Општество

Петревски: На дното – за „македонцките“ универзитети (прв дел)

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Крајот на летото е времето кога голем број млади луѓе треба да го направат еден од најважните чекори во животот – одлуката што да студираат, која има судбоносно влијание врз нивната иднина. Истовремено тоа е добра прилика да се навратиме на една од „вечните“ теми на јавната дебата – македонското високо образование. Темата е навистина привлечна зашто, од една страна, и студентите и професорите и работодавците постојано се жалат, од друга страна, устите на политичарите се полни со пароли од типот на: „образованието е најважниот фактор на развојот“, „човечкиот потенцијал е нашата најголема компаративна предност“ и слично, а истовремено, наспроти сите поплаки и свечени заклетви, изгледа дека никој нема намера да мрдне ниту со малиот прст, па така со децении работите упорно си тапкаат в место.

Ако се сеќаваат читателите, во минатата статија се осврнав на клучните реформи на американските универзитети, а во оваа прилика ќе ги наведам главните поуки кои можеме да ги извлечеме од нив. Заради обемноста на темата, статијата ќе ја поделам на два дела. Се разбира, ова е само колумна, а не некаква програма или стратегија за развој така што во неа се дадени само клучните прашања кои мора да ги реши некоја идна реформа на македонското високо образование. Притоа не е лошо да ја дадам следнава забелешка: со мали исклучоци, во статијава зборувам само за државните универзитети зашто верувам дека работењето на приватните универзитети е работа на приватниот избор. Во тој поглед, воопшто не се согласувам со ставовите кои често се вртат во јавноста – дека имаме премногу приватни факултети, дека таму ништо не се учи, дека тие треба да се затворат (укинат, забранат) итн. Напротив, сметам дека јавноста треба да се грижи за јавните работи, а за приватните работи не треба да се дискутира. Имено, сè додека приватните универзитети се финансираат со приватни пари, нивните проблеми не се мои (наши) проблеми. Впрочем, ако тие навистина се лоши, тогаш неизбежно ќе пропаднат. Од друга страна, ако не пропаѓаат, тоа значи дека постои интерес (побарувачка) за нив. Истото ова се однесува и за мојот став кон турбо-фолк музиката, обложувалниците, казината и јавните куќи: ако се лоши, никој нема да ги користи, но штом постојат, тоа значи дека задоволуваат нечии потреби.

Пред да преминам на најважните прашања за идниот развој на македонското високо образование, сакам да го искажам мојот песимизам дека во скоро време ќе бидеме сведоци на сериозна реформа во оваа област. Причините за тоа лежат во политичката економија: секоја реформа значи борба со нечии интереси, а политичарите ретко се подготвени да влечат болни (но корисни) потези, туку повеќе сакаат да пливаат во водите на популизмот (кој носи популарност). Подолу ќе може да прочитате низa работи кои ќе бидат непријатни како за политичарите така и за универзитетите, професорите и студентите. Оттука, ако некој се нафати да го реформира македонското високо образование, мора да биде свесен дека ќе наиде на голем отпор од повеќе страни. Затоа логиката на политичарите е: најдобро да ги оставиме работите какви што се, сега не е време за вакви радикални зафати, промените ќе ги одложиме за некои подобри времиња итн. А подобрите времиња никогаш да дојдат...

За конкуренцијата
Една од основните карактеристики на американското високо образование (уште од самите почетоци) е либералниот пристап кон основањето на универзитетите, што е потполно во согласност со американскиот благонаклонет поглед кон конкуренцијата. Како последица на тоа, САД имаат голем број приватни и државни универзитети. Се разбира, тоа воопшто не значи дека сите тие се првокласни; напротив, во САД има огромни разлики во квалитетот на универзитетите при што таму се наоѓаат најдобрите универзитети во светот, но исто така има и универзитети кои се полоши од нашите. Меѓутоа, конкуренцијата врши неколку важни функции: прво, таа овозможува специјализација на универзитетите, а тоа овозможува задоволување на различни потреби на луѓето и на бизнисите; второ, конкуренцијата ја претставува големата движечка сила во напредокот зашто таа ги принудува луѓето, организациите и општествата постојано да се менуваат и да се подобруваат.
Се разбира, не можеме да правиме механичка споредба на нашата состојба со онаа во САД. На крајот на краиштата, американскиот пазар е огромен и на него има место за илјадници универзитети, а тоа кај нас е невозможно. Меѓутоа, поентата ми е дека конкуренцијата е добра работа или барем не е лоша. Оттука воопшто не е лошо ако имаме повеќе универзитети, односно неоправдани се ставовите кои често ги слушам – дека имаме многу универзитети или колку било убаво порано кога постоел само универзитетот во Скопје. Ваквите ставови не се ограничени само на универзитетите (на пример, одамна се зборува дека имаме премногу банки) и веројатно се одраз на „пусто турско“, т. е. тоа што низ историјата сме немале никакво искуство со пазар, приватен сектор, конкуренција итн. Во тој поглед, повторно ќе нагласам дека е наивно да се очекува дека конкуренцијата ќе донесе само првокласни универзитети. Не, во никој случај; на пример, на пазарот има квалитетна и неквалитетна облека, првокласен и растителен кашкавал, сок од свежо цедено овошје и сок на растворање итн. Меѓутоа, поголемиот број универзитети значи поголема слобода на избор. Затоа македонското законодавство треба да биде отворено во однос на условите за основање универзитети.

За автономијата
Кога дојдовме до законодавството не е лошо да се каже и неколку збора за него. Веднаш ќе почнам со најважното: законот за високото обрзование не треба да има повеќе од пет или десет страници. Впрочем, тоа е во согласност со уставната автономија на универзитетите. Каква е таа автономија ако имате закон со кој пропишувате и најситни работи? На пример, законот се занимава со ситници од типот на: како треба да изгледа печатот на универзитетот, како ја организира библиотеката, што треба да содржи интернет-страницата, дисциплински мерки, внатрешната организација и надлежностите на органите, изборот на деканите и на ректорите, школарината, содржина на студиите, конкурси за упис на студенти, колку време трае семестарот, како се врши оценувањето, што содржи дипломата, па сè до тоа кој врши промоција на дипломираните студенти!!! Ако работењето на универзитетите е утврдено до најситните детали, тогаш во што се состои универзитетската автономија – во правото на професорите самостојно да изберат дали ќе носат сина или зелена кошула, дали ќе носат брада, дали да предаваат простум или во седечка положба?
На пример, каква е таа автономија ако владата одлучува колку студенти ќе се запишат не само на одделните универзитети туку и на факултетите и на секоја поединечна насока? Поголема глупост од ова не може ни да се замисли. Која влада на светот може да знае дали на земјата ѝ се потребни (и тоа, не денес, туку во иднина!) 30 студенти по индустриски дизајн, 50 студенти по хортикултура или 40 студенти по хотелски менаџмент? Ова прашање треба да биде целосно во надлежност само на универзитетите зашто тие најдобро можат да проценат дали има интерес за едни или други студии. И повторно, тоа нема никаква врска со фактот дека универзитетите се државни. Имено, ако во учебната година се запишат 10 000 студенти на државните универзитети, товарот врз државниот буџет останува ист независно од тоа како се распоредени студентите (на кои универзитети и на кои насоки). Впрочем, и во САД, Германија, Холандија и Данска универзитетите се државни, меѓутоа за бројот на студентите на одделни универзитети не одлучуваат Меркел и Бајден.

Ова се однесува и на автономијата во однос на вработувањето. Во секоја нормална земја, самиот универзитет си распишува конкурс кога има потреба од професор при што воопшто не прашува никого – ни министерство ни влада. Се разбира, притоа се претпоставува дека универзитетот не е луд да распише непотребен конкурс, односно разумно се претпоставува дека тој има вистинска потреба од нов професор. И тоа е така во секоја нормална земја, иако и таму универзитетите се државни, иако и таму има државен буџет и слично. Оттука сосема е нездрава нашата практика според која универзитетот (кој има уставна автономија) мора да добие дозвола од две министерства (за образование и за финансии) за да вработи нов професор. И што ако министерството не даде дозвола? Во тој случај ќе се соочите со следнава состојба: во изминатите десет години, десет професори се пензионирале, а вие не можете да ги замените, па оттука еден професор мора да предава по четири или шест предмети. Повторно, каде е тука автономијата? Да заклучам, со идната реформа министерствата не треба да имаат никаква надлежност во вработувањето на наставниот кадар, т. е. за тоа треба да одлучуваат само универзитетите. Некој ќе рече: во тој случај ќе има превработеност на универзитетите. Не, нема да има, зашто тоа се решава лесно со реформата на системот на финансирање.

И воопшто, нашето високо образование е преоптоварено со непотребни административни и бирократски процедури. Еве неколку примери: наставната програма по која предава професорот треба да ја одобри наставничкиот совет на факултетот, иако само професорот, и никој друг освен него, е компетентен за содржината на својот предмет; понатаму, факултетот не може кога сака да воведе нов предмет зашто со решението на одборот за акредитација студиската програма е бетонирана за следните пет години; најпосле, на ниеден нормален универзитет од 21 век не постојат индекси, пријави за испит, семестрални листови и слични глупости.

Според тоа, првата задача на идната реформа е да им се даде автономија на универзитетите, а автономијата значи само едно: универзитетите треба да функционираат самостојно, без никакво мешање од владата. Во тој поглед несфатливо ми е кога дури и професорите сметаат дека владата треба да ја регулира работата на универзитетите зашто тие се државни. Чувај Боже! Една работа е сопственоста, а сосема друга работа е автономијата која, независно од тоа дали некому му се допаѓа или не, е загарантирана со Уставот. Во тој контекст ќе повторам дека нашите универзитети ќе добијат автономија кога законот за високото образование ќе има најмногу 10 страници.

(продолжува)


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано