Анализи

Анализа на кредити дадени на физички лица за првите шест месеци од 2023 година

23.11.2023г.

Меѓу народот кружат најразлични, пред се неосновани, муабети дека кредитирањето е забавено или дека банките веќе не одобруваат кредити. Ова во голема мера е во корелација со тоа што кредитите се со повисоки каматни стапки, па можно е да се создава нереална ситуација која за крајна цел има да се креира слика за евентуална недостапнос на кредитите што ќе доведе до помала побарувачка, а во крајна мера намалување на каматите. Но, колку и да се несериозни ваквите ставови, а верувам дека стигнале до обичниот корисник на кредит, сепак реалноста е сосема поинаква. За да ја докажеме оваа теза, ќе направиме анализа на случувањата во обемот на кредитни пласмани за период од првите 6 месеци од 2023 година, а како база на податоци ќе го користиме статистичкиот портал на НБРМ.

 

  1. 1.    Првиот заклучок е дека во континуитет во текот на 6-те месеци од оваа година има пораст на вкупното салдо на пласирани кредити. Овој пораст е карактеризиран со одредено забавено темпо во текот на месец февруари, кога месечниот раст изнесувал 737,75 милиони мкд, додека најголема негативна разлика е остварена помеѓу месеци март и април, кога порастот се намалил двојно. Односно, во март е евидентиран пораст на пласмани од 1.638,42 милиони мкд, додека во април тој изнесува 827,90 милиони мкд. Најголем месечен пораст е евидентиран во јуни кога апсолутното ниво на кредити се зголемило за 2.055,65 милиони мкд.
  2. 2.    За време на првите 6 месеци од годината нема промена во процентуалниот износ на станбените и потрошувачките кредити, во однос на вкупното салдо кредити. Имено, водечката улога ја имаат потрошувачките кредити со учество од 52%, додека станбените кредити учествуваат со 36% во вкупната маса.
  3. 3.    Во апсолутна бројки, потрошувачките кредити во првите 6 месеци забележале пораст од 4.163,17 милиони мкд, додека за истиот период станбените кредити се зголемиле за 3.569,09 милиони мкд. Иако, апсолутното ниво е помало кај станбените кредити, сепак евидентираниот процентуален пораст изнесува 4.4%, додека истата пропорција кај потрошувачките кредити изнесува 3,6%. Ова укажува на фактот дека износот на станбени кредити расте со побрза динамика.
  4. 4.    Револвинг производите (кредитните картички и дозволените пречекорувања) стануваат се понеатрактивни за физичките лица. Во голема мера тоа се должи на повисоките каматни стапки за овие производи, но исто така забележан е тренд во кој изложеноста по основ на овие производи се рефинансира со потрошувачки кредити, така што за очекување е пренесување на салдата меѓу двете категории. За првите 6 месеци од годината салдото по основ на искористен лимит на кредитни картички се намалил за 84,66 милиони мкд. Од друга страна, кај дозволените пречекорувања евидентиран е поцикличен тренд, односно различни амплитуди во секој месец. Споредбата помеѓу мај и јуни носи заклучок дека оваа изложеност се “стопила” за 269,63 милиони мкд, или ниво од 6.346,31 милиони мкд. Ова е најниско ниво од почетокот на годината.
  5. 5.    Она што не е добро во целата оваа ситуација, е податокот за зголемен износ на спорни и сомнителни побарувања, односно тоа се кредити кои корисниците не можат редовно да ги отплаќаат. Ова салдо значително е зголемено во месец јуни кога достигна ниво од 4.180,61 милиони мкд. Ова ниво е за 128,28 милиони мкд повисоко во споредба од ситуацијата во април. Во однос на вкупните пласмани, оваа категорија учествува со 2%.

(E&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО