Општество

Петревски: Далеку е Шангај

Горан Петревски | авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.

Пред некое време, по дваесет и први пат беше објавен најновиот список на најдобрите универзитети – познатото Академското подредување на светските универзитети (The Acadenic Ranking of World Universities, ARWU). Оваа практика ја започна Центарот за универзитети од светска класа при Постдипломската школа за образование во рамките на универзитетот Ѕјаотун (Jiao Tong) од Шангај, во јуни 2003 година. Почнувајќи од 2009 година, списокот го објавува ShanghaiRanking Consultancy – самостојна, независна организација која не е правно поврзана со ниеден универзитет.
Подредувањето на универзитетите се врши врз основа на четири критериуми, мерени со шест показатели, и тоа: квалитетот на образованието оценет врз основа на поранешни дипломци кои се добитници на Нобеловата награда или слични одличја; квалитетот на кадарот оценет според два показатела – бројот на професори кои се добитници на Нобеловата награда и слични одличја, како и бројот на високоцитирани истражувачи според Clarivate; истражувачкиот производ (бројот на трудови објавени во списанијата во рамките на Nature and Science меѓу 2018 и 2022 година, бројот на трудови индексирани во Science Citation Index Expanded и во Social Sciences Citation Index (двете во рамките на Web of Science); а последниот критериум е просечниот број на горните пет показатели по глава на професор. При составувањето на списокот се земаат предвид само универзитетите кои имаат добитници на Нобеловата награда или слични одличја, високоцитирани истражувачи или трудови во Nature and Science, како и оние универзитетите со значителен број трудови кои се индексирани во Science Citation Index-Expanded и во Social Science Citation Index (SSCI). Притоа списокот содржи повеќе од 2 500 универзитети, а се објавуваат само најдобрите илјада.

Табела бр. 1 Најдобрите 20 универзитети


Како што покажува табелата бр. 1, и оваа година најдобар универзитет е Харвард кој е убедливо пред останатите и тој е единствениот со 100 поени. Притоа дури и во друштвото на најелитните универзитети се присутни големи разлики (рака на срце, таков е случајот и со Лигата на шампионите на УЕФА, со светските првенства во фудбал и со олимписките игри). Така, вториот и третиот универзитет имаат по 74,8 поени и 69,1 поен, односно јазот меѓу нив и Харвард изнесува 25 % и 30 % соодветно, а тоа воопшто не е малку. Слично на тоа, десеттиот универзитет има 53,8 поени, а дваесеттиот има „само“ 44,1 поен. Иако редоследот на врвните универзитети се менува од година во година, сепак традиционално доминираат американските универзитети: меѓу најдобрите десет универзитети, дури осум се во САД, а американски се 15 од врвните 20 универзитети. Причините за ваквиот јаз се бројни (на пример, видете ја мојата статија „Кремот на кремот – Приказната за американските универзитети“, објавена во изданието на Економија и бизнис од јуни 2021 година), но навистина зачудува тоа што другите вискоразвиени земји не можат ниту да им се приближат на Харвард и на друштвото.

Табела бр. 2 Застапеност на земјите во најдобрите илјада универзитети


Големата доминација на САД во високото образование е видлива и во табелата бр. 2 која ја прикажува застапеноста на одделни земји во најдобрите универзитети. На ланскиот список, САД беа на првото место со 200 универзитети меѓу најдобрите илјада, а оваа година Кина го презеде врвот. Сепак, наспроти импресивниот напредок на кинеските универзитети, кој веројатно ќе продолжи и во иднина, сепак САД остануваат земја со најдобро високо образование зашто тие доминираат на списокот на најдобрите 500 универзитети. Освен тоа, од табелата бр. 2 повторно се гледа дека врвните универзитети се претежно американски: САД учествуваат со 38 % во најдобрите 100 универзитети, со 56 % во врвните 50 универзитети и со 67 % во најдобрите 30. Во овој поглед, Кина сѐ уште е далеку не само зад САД туку и зад другите развиени земји, но трендот е јасен – во иднина кинеските универзитети ќе бидат уште повеќе застапени на списоците на најдобрите. Инаку, и табелата бр. 2 ја покажува неверојатно големата разлика меѓу САД и другите развиени земји.
Во секој случај, табелата бр. 2 јасно открива една позната вистина: колку пари – толку музика. Како што може да се забележи, со исклучок на Кина, најдобрите 100 универзитети се наоѓаат само во развиените земји, што воопшто не е случајно, зашто високото образование е скапа активност. Во тој поглед, дури и високоразвиените земји со мало население се „осудени“ да имаат само еден или два врвни универзитети. Меѓутоа, за да не биде сѐ толку црно, табелата покажува дека и помалите, како и не толку богатите земји можат да имаат по некој добар универзитет. Така, на списокот на најдобрите 500 или илјада универзитети се наоѓаат и земјите како: Египет, Јордан, Јужна Африка, Колумбија, Либан, Малезија, Пакистан, Србија, Тунис, Хрватска. Со други зборови, квалитетното образование не е целосно резервирано само за најбогатите земји. Во тој поглед, нашите соседи Србија и Хрватска се примери дека сѐ се може само ако се сака. Од друга страна, како негативни примери во полза на оваа теза се Бугарија и Романија кои ги нема на списокот на најдобрите илјада универзитети.

Табела бр. 3 Земји со најмногу универзитети меѓу најдобрите 30 по области


Табелата бр. 3 дополнително ја отсликува доминацијата на САД и на Кина во високото образование. Како што може да се види, најдобрите универзитети во областа на инженерството претежно се застапени во овие две земји, рушејќи го митот за Германија како водечка сила во оваа област. Американските универзитети се водечки и во природните науки, додека тие немаат никаква конкуренција во областа на општествените науки: економија, бизнис, право итн.
Се разбира, само по себе се наметнува прашањето: „А, каде сме ние?“ Анализата на причините за македонското отсуство од Шангајската листа е многу опширна и на таа тема може да се прочита во моите статии „На дното – ’македонцките универзитети‘ (прв и втор дел)“, објавени во изданијата на Економија и бизнис од септември и октомври 2021 година. Во секој случај, одговорот на ова прашање може да се пронајде на почетокот од оваа статија – во критериумите според кои се врши изборот на најдобрите светски универзитети, а кои можат да се сведат само на едно – научноистражувачката работа! Со прости зборови, на овој список може да се најдат единствено универзитетите чии професори се занимаваат со наука; не универзитетите со нови клупи, прозорци, соларни панели и мермерни плочки во ходниците; не универзитетите во кои професорите предаваат „интересно“ (кој сака да биде интересен, нека стане поп-пејач, стендап комичар, забавувач итн.). За жал (за нас) или за среќа (за другите), нема друг пат за да се стигне до Шангај, освен научната работа.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано