Интервјуа

Пасхос: Квалитетот на горивата е наш главен приоритет

Мега интервју со Димитриос Пасхос | Главен извршен директор на ОКТА АД – Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Причината за ова интервју е 45-годишнината на ОКТА. Ќе зборуваме за резултатите на компанијата, но да почнеме со нешто што е подеднакво важно − нејзината општествено одговорна улога. Кажете ни малку повеќе за тоа.

Д. Пасхос: Горди сме на овој важен момент од постоењето на компанијата. Четириесет и петгодишниот јубилеј е доказ за нашите цврсти заложби кои нè водеа низ годините кон поодржлива и одговорна иднина.
Гледајќи наназад кон она што успеавме да го постигнеме како компанија, нашата улога како општествено одговорен чинител добива уште поголемо значење, прераснувајќи во еден од главните аспекти на нашата деловна стратегија. Имајќи предвид дека сме една од најголемите компании во земјава, свесни сме дека со нашите ресурси и работна сила можеме да обезбедиме суштинска поддршка и позитивно да влијаеме во општествово. Низ годините презедовме бројни иницијативи кои имаат цел да придонесат за благосостојбата на заедницата во која работиме.
Во текот на 2023 година, во нашиот фокус беа проекти насочени кон поддршка на образовните институции во земјава преку донација на покривни фотоволтаични системи. Овие донации не само што ја одразуваат деловната стратегија на ОКТА за енергетска трансформација и инвестиции во обновливите извори на енергија туку и претставуваат директен одговор на предизвиците што ги носи тековната енергетска криза која го погоди целово општество. Во рамките на нашите донаторски активности во делот на обновлива енергија, до крајот на годинава во кампусот на УКИМ ќе бидат донирани соларен полнач и паркинг за велосипеди кој, преку награден конкурс, го дизајнираа студентите од техничките факултети.
Образованието е еден од главните столбови во стратегијата за општествена одговорност на ОКТА, а наша цел е да вложуваме во идните генерации, особено во млади и талентирани студенти кои ја претставуваат иднината на земјава. Во тој контекст, посветени сме кон негување на нивниот потенцијал и создавање можности за нивен раст и развој, што го постигнуваме преку обезбедување стипендии и обемна практикантска програма.
Безбедноста на патиштата е нашата цврста определба бидејќи повеќе од 6 години преку нашата програма „Јас внимавам“ вложуваме во различни иницијативи кои веруваме дека ќе придонесат кон воспоставување одржлива култура за побезбеден сообраќај.
Вработените во ОКТА играат клучна улога во сите овие активности. Препознавајќи го позитивното влијание што можат да го направат за заедницата, нашите вработени многу често преземаат доброволни иницијативи и активно учествуваат во хуманитарни акции.
Посветеноста спрема општествената одговорност е длабоко вградена во нашата корпоративна стратегија и ќе продолжи да биде основна вредност додека се движиме по патот на раст и развој, обезбедувајќи придобивки за нашите вработени, за потрошувачите и за целово општество.

Донација од ОКТА - фотоволтаична централа за градинката „Пепелашка“ во општина Центар

Што би издвоиле од досегашната историја на ОКТА? Какви се моменталните резултати на компанијата?

Д. Пасхос: Многу е тешко да се избере само еден сегмент. Од самиот почеток ОКТА претставува столб во снабдувањето на земјава со гориво. На крајот на 20 век започнува како рафинерија сопственост на државава, во 1999 година компанијата стана членка на Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY), една од најголемите енергетски групации во регионов. Направени се значителни инвестиции за надградба и модернизација на инсталациите и за исполнување на најновите стандарди за заштита на животната средина. Како одговор на динамичното опкружување, во 2013 година, ОКТА се трансформираше во логистичка и трговска компанија ориентирана кон клиентите, обезбедувајќи непречено и сигурно снабдување со гориво во земјава. Денес ОКТА е најголемиот големопродажен субјект во земјава со свое значително присуство и на косовскиот пазар.
Искористувајќи ги предностите на нашиот обемен капацитет за складирање и за интегрирана логистика, со текот на годините успеавме да обезбедиме непречено снабдување на локалниот пазар со висококвалитетни горива, дури и во време на глобални кризи како ковид и енергетската криза низ кои поминаа нашава земја и светот во последниве неколку години.
Секако, не треба да заборавам да споменам уште еден значаен настан за ОКТА. Во 2018 година започнавме со работа на пазарот на обновливи извори на енергија, по добивањето лиценца за снабдување со електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Истата година две фотоволтаични централи беа приклучени на мрежата. Со цел да се прошири во оваа област, ОКТА беше меѓу првите трговци кои се приклучија на неодамна отворената берза на електрична енергија. Нашата одлука да ги зголемиме инвестициите во обновлива енергија резултираа со иницирање на процесот за изградба на фотоволтаична централа на сопствен имот, со вкупна инсталирана моќност од 12 MW.
Со внимателно управување успеавме да одржиме профитабилно работење, да се рангираме меѓу најголемите даночни обврзници во земјава и да инвестираме во развојот на нашиот најзначаен капитал − нашите вработени − притоа придонесувајќи за заедницата онаму каде што има потреба преку бројни програми за корпоративна општествена одговорност.

Гледајќи кон иднината, ОКТА ја следи развојната стратегија на Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY), групацијата на која ѝ припаѓа. Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) започна интензивно да го менува бизнис-моделот во согласност со светските трендови за енергетска транзиција кон обновливи извори. Како ОКТА се вклопува во оваа стратегија на групацијата?

Д. Пасхос: Неодамна Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY), водечка групација во регионов во енергетскиот сектор, направи стратешка трансформација станувајќи интегрирана групација за производство и продажба на сите современи форми на енергија и развој на нови деловни активности, со акцент на обновливите извори на енергија. ОКТА беше меѓу првите членки на групацијата што ја прифати нејзината стратешка насока кон обновливи извори на енергија и енергетската транзиција. Како што веќе споменав, започнувајќи од 2018 година, постепено почнавме да го диверзифицираме нашето портфолио со инвестирање во почисти форми на енергија во соработка со деловни партнери. Оваа година веќе го започнавме процесот на изградба на фотоволтаичен парк со вкупно инсталирана моќност од 12 MW на сопствено земјиште, како еден од најголемите проекти со двострани фотоволтаични панели во земјава. Оваа инвестиција ќе има особено поволно влијание и на финансиските резултати на компанијата, но и на енергетскиот микс на земјава бидејќи ќе ги замени скапите набавки на енергија. Фотоволтаичната централа е дизајнирана да генерира годишно околу 17,5 GWh обновлива енергија, која постепено ќе ја покрие целокупната сопствена потрошувачка на електрична енергија на ОКТА, а во исто време ќе обезбедува енергија и за комерцијална продажба.

Ова се скапи развојни процеси. Какви инвестиции прави ОКТА за својот долгорочен развој?

Д. Пасхос: Нашето успешно работење овозможи финансирање на овие, но и на други потенцијални идни можности за инвестиции во обновливи извори на енергија. Како што веќе истакнав, го започнавме процесот на изградба на 12 MW фотоволтаична централа; исто така планираме да продолжиме со партнерствата со клиентите за инсталирање на покривни фотоволтаични системи, а ќе ги направиме и нашите први чекори во инсталирање електрични полначи на бензинските пумпи за опслужување на потребите на електричните возила.
Се разбира, инвестирањето во обновливи извори може да поттикне интерес и за инвестиции во батерии за складирање енергија, што ќе ни обезбедат опции за најефикасно искористување на создадената енергија од нашите постројки. Но, да не го занемариме фактот дека трговијата со горива − која ќе биде од клучна важност уште многу години − останува наша примарна активност.

Како ја оценувате моменталната состојба на домашниот енергетски пазар, со акцент на течните горива? Во тие рамки, каква е пазарната позиција на ОКТА?

Д. Пасхос: Домашниот енергетски пазар е турбулентен, како последица на енергетската криза низ која минува светов во последниве години. Ние бевме едни од првите кои инвестиравме во обновливи извори во 2018 година и, како што веќе беше спомнато, дополнително ги унапредуваме нашите инвестиции на тоа поле, подобрувајќи го домашното производство на електрична енергија.
Неодамнешните геополитички тензии, санкциите врз увозот на руски горива и енергетската криза ја отежнаа достапноста на снабдувањето со горива во светот. ОКТА успеа да обезбеди непречено снабдување со гориво во земјава, помагајќи да ја осигури нејзината енергетска безбедност, како и работата на енергетските централи и покрај регионалниот недостиг во снабдувањето.
Стабилноста во снабдувањето што ја гарантира нашава групација дури и во овие турбулентни времиња ѝ овозможи на ОКТА да ја зацврсти и дополнително да ја прошири својата лидерска позиција на пазарите во Република Северна Македонија и во Косово.

Покрај цената, една од најважните работи за корисниците на течно гориво е квалитетот на горивата што ги купуваат. ОКТА има своја посебна програма за проверка на квалитетот и на количината на горивата – ГАРАНЦИЈА НА ОКТА − која се спроведува веќе неколку години. Кажете ни малку повеќе за тоа.

Д. Пасхос: Програмата Гаранција на ОКТА е доказ за нашата посветеност спрема квалитетот и транспарентноста. Како лидери во индустријата, со нашата голема експертиза, напредна инфраструктура и ригорозни процедури и протоколи, квалитетот на горивото е наш главен приоритет. Програмата со својот холистички пристап го гарантира квалитетот на горивата што ги нудиме на пазарот, низ целиот синџир на снабдување, почнувајќи од рафинеријата во Грција, каде што горивата се произведуваат до моментот кога ќе стигнат до крајните потрошувачи на бензинските станици со брендот ОКТА. Со примена на дополнителни контроли покрај законски утврдените, програмата е дизајнирана да ги заштити нашите потрошувачи од нелојална конкуренција. Затоа, во соработка со Машинскиот факултет во Скопје, веќе осум години последователно ја спроведуваме програмата Гаранција, гарантирајќи ги квалитетот и количината на горивата на нашите потрошувачи. Сега знаат дека знакот „Проверено“ е потврда дека контролата е направена до последна капка.

Гледајќи глобално, достапноста и цените на енергијата, без разлика на видот, остануваат многу важни фактори од кои зависи развојот на светската економија. Светот геополитички се менува, се применуваат економски санкции итн. Иако растот на светската економија е повеќе од скромен, каква што треба да биде и побарувачката на пазарот, сепак цената на суровата нафта значително се зголеми и остана на високо ниво. Што ќе се случува на меѓународниот енергетски пазар?

Д. Пасхос: Сигурно е дека геополитичките тензии од секаков вид имаат ефект врз економиите на регионално, па дури и на глобално ниво. Ова се случува преку ограничувања во снабдувањето со фосилни горива предизвикани од релевантни одлуки или санкции; такви примери се актуелната криза во Украина и неодамна во Израел, кои резултираат со зголемување на цената на суровата нафта. Овие тензии ги изложуваат на ризик изгледите за економски раст и предизвикуваат инфлација што доведува до намалена побарувачка. Сепак, постојат многу параметри кои влијаат на меѓународните цени на суровата нафта да бидат непредвидливи, сето останато би било само шпекулација.
Под овие околности ОКТА е во предност со фактот дека сме членка на една од најголемите енергетски групации во Југоисточна Европа, а со тоа имаме можност да го гарантираме целокупното снабдување со гориво за покривање на потребите на земјава, поддржувајќи ги локалните бизниси и економијата во целина.

Како сето ова ќе се одрази на домашниот енергетски пазар? Во која насока би се движел неговиот развој во блиска иднина? Што треба да очекуваме?

Д. Пасхос: Тешко е да се шпекулира за случувањата на енергетскиот пазар. Тековните санкции врз руските фосилни горива и ефектите од настанатата криза ќе продолжат да влијаат на снабдувањето со горива и на енергетскиот пазар во регионов.
Исто така сигурно е дека инвестициите во обновливите извори на енергија ќе продолжат агресивно помагајќи ѝ на земјава да ги исполни своите енергетски цели и да ја намали својата енергетска зависност.
Ние ќе продолжиме да ѝ помагаме на земјава да ги исполни барањата за снабдување со гориво, истовремено зголемувајќи го нејзиното влијание во обновливи извори, како и во постигнување на нејзините цели во делот на обновливата енергија.

Еден од клучните предизвици на домашниот пазар е недостатокот на стручен и технички кадар на пазарот на трудот. Како ОКТА гледа на ова и како се справува со овој сериозен предизвик?

Д. Пасхос: Одливот на млад и квалификуван кадар е и ќе остане еден од најголемите идни предизвици за економијата што ќе влијае на нејзините изгледи за раст.
Ова е нешто со кое се соочуваме во сите наши обиди за вработување, особено кога станува збор за технички персонал. ОКТА се обидува да се справи со овој предизвик преку партнерство со локалните универзитети, настојувајќи да ги поддржи студентите преку стипендии и практикантство, давајќи им можност да стекнат значајно искуство кое ќе им помогне да ги завршат студиите и да продолжат со работа во една од најголемите компании во земјава. На нашите вработени им нудиме стимулативна работна средина, која истовремено е предизвик, но и можност за исполнување на нивните очекувања, овозможувајќи им развој на професионалните вештини и напредок во рамките на организацијата.

Како ја гледате улогата на државава во процесот на енергетската транзиција кон обновливи извори? Што може таа да направи за да го олесни и да го забрза процесот? Какви се искуствата, на пример, од Грција и другите земји во кои Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) има деловни активности?

Д. Пасхос: Се чини дека земјава се обидува да ги достигне другите земји во регионот во однос на енергетската транзиција. Исто така, како земја кандидатка, за Европската Унија има одредени обврски во однос на намалувањето на емисиите на стакленичките гасови, односно намалување на учеството на јагленот во производството на електрична енергија. Во таа насока, особено во последниве 2 години, сведоци сме на големиот наплив на инвестиции во фотоволтаични централи, но во последно време забележуваме и проекти за хидроцентрали.
Постојат различни начини со кои државните институции можат да го помогнат процесот на енергетска транзиција да биде полесен и побрз, меѓу кои најважно е да се забрзаат сите процедури за неопходните дозволи и согласности за енергетските проекти. Така нема да има проекти кои се во застој со месеци, чекајќи на потребните дозволи за да може да продолжат со изградба или да се приклучат на мрежата.
Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) е многу активна во проекти за енергетска транзиција како во Грција така и во странство. Годинава групацијата започна големи фотоволтаични проекти во Кипар и во Романија, а за Грција може да се потенцира неодамнешното учество во државни тендери за инвестиции во големи батериски системи.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО