Општество

Петревски: На дното – за „македонцките“ универзитети (втор дел)

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

За парите
Голем дел од проблемите со кои се оптоварени нашите универзитети, на крајот од краиштата, се поврзани со парите. На пример, универзитетите и факултетите по секоја цена сакаат да запишат што повеќе студенти (далеку над нивниот капацитет) зашто од бројот на запишаните студенти зависат нивните приходи, а со тоа и платите на професорите; дури и во 21 век, нашите универзитети им бараат на студентите индекси и испитни пријави зашто тоа им носи пари; факултетите работат со малку професори, односно еден професор работи со премногу студенти зашто владата не дава пари за вработување на нови професори итн. Изгледа финансиите се рак-рана на македонското високо образование. Притоа во сите минати закони се предвидуваа некакви совети за финансирање и слични тела кои никогаш не заживеаја.
Затоа во идната реформа на високото образование треба радикално да се промени системот на финансирање на универзитетите и на професорите. За мој вкус, најдоброто и најпростото решение би било да се воведе приватно финансирање на студиите, односно студентите сами да си плаќаат за своето образование. Во тој поглед секому треба да му стане јасно дека студирањето не е ништо друго туку инвестирање на поединецот во својата иднина. Со други зборови, кога плаќате за своите студии, вие си купувате влезница за успех во животот. Поради тоа зарем има нешто поприродно од тоа парите да ги потрошите за својата иднина наместо за гардероба, летување или автомобил? Поинаку кажано, зарем треба некој друг (државата) да ви ја финансира иднината?
Ако приватното финансирање не е прифатливо за политичарите (а не е), тогаш може да се воведе бесплатно студирање, а државата целосно да ги покрие трошоците за работењето на универзитетите. Се разбира, ова подразбира претходно да се направи пресметка на просечниот трошок за студирање по студент (кој е различен за општествените, природните, техничките и уметничките школи). На тој начин, секој универзитет ќе добие пари врз основа на бројот на запишаните студенти. Овие пари ќе се однесуваат за покривање на тековните трошоци во работењето (струја, вода, библиотеки, лаборатории итн.). Меѓутоа, тоа значи дека владата ќе мора да ја прифати простата вистина – студирањето е скапа работа. Со други зборови, ако владата сака квалитетно високо образование, тогаш таа мора да си го одврзе ќесето зашто добри универзтети со малку пари – нема. Ако владата нема или не сака да даде пари, тогаш има две можности: или приватно финансирање или лошо образование.
Вториот дел од парите, универзитетите (и факултетите) би го добивале врз основа на постигнатите (објективно мерливи) резултати. Во тој поглед е поучно американското искуство. Почнувајќи од Втората светска војна, државата почнала да ги распределува парите за научна работа на конкурентска основа, т. е. според квалитетот на научните проекти (кој, пак, го оценуваат независни експерти). Значи, владата би распишувала конкурси на кои универзитетите би конкурирале со свои проекти, но одлуката за тоа кои проекти ќе бидат профатени нема да ја носи владата (по партиски или етнички клуч), туку независни експерти (најдобро странски). На тој начин, оние универзитети кои ќе понудат подобри проекти, ќе добијат повеќе пари. Поинаку кажано, државните пари нема да се делат според принципот „за секого по малку“, односно некои универзитети (оние кои работат повеќе) ќе добиваат повеќе пари. Така системот на финансирање ќе дејствува како механизам кој ќе стимулира работа и резултати.
Во тие рамки мора да се промени и системот на плаќање на професорите. Во тој поглед смешно е платата на професорот да зависи од тоа дали факултетот запишува малку или многу студенти. Напротив, сите професори на државните универзитети треба да имаат еднаква основна плата (се разбира, не мислам на 30 000 денари). Меѓутоа, тоа никако не значи дека сите професори треба да бидат подеднакво платени. Напротив, покрај основната плата, професорите треба да бидат дополнително платени во зависност од нивните академски резултати. Се разбира, овде не мислам на бројот на одржаните часови или на бројот на студентите со кои работи професорот зашто тие работи не зависат од него. Не, плаќањето на професорите би било засновано врз стандарди од типот на: „еден професор може да предава најмногу два предмета“ или „една паралелка може да има најмногу 30 студенти“. Дополнителниот дел од платата би зависел само од залагањето и способностите на професорите, т. е. од она што зависи од самиот професор. Па така, професорите кои објавуваат повеќе трудови или објавуваат во подобри списанија или работат на проекти ќе имаат поголема плата од оние кои само си држат часови (тие ќе си ја заработат само основната плата). Со други зборови, и системот на плаќањето на професорите треба да биде поставен така што ќе стимулира работа и објективно мерливи резултати.

За студентите
Една од најважните лекции што можеме да ги извлечеме од американските универзитети се однесува на уписната политика, т. е. на приемот на нови студенти. Имено, пред 1920 година, сите колеџи во САД имале политика на „отворен упис“, запишувајќи ги сите пријавени кандидати без никаков приемен испит. Оттука дури и приватните универзитети, како Харвард и Колумбија, имале голем број студенти. Меѓутоа, подоцна некои универзитети преминале кон ограничен упис запишувајќи ги само најдобрите ученици и тоа им овозможило да станат првокласни универзитети.
Кај нас сите универзитети, како приватните, така и државните, спроведуваат отворен упис, и тоа поради една единствена причина: да запишат што поголем број студенти и така да остварат што поголеми приходи. Со други зборови, отворениот упис е поврзан со системот на финансирање. За приватните универзитети не сакам да коментирам зашто ако тие се профитни организации и ако избрале таков бизнис-модел (голем обрт со ниска цена), тоа е нивна работа. И државните универзитети се принудени да трчаат по студенти зашто тоа им носи дополнителни приходи. Оттука, кај нив, проблемот со уписната политика може да се реши лесно: со промена на системот на финансирање.
Инаку, политичарите го оправдуваат слободниот упис на државните универзитети со правото на слободен пристап кон образовните услуги. Со други зборови, на децата треба да им се овозможи слободно да се запишат на студии, а сето тоа во името на општествената правичност, еднаквоста итн. Меѓутоа, овде се работи за мешање баби и жаби. Слободниот пристап до образовните услуги подразбира дека универзитетите не смеат да воведуваат неправични пречки за упис, да спроведуваат дискриминација и слично. Меѓутоа, слободниот пристап никако не значи дека може да студира секој кој ќе посака, вклучувајќи ги оние кои не сакаат да учат. Впрочем, еве една корисна аналогија: според Уставот, секој човек има слободен пристап до здравствените услуги, но тоа никако не значи дека на болница може да се јави секој кој ќе посака; на пример, иако читателите имаат уставно право на лекување во државните болници, сепак не може некој совршено здрав човек да појде во клиниката за урологија и да побара да лежи две-три недели во болницата. Сфаќате? Во овој случај не е спорно дека имате право на лекување, но за да го искористите вашето загарантирано право, вие мора да исполните некој услов (критериум) – во случајов да бидете болен. Истото ова важи и за образовните услуги: децата имаат право да студираат, но за да го искористат тоа право мора да исполнат некои услови (минимален успех во школувањето, да го положат приемниот испит итн.).
Кои се последиците од политиката на отворениот упис? Нашите универзитети работат со голем број лоши студенти кои не покажуваат никаков интерес за студирање и кои воопшто не сакаат да учат. За да ги насмеам (или расплачам) читателите, ќе наведам два примера од моето професорско искуство. Во првиот случај, студент од втора година, решавајќи една проста задача во која требаше да подели 30 000 со 5 ми ја остави следнава порака: „извинете, професоре, не можам да пресметам, зашто не носам дигитрон.“ Замислете, студент од втора година не знае да реши задача од второ или трето одделение! Во вториот случај, на моето прашање „дали македонската централна банка може да емитира јапонски јени?“, студентка од трета година „мртва ладна“ одговори дека може! Притоа не само што професорите го губат времето со слабите студенти, туку уште полошо е тоа што државата троши пари за некој кој нема никаква намера да учи. Значи, еден проблем со слободниот упис е расфрлањето на државните пари кои можат да се искористат за некоја друга, покорисна намена. Се разбира, уште поголем проблем е што таквите студенти, порано или подоцна, успеваат да дипломираат и на тој начин универзитетите создаваат лоши кадри кои не можат да ги задоволат потребите на фирмите.
Оттука, ако политичарите и универзитетите навистина сакаат да понудат квалитетно високо образование, една од клучните реформи мора да биде напуштањето на политиката на слободниот упис. Со други зборови, државните универзитети мора да воведат приемни испити. Се разбира, тоа не е гаранција дека на универзитетите ќе се запишуваат само одлични ученици. Ако се сеќаваат читателите, во минатото постоеја приемни испити, но тие се претворија во карикатура. Во трката за пари (бидејќи приходите на факултетите зависат од бројот на примените студенти), факултетите однапред им ги кажуваа испитните прашања на средношколците (се разбира, нив ги продаваа за пари), па така сите освојуваа по 100 поени на приемните испити со што тие станаа бесмислени. Така пак се враќаме на прашањето за финансирањето на универзитетите со заклучокот дека мора да се прекине врската меѓу финансиите и уписот на студентите.

За професорите
Меѓу американските и европските универзитети има една голема разлика. Во Европа професорите се еден вид јавни службеници, т. е. штом некој се вработи на универзитет, работата му е загарантирана (тоа се однесува дури и на асистентите). За разлика од нив, во САД само 30 % од професорите имаат трајно вработување (т. н. „tenure“), додека останатите се вработени врз основа на привремени договори. Притоа платата и условите на работа (траен или привремен договор) на професорите зависат од резултатите во работата, во прв ред од научната работа. Оваа практика обезбедува квалитет на академскиот кадар, односно дејствува како „природна селекција“ во која подобрите професори напредуваат во работата, просечните стагнираат, а неспособните добиваат отказ. Наспроти тоа, платите на професорите во европските државни универзитети се горе-долу исти и не зависат од резултатите во работата.
Така доаѓаме до уште една важна точка во реформата на високото образование – кадровската политика, а тука состојбата е катастрофална. Во моментов, универзитетски професор може да стане секој кој ќе посака и единствениот услов е само да има желба за тоа. Поради тоа нашите универзитети се преполни со случајни ликови. Тоа произлегува оттаму што критериумите за избор во професорски звања се смешни, т. е. лесно може да се стане професор со објавени „трудови“ во списанија од типот на: „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“, „Практична жена“, „Лов и риболов“, „Сам свој мајстор“ итн. Дури, ако се сеќаваат читателите, своевремено професорите протестираа зашто владата им побара да пишуваат трудови. Сигурен сум дека тоа е единствениот случај во историјата на универзитетите. Но, не е проблемот само во трудовите; напротив, на нашите универзитети има еден куп професори кои немаат капацитет ни за учители во претшколска возраст; да биде уште пострашно, таквите професори често успеваат да станат декани и ректори; а, секако, најстрашно е тоа што улогата на професори ја играат и ноторни криминалци – луѓе кои во секоја нормална земја би биле на робија (сетете се на случаите на купувањето испити).
Затоа, ако политичарите и универзитетите навистина сакаат квалитетно образование, тоа бара радикална промена на кадровската политика. Тоа може да се постигне на повеќе начини. Наједноставно и најдобро решение би било универзитетски професор да може да стане само оној кој докторирал на најдобрите светски универзитети (на најдобрите 100, 200 или 300, деталите не се важни). Имено, штом некој докторирал на некој добар универзитет, само по себе тоа е гаранција за неговиот квалитет. Слично решение би било да се постават едноставни и строги услови за избор во професорски звања (всушност, ние ги сметаме ваквите услови за строги, а во нормалните земји тие се сосема нормална работа). Тоа значи: единствениот услов за да се стане професор треба да биде научната работа, а не некои споредни активности. На пример, во правилниците за избор на македонските универзитети се добиваат бодови за: одржаните часови и дипломски работи, учество во пописна комисија, членство во управни одбори, министерски функции и слични глупости. Пак ќе кажам, на нормалните универзитети се станува професор само на еден начин – во периодот од пет години професорот мора да објави неколку трудови во списанија кои ќе бидат однапред наведени. Со други зборови, мора да се разбере дека добрите универзитети не се добри поради клупите, фасадата на зградата или плочките во ходниците, туку нивниот квалитет пресудно зависи од квалитетот на професорите и во тој поглед не смее да има никаков компромис.


(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО