Интервјуа

Јаневска: Имаме единствен национален модел на дуално образование прилагоден на нашата образовна традиција и состојби

Наташа Јаневска | Проектен менаџер во Стручната служба на Комората

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.

Веќе неколку години активно работите на воспоставување систем за решавање на проблемот со работна сила за компаниите и тој систем доби форма и содржина. Конкретно, вие го координирате Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките како клучно тело кое треба да произведува кадар за потребите на бизнисот. Што им нудите конкретно на фирмите сега?

Наташа Јаневска: Како најголема бизнис-организација будно ги следиме и ги анализираме потребите од адекватен стручен кадар и преку организациските целини на Советот нудиме систематизирани решенија и услуги за да му помогнеме на бизнис-секторот. Преку Центарот за дуално образование, во фокусот на нашиот ангажман е поттикнување на компаниите самите да го трансформираат и обликуваат својот кадар со вклучување во дуалниот модел на образование и вмрежување со стручни училишта за реализација на дуалното образование и на учењето преку работа. Дополнително, нашиот ангажман се фокусира и на осигурување на квалитетот во реализацијата на дуалното образование и учењето преку работа со обуката на менторите во компаниите и верификација на компаниите за практична обука на ученици. Не изостанува ниту нашиот ангажман во давање коментари, мислења и предлози во однос на законската регулатива за уредување на дуалниот модел на образование што ги подобруваат фунционалноста и продуктивноста на сите вклучени страни.
Преку Центарот за преквалификација нашиот ангажман е насочен кон изработка на анализи и на истражувања за потребниот кадар на компаниите и на креирање програми за здобивање квалификации врз основа на анализите или по барање на компаниите, како и реализација на обуки за програмите за здобивање квалификации преку процесот на преквалификација и доквалификација. Во тек на реализација се обуки за преквалификација на пекари и на слаткари.
Освен тоа, организираме настани за подигање на свеста за поддршка на заемно партнерско учење за преквалификација и доквалификација низ процесот на доживотно учење.
Во фокусот на активности на Центарот за тренинг и обука е поседувањето на релевантни вештини и нивно континуирано подобрување за да се биде во чекор со модерните текови на технологијата. Центарот реализира работилници и обуки за стручно оспособување, за унапредување на знаењата на стручниот кадар и за унапредување на трансферзалните/специфичните вештини на вработените во компаниите. Поттикнувањето на примената на европските правила и стандарди за перманентно функционално образование и за иновација на знаењата на стручниот кадар е дел од активностите на овој центар.
И значајно е да се напомене Берзата на трудот.

Споменувате Берза на трудот. Која ќе биде нејзината улога во услови кога имаме државна Агенција за вработување и приватни агенции за вработување?

Наташа Јаневска: Берзата на трудот е функционална платформа за поврзување на понудата и на побарувачката на веб-порталот на Комората, која ќе овозможи поврзување на компаниите кои имаат потреба од кадар со лицата кои сакаат да се вработат. Компаниите ќе ги внесуваат вештините и занимањата што им се потребни, а невработените лица квалификациите што ги поседуваат. Берзата на трудот ќе биде солидна основа за подготовка на анализи за понудата и побарувачката.

Комората пред 15 години алармираше дека земјава ќе се соочи со недостиг на стручен кадар. Дополнително и оние кои учеа стручно образование немаат соодветни квалификации и практични вештини. Што сработи Комората во изминатиов период и како гледа на образовната политика?

Наташа Јаневска: И покрај сознанието дека стопанството се соочува со недостиг на кадар кој е со недоволно практично искуство и знаење, како и со несоодветни квалификации, образованието е премногу ригидно и бавно за да оди во чекор со промените на новото време. За да се промени ваквата состојба, како Комора баравме модернизација на образовните програми, измена на уписната политика според барањата на бизнис-заедницата и реализација на практичната обука во компаниите. Во таква атмосфера започнаме со вмрежување на компаниите и училиштата за реализација на практична обука на учениците, односно учење на работно место и пристапот на учење од училница или училишна работилница беше префрлен и во компанија. Исто така со компаниите членки се посветивме на креирање програмски документи согласно Националната рамка на квалификации, и тоа: над 350 стандарди на занимања, 100 стандарди на квалификации и 85 образовни програми.
Воспоставивме и апликативен софтвер за вмрежување на компании и стручни училишта и за промоција на стручното образование.

А дали е доволно само практична обука и модернизирање на програми?

Наташа Јаневска: Практичната обука во компанија и модернизацијата на образовните програми не се доволни како образовна реформа. Беше потребна и промена на начинот на реализација на практичната обука и зголемување на часовите по практична обука. Затоа значајна пресвртница беше воведувањето на дуалниот модел на образование како најефикасен начин за обезбедување кадар за кој гласноговорници бевме уште од 2013 година.

Дуалниот модел на образование станува применлив израз кога сакаме да кажеме дека ни треба стручен кадар и можеме ли да кажеме дека има воспоставен систем на дуално образование?

Наташа Јаневска: Иако дуалниот модел на образование стана реалност, сѐ уште е пилот-проект и, за жал, не можеме да зборуваме за воспоставен систем. За систем можеме да зборуваме кога ќе се донесе предлог-законот за стручно образование и обука.
Но, сакам да потенцирам дека, иако учевме од земји со долга традиција за дуалното образование како Германија, Швајцарија, Австрија, ние имаме единствен национален модел на дуално образование прилагоден на нашата образовна традиција и состојби.

Шеста година по ред дуалниот модел на образование е пилот во Македонија, но и покрај тоа огромен е бројот на компаниите кои изразуваат интерес да се вклучат во овој модел на образование. Што покажуваат бројките?

Наташа Јаневска: Бројките за вклученост на компаниите од година во година расте. Ако пред четири години бројката на вклучени компании беше 11 компании, во учебната 2021/2022 година изнесуваше 211 компании, а оваа учебната 2022/2023 година изнесува околу 500 вклучени компании. Денес дуалниот модел на образование се реализира во 61 средно стручно училиште во 225 дуални паралелки, а образовни програми по дуалниот модел реализираат 2 763 ученици.

За да се стигне до вакви бројки, секако има некои процеси што мора да ги поминат компаниите вклучени во стручното образование и обука.

Наташа Јаневска: За да се вклучат воопшто во стручното образование компаниите мораат да го поминат процесот на осигурување квалитет. Тоа значи: да имаат сертифициран ментор, лице од компанијата што ќе ги води учениците и ќе им ги пренесува своето знаење и искуство, како и самата компанија да биде верификувана за реализација на практична обука. И за двата процеса е одговорна Стопанската комора. За сертифицирањето на менторите реализира тридневна обука со искусни предавачи, а за верификација на компанијата формира комисија која врши проверка дали компанијата ги исполнила условите во насока на кадар, простор, опрема за да може да реализира практична обука.

Пред да се вработите во Комората, вие бевте државен советник во Министерството за образование и наука со фокус на стручното образование. Дали има разлика во спроведувањето на образовните процеси во обезбедување на стручен кадар?

Наташа Јаневска: Можам да кажам дека е исто, но и различно. Додека бев во МОН, фокусот ми беше на воведување процедури и постапки за вклучување на компаниите во образовниот процес, но сега од оваа страна кога ќе ги согледате и другите проблеми на компаниите сфаќате дека мора да ги поедноставите процесите за побрзо да се одговори на нивните барања за обезбедување кадар со соодветни вештини и компетенции. Посебно значајна пресвртница беше да се промени начинот на размислување на образовните институции дека стручното образование треба да се креира во соработка со претставници од бизнис-заедницата затоа што тие се крајните корисници на тоа што ќе го произведе образовниот систем.

ПРЕПОРАЧАНО