сигурна и стабилна банка.

Дали зголеменото ниво на каматните стапки ќе започне да се одразува на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот сектор? Какви се вашите очекувања за наредниот период?

Б. Суџубаши: Банкарскиот сектор во Северна Македонија е стабилен, висококапитализиран и ликвиден, со многу заштитни нивоа и контролиран од Народната банка и очекуваме без поголеми последици да го пребродиме овој турбулентен период.
Кај нас има мали промени на ниво на целиот сектор. Но, не во поглед на висината на вкупните нефункционални кредити, туку во однос на тоа за какви кредити се работи. Ланската година секторот ја заврши со ниво на нефункционални кредити од 2,9 %, а толку имавме и во првото полугодие од годинава, од кои нефункционални кредити на фирмите изнесуваат 3,9 %, а на граѓаните 1,9 %. Сепак, најголем процентуален раст на вакви кредити има за купување стан и деловен простор и овој раст на крајот на јуни изнесуваше 7,5 %.
Минатата година Халкбанк имаше ниво на ненаплатени долгови под просекот во секторот и изнесуваа 1,47 %. И годинава немаме поголеми поместувања во тој поглед. Но, секако, како банка многу сме внимателни.

Едно од најактуелните прашања за приватниот бизнис-сектор во земјава е недостигот на работна сила. Како стои Халкбанк по тоа прашање?

Б. Суџубаши: Факт е дека одливот на млади од државата во последниов период е во драстичен пораст. Основна причина за нивно заминување е можноста за поголема заработка. Но, ако се слушаат и се читаат коментарите на младите кои заминуваат, се гледа дека влијае и несредената политичка и економска состојба во земјата, корупцијата, непотизмот, нефункционирање на системот во многу сегменти, поради што имаат чувство на неперспективност.
Затоа, за да се задржат младите, не треба да се мисли дека ќе биде доволно само да се зголемат личните доходи. Потребни се системски мерки и промени. Ова не се однесува само за Северна Македонија, туку и за целиот Балкански Регион. И за Туркије исто така.
Ние во Халкбанк се трудиме на нашите вработени да им покажеме дека ни се важни бидејќи за нас навистина најголемата вредност се нашите вработени. Тие се нашите бренд амбасадори кои преку секојдневен контакт со клиентите ја шират мисијата на банката и придонесуваат за правилно запознавање на клиентите со вредностите на банката и нејзините заложби. Нашите вработените се тука за финансиска и советодавна поддршка за клиентите при изборот на вистинските производи за нивните моментални потреби, но се и дел од сите наши општествено одговорни практики. Нивниот придонес и нивното задоволство е најзначајно за нас бидејќи тие се оние кои во сржта ги разбираат нашата мисија, нашата стратегија и нашата методологија и кои на најдобар начин можат да ги пренесат и да бидат позитивен пример за останатиот дел од општеството.
Поради важноста која ја посветуваме на вработените, веруваме дека Халкбанк е посакуван работодавач и посакувано место за развивање на професионалната кариера. Секако, и во наредниот период ќе продолжиме тоа да бидеме бидејќи само така можат да се привлечат нови вработени. Во моментов имаме бројка од 800 вработени и оваа бројка, секако, ќе расте заедно со зголемувањето и растот на банката.

Веќе неколку години спроведувате и повеќе екопрактики кои се во насока на заштита на природата. Која е целта на овие активности?

Б. Суџубаши: Основна цел, секако, е давање директен придонес во насока на зголемување на зеленилото и заштита на природата, но од друга страна и подигање на свеста за потребата на сите поединци и чинители во општеството да се грижат за природната средина, но и да негуваат здрави животни навики.
Ние сме навистина горди што Халкбанк во државата е препознаена како еко ориентирана банка која спроведува низа акции како свој придонес за заштита на животната средина.
Уште во октомври 2019 година ја креиравме мобилната апликација ХалкЕко со која, со низа подароци и бенефиции, ги мотивираме граѓаните да пешачат, да трчаат или да возат велосипед. За возврат, Халкбанк презеде обврска за секои 80 километри поминати во овие активности, како кумулативна активност на сите корисници на апликацијата, да засадува дрвја. Досега, на овој начин, емисијата на CO2 е намалена за речиси 460 000 кг. Имаме речиси 10 000 корисници на апликацијата на кои, како благодарност што придонесуваат за заштита на природата, им доделивме преку 4 700 подароци.
Меѓутоа, ХалкЕко денес не е само апликација, туку прерасна во платформа во чии рамки реализираме и други проекти за поттикнување здрави животни навики и заштита на природата. Од првата акција за садење одржана во октомври 2019 година, во повеќе наврати засадени беа над 33 000 дрвја низ државата, меѓу кои 6 000 во Велес над езерото Младост, потоа 15 000 во околината на Свети Николе, околу 3 000 садници во реонот меѓу Битола и Демир Хисар, но и во многу други градови и во училишните дворови во: Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево и Богданци и други. Деновиве имавме нова акција во Беровско, на површини кои беа соголени со пожарите кои беа активни последните години, при што се засадени 15 000 нови дрвја.
Во рамките на платформата ХалкЕко реализираме и други проекти – од реновирање на мостовите во новиот дел од Градски парк во Скопје, преку уредување Зелени агли во ТЦ Лептокарија во Скопје и во Гостивар, изградба на зелени покриви на автобуски постојки итн. И, секако, тука се и низа спортски настани на кои како спонзор, покровител или организатор се јавува токму ХалкЕко платформата на Халкбанк.
Нашите цели за зголемување на шумскиот фонд како предуслов за почиста животна средина ќе продолжат и во иднина. Неодамна имавме средба со министерот за шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на која најавивме дека ќе реализираме голема петгодишна донација од 1 000 000 садници за пошумување на земјата во региони каде што е тоа потребно.

Што е она во понудата на Халкбанк за потенцијалните клиенти што посебно би сакале да го истакнете, без разлика дали се работи за можностите за штедење или за можностите за добивање заем?

Б. Суџубаши: Стратешката ориентираност на Халкбанк е да понуди на пазарот најразлични производи според барањата и потребите на клиентите, и тоа по најдобри услови. Неодамна извршивме намалување на каматните стапки на потрошувачкиот и хипотекарниот кредит наменети за физички лица и понудивме атрактивни услови за станбениот кредит. Овие услови ќе важат во промотивен период до 31 декември 2023 година. Станува збор за кредити што вообичаено се најбарани од населението и токму затоа банката одлучи да понуди подобри услови со цел да им излезе на граѓаните во пресрет. Потрошувачкиот кредит во овој период е со фиксна каматна стапка од 5,7 % за првите 2 години и со овој производ максималниот износ кој може да се добие, во зависност од кредитоспособноста на клиентот, е 1 500 000 денари, а максималниот рок на отплата е 120 месеци.
Кај хипотекарниот кредит каматната стапка сега изнесува 5,3 %, фиксна за првите 3 години. Кредитот е со максимален износ од 18 450 000 денари и рок на отплата до 20 години. Станбениот кредит кој, исто така е еден од најбараните производи на Халкбанк поради атрактивните услови кои се нудат, е со фиксна каматна стапка од 3,5 % за првите 5 години или 3,85 % за првите 10 години.
Во овој момент би ги истакнал нашите промо потрошувчки кредит и промо депозитот кои се со најатрактивни услови на пазарот. Промо потрошувачкиот кредит е со каматна стапка од 5,4 %, фиксна за целиот, максимален период од 10 години. Клиентите во банката можат да аплицираат за износ на средства до 25 000 евра, а рокот на отплата е до 120 месеци. Кредитот е без трошоци за обработка на барањата. Промо депозитот, пак, нуди можност за орочување на средствата на 13, 25 и 36 месеци, а каматата е фиксна и изнесува 3,30, 3,80 и 3,90 % за орочување во денари, односно 2,30, 2,80 и 3 % за орочување во евра.
Секако, би сакал да споменам дека ние како банка сме лидери во воведување услуги базирани на новите технологии. Па така, први на пазарот креиравме и онлајн кредит и онлајн депозит за кои аплицирањето и одобрувањето е целосно онлајн, по брза и едноставна постапка, без потреба од посетување на некоја филијала.
Во духот на денешните дигитални трендови неодамна ја воведовме новата функционалност − електронско ажурирање на податоците преку мобилен телефон со користење на апликацијата OneID.

Халкбанк е активна и на полето на корпоративната општествена одговорност. Кои активности на тој план ве прават особено горди?

Б. Суџубаши: Деловен императив на Халкбанк АД Скопје е висока свест за корпоративната општествена одговорност. Впрочем, основна филозофија на нашата матична банка е преку корпоративна одговорност да се поддржува заедницата во која дејствуваме. И ние оваа филозофија максимално се трудиме да ја реализираме во Северна Македонија. Халкбанк, чие основно мото е „Важни се луѓето“, е препознатлива во земјава како општествено одговорна компанија која е посветена кон зголемување на општото добро за луѓето и за општеството. Оттаму, од почеток на работата на македонскиот пазар под ова име, ние перманентно даваме поддршка на заедницата, поддржувајќи како општествени активности така и други активности од областа на: спортот, културата, образованието, заштита на животната средина и друго.
Секако, посебно горди нè прават активностите кои се реализираат преку платформата ХалкЕко кои и придонесоа Халкбанк на македонскиот пазар да е препознаена како еко ориентирана банка.
Кога сме кај поддршка на здрав начин на живот, ние сме поддржувачи и на низа спортски активности, низа трки и натпревари, а исто така како банка сме организатори и на хронометар велосипедската трка ХалкВелоГрин, која се одржува традиционално во Маврово за 8 Септември и која наидува на голем одѕив како на професионални велосипедисти така и на аматери, вљубеници во велосипедизмот.
Покрај оваа, да речам зелена агенда, нашите глобални планови за општествена одговорност се одвиваат во рамките на неколку платформи – веќе споменатата ХалкЕко, но и неколку други − Халки која е насочена кон поддршка за најмладите во делот на образованието и едукацијата и нашата платформа Чуварите на мудроста во чиј фокус е постарата генерација − онаа од која можеме да научиме многу...
Посебно внимание посветуваме и на поддршката на жените претприемачи со цел постигнување поголема родова еднаквост бидејќи првиот чекор кон рамноправност и самостојност на жените е финансиската независност. Затоа подготвивме кампања со која се надеваме дека барем малку ќе помогнеме, дека ќе ги охрабриме жените финансиски да се осамостојат и дека ќе влијаеме на подигање на свеста за тоа дека економски развиток не е можен доколку огромен дел од населението не може целосно да придонесе за тоа.
Како дел од нашата интегрирана платформа за поддршка на жените во земјата е бизнис-пакетот што нуди поголеми можности и олеснети услови за жените претприемачи. Овој производ кој го нарековме Пакет за жени е наменет за микро, мали и средни претпријатија каде што доминантни основачи или сопственици се жени, односно кога основачи се правни лица, крајниот доминантен сопственик да е жена или повеќе жени.
Овој пакет нуди низа погодности како можност за добивање кредитни средства за основни и обртни средства во висина до 30 000 евра со рок на отплата до 60 месеци, со најповолна фиксна каматна стапка за кредитите до 12 месеци. Истовремено со тоа како подарок се добива и годишна полиса за патничко осигурување со покриеност до 30 дена издадена од Халк осигурување.
Пакетот истовремено носи и низа други бенефиции како бесплатно водење на сметката, пониски провизии за денарски платен промет и за плаќање налози преку е-банк, без месечен трошок за електронско банкарство и бесплатна изработка на ЛИБ за активација, деловна мастеркард дебитна картичка без надоместок за издавање и намален трошок за 50 % на годишна членарина, потоа 30 % зголемени каматни стапки за депозити за правни лица, како и еднократен попуст од 15 % за каско, домаќинско и патничко осигурување. Секако, тука се и едноставната и брзата процедура при одобрување на кредитната изложеност, но и промотивните услови за целокупната банкарска палета на производи и на услуги.
Покрај ова имаме многу други акции за поддршка на културни настани, поддршка на младите, студентите, но и на дигитализацијата.
Меѓутоа, сакам да нагласам дека многу од нашите поддршки за различни настани, било спортски, културни, еколошки или хуманитарни се реализираат тековно, во согласност со случувањата во општеството и пошироко. Еве на пример, катастрофалниот земјотрес што се случи на почетокот на годинава во Туркије и кој однесе илјадници животи, а стотици илјади луѓе остави без покрив над главата нè поттикна, како што впрочем направија и Владата, многу други компании, невладини организации и граѓани, да помогнеме. Затоа и донесовме одлука да донираме 500 000 евра за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Туркије. Заедно со членките на МАТТО со собраните донации финансиравме изградба на училиште во градот Малатија, кој беше еден од најпогодените во земјотресот, кое ќе го носи името „Северна Македонија“. За училиште се одлучивме бидејќи тоа претставува трајна вредност и секогаш ќе потсетува на пријателството меѓу македонскиот и турскиот народ и позитивно ќе влијание врз животите на безброј млади и ќе обезбеди посветла иднина за жителите на Малатија.

За крај и едно лично прашање. Во земјава живеете и работите веќе извесен број години. Што е она од живеењето тука што ви остава посебен впечаток, позитивен или негативен?

Б. Суџубаши: Во Северна Македонија секој кој доаѓа од Туркије лесно може да се чувствува „како дома“. Причината за тоа е што двете земји имаат долга традиција на пријателство и долга заедничка историја која остави многу траги. Би ја споменал кујната, која е важна за секој странец кога ќе дојде во некоја земја, а која е многу слична.
Македонскиот народ е гостопримлив и секогаш подготвен да помогне.
Освен тоа, во земјата има турско малцинство, но со оглед на многу турски инвестиции има и многу луѓе кои исто како и јас и моето семејство овде се со години, што дава можност никогаш да не се чувствуваш како странец.
Секако, Северна Македонија има и многу убавини кои е добро да се истражуваат, убавите езера и планини, убави предели, многу историски споменици и богато културно наследство.
И затоа, сето ова прави овде да е лесно и да се работи и убаво да се живее.

Ви благодарам за интервјуто.

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано