Анализи

АНАЛИЗА – Бруто заштеди на европските земји

11.10.2023г.

Бруто заштедите се клучен показател во националните сметки што ја мери количината на пари заштедени од поединци, компании и државата во една економија во одреден период. Тој го претставува делот од приходот што не се троши на потрошувачка. Бруто заштедите вклучуваат заштеди во различни форми, како што се банкарски депозити, инвестиции во акции и обврзници, пензиски заштеди и физички средства како недвижен имот или возила. Со тоа, овозможува увид во целокупното однесување кон штедењето и финансиското здравје на различните сектори на економијата. Преку активно следење на бруто заштедите, економистите и креаторите на политики можат да ги анализираат трендовите и моделите во навиките за штедење. Високите нивоа на бруто заштеди укажуваат на финансиски здрава и стабилна економија, додека ниските нивоа може да укажуваат на потенцијални предизвици или нерамнотежа. Бруто заштедите се тесно поврзани со други економски варијабли, како што се инвестициите и формирањето капитал. Во една економија, заштедите често се канализираат во инвестиции, кои придонесуваат за економски раст и развој. Така, бруто заштедите се важен фактор за разбирање на достапноста на средства за инвестиции и акумулација на капитал и токму затоа голем број интернационални статистички агенции се занимаваат со оваа проблематика. Во денешната анализа ќе користиме податоци од Eurostat, изразени преку квартални кумулативи за 2022 година.

Клучните поенти од движењето и остварените нивоа во текот на минатата година за сегментираните европски држави следат во продолжение:

-          Германија е убедливо најголемиот бруто штедач со просечно ниво на заштеда од 278.000 милиони евра. Интересно е што во вториот и третиот квартал заштедите значително се намалиле за 5-10.000 милиони, за повторно во четвртиот квартал да се вратат на почетното ниво од прв квартал, па дури и да забелажат пораст од 1.000 милиони евра.

-          Заедно со Германија, единствената држава што остварила заштеди повисоки од 100.000 милиони евра е Франција. Иако кумулативот е за 44% понизок од германскиот сепак износот од Q4 во висина од скоро 159.000 милиони евра претставува сериозен потенцијал. Кај Франција се повторува истото движење помеѓу кварталите како кај Германија, што може да укажува на доста компатибилни инвестициски политики.

-          Од друга страна, земјите со најниски бруто заштеди се Кипар со 836 милиони евра, Малта со 1.241 милиони евра и Латвија со 1.674 милиони евра.

-          Ирска е државата која остава голем впечаток ако се земе во предвид фактот што беше силно потресена за време на економската криза во период од 2008-2010 година. Ирската економија се соочи со низа предизвици во минатата декада, сепак последните 2 години во континуитет има пораст на бруто заштедите.        Со тоа Ирска се позиционира на 5-то место и за само една година ги надмина остварувањата на скандинавските земји Шведска и Норвешка.

-          Ако се анализираат државите од регионот, составени од Словенија, Хрватска, Грција и Бугарија се доаѓа до заклучок дека во одреден момент нивото на заштеди е скоро идентично. Имено, таквата состојба се реализирала во Q4 2020 година, кога разликата помеѓу двата екстреми била минимална.

-          Ако се анализира само 2022 година за одбележување се 3 моменти:

  1. 1.     Првиот е драстичниот пад на нивото на заштеди кај Холандија, која го намалила контото за 10.787 милиони евра. Ваквиот резултат е втор најлош во период од 2 години, после нивото од 51.997 милиони евра во Q2 2020 година. Меѓутоа од друга страна ваквите амплитуди ја покажуваат големината и силата на националната економија на Холандија за генерирање големи износи на заштеди за многу краток период(најчесто 2 квартали).
  2. 2.     Од друга страна, Шпнија покажува дека е можеби во најдобра кондиција со оглед на тоа што во текот на 2022 година успеала нивото на заштеди да го зголеми за 6.289 милиони евра, што е далеку најдобар резултат во споредба со останатите држави.
  3. 3.     1/4 од државите во табелата евидентирале намалено ниво на заштеда, споредбено Q1 со Q4. Вкупната загуба изнесува 15.670 милиони евра, со тоа што само Холандија партиципира со 69% во вкупниот износ. Вкупните заштеди на сите држави во текот на 2022 година се зголемиле за 14.253 милиони евра, а Q4 ни го носи највисокото ниво на бруто заштеда во кумулатив за сите држави од 846.143 милиони евра.

(E&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО