Интервјуа
Садовска: Социјалните претпријатија се одличен модел на социо-економска интеграција на ранливите граѓани
Интервју со Барбара Садовска, психолог, коосновач на Фондацијата Барка со седиште во Полска
Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.
Барбара Садовска е психолог, коосновач на Фондацијата Барка со седиште во Полска и претседател на мрежата на Фондацијата Барка со педесет организации на Барка во светот. Од 2020 до 2023 година, таа беше тим лидер на проектот Поддршка на социјалните претпријатија.
Барбара има добиено бројни награди како што се: Наградата „Сребрена роза на Европскиот парламент“ во 2016 година, „Европски херој“, Лондон, 2006 година; „Најиновативен проект“, Пекинг, 2010 година и „Награда за филантропија на Париба“, Париз, 2014 година. Во 2023 година, таа беше избрана за една од најинспиративните женски социјални претприемачи на глобално ниво.
Госпоѓо Садовска, го посветивте вашиот живот на социјалните претпријатија. Што е социјално претпријатие?
Б. Садовска: Социјално претпријатие е ентитет кој е основан за да ги реши социјалните, општествените или еколошките предизвици и има цел да создаде позитивни промени во сопствените заедници. Социјалните претпријатија го реинвестираат профитот главно за да ги постигнат своите социјални цели за разлика од приватните претпријатија кои го делат профитот меѓу засегнатите страни и сопствениците. Социјалните претпријатија се одличен модел на социо-економска интеграција на ранливите граѓани кои не можат да најдат вработување поради нивните тешки животни околности. Во периодот на трансформација во Полска, многу луѓе заостанаа во процесот. Тие не можеа да се пронајдат во новата реалност на слободната пазарна економија. Како психолог, заедно со мојот покоен сопруг, најдовме стара училишна зграда во западниот дел на Полска и ги поканивме оние што останаа без работа или беа избркани од нивните станови. Тоа беше искуство што ни ги отвори очите. Ги интегриравме оние кои се соочија со физички, ментални или социјални предизвици. Тие ја немаа истата „продуктивност“ како оние кои не се соочиле со предизвици, но со тоа што ги наведовме да се занимаваат со готвење, одгледување животни и обработување на земјата им помогнавме да ја подобрат сопствената ситуација. Менталните проблеми не ве спречуваат да имате неверојатни способности, на пример, во уметноста и занаетчиството. Според ЕУ, социјалните претпријатија сочинуваат 7 % од БДП. Тие произведуваат вредност, што е многу подобро отколку да се само приматели на средства.
Што ја прави Барка толку посебна во споредба со другите организации? Секогаш велите дека не сте добротворна организација.
Б. Садовска: Мисијата на Барка (www.barka.org.pl) се фокусира на создавање услови за личен раст, стручна обука, отворање работни места и достапно домување, што им овозможува на сиромашните луѓе да излезат од системот на социјална помош и да започнат независен живот.
Програмите на Барка се состојат од комунални домови базирани на самопомош во кои оние кои ги надминале своите социјални и ментални проблеми ги поддржуваат другите на кои им е потребна помош. Тие вршат економски активности како што се работа во оранжерии, одгледување свињи и овци, обработка на земјиште и ги покриваат трошоците за живот.
Вториот елемент на системот Барка се состои од центри за обука во кои групи од 8 до 10 лица (бездомници, зависници, поранешни затвореници и бегалци) посетуваат работилници и се обучени од инструктор. Во нашиот центар во Познањ имаме Работилница за гастрономија, рециклирање, реконструкција и зелена површина.
Третиот елемент е отворањето работни места. Барка води еколошка фарма (400 хектари земјиште) каде што вработуваме сиромашни луѓе. Јавното комунално претпријатие наложува сечење трева покрај автопатиштата. Формиравме социјално претпријатие кое соработува со Фолксваген. Има 30 работници кои ги шијат работните униформи на вработените во Фолксваген, а поправаат и метални и пластични контејнери. Добивката генерирана од оваа социјално претпријатиe беше реинвестирана во зграда со 8 станови во која бездомните работници од социјалното претпријатиe започнаа свој самостоен живот. Барка, исто така, раководи со Центарот за поддршка на развојот на социјалните претпријатија во регионот Вилкополска. Во последниве години беа отворени околу 250 работни места во новоформираните и постоечките социјални претпријатија.
Нашиот пристап го поддржа дизајнот на системот за социјална политика во Полска, кој се фокусира на социјална и професионална реинтеграција наместо добивање бенефиции. Денес Барка има филијали во Обединетото Кралство, Холандија, Белгија, Ирска, Исланд, Германија, Франција, Канада, Кенија, Конго и Северна Македонија.
Имаме ли социјални претпријатија во Северна Македонија?
Б. Садовска: Македонија може да се пофали со различни видови социјални претпријатија и покрај тоа што нема закон за социјално претприемништво. Највидливи се социјалните претпријатија за работна интеграција. Хотелот „Далјан“ во Охрид вработува глуви лица за управување со хотелот. Нивниот систем за нарачки е прилагоден така што гласот се заменува со хартиени и светлосни известувања. „Избор“ во Струмица произведува суво овошје и салати за носење со зависници кои ја вршат работата. „Реди“ (Redi) во Скопје вработува Роми за собирање отпад што може да се рециклира. „Бренд солушн“ (Brand solution) обучува граѓани со посебни потреби во различни ИТ-професии и има ИТ-платформа која ги поврзува со компании за вработување. „Лице в лице“ продава весник, а нивниот продажен персонал е присутен во неколку градови во нашава земја.
Друг вид социјални претпријатија вклучува обезбедување услуги за хендикепирани, дискриминирани или исклучени групи. „РЕТО“ (RETO) управува со дом и работилница во која поправаат и произведуваат мебел. „Операција Мерси“(Operation Mercy) во Чаир обезбедува здравствени услуги и професионална обука за жените на кои им е потребна. „Ин виво“(In Vivo) произведува биохумус со помош на луѓе кои се бездомници.
Други обезбедуваат еколошки производи и услуги, од женски чанти (СИЕЦ [SIEC]) до производи од лаванда, како што се сапун и крем произведени од Здружението за лица со церебрална парализа или рециклирање како што се Еколајф, АХП, Копце или Тугедр (EkoLife, AHP, Kopce или Together). На овој линк можете да прочитате сведоштва во кои се претставени 15 социјални претпријатија од Македонија: <https://www.youtube.com/@supporttosocialenterprises6866>.
Каква е работата на Центарот за социјални претпријатија и неговиот тим и на што се однесуваше вашиот проект?
Б. Садовска: Нашиот проект финансиран од ЕУ, Поддршка на социјалните претпријатија, се фокусира на создавање пријателски екосистем за развој на социјалното претприемништво. Работевме на Националната стратегија и на Законот за социјални претпријатија заедно со соодветната финансиска регулатива.
Во исто време завршивме практична работа и го формиравме Центарот за социјални претпријатија во Скопје зад споменикот на Мајка Тереза. Нашиот Центар ги поддржува социјалните претпријатија во водење на економски активности, дизајнирање бизнис-модели и апликации за грантови/заеми, помага во решавањето на правни и маркетинг-прашања и поддржува партнерства меѓу социјалните претпријатија и компаниите и приватниот сектор заедно со граѓанските организации, локалните општини и академската заедница.
Центарот, исто така, организира саеми за социјални претпријатија, конференции, семинари и сесии за презентација со цел привлекување на капитал и ја поддржува промоцијата и видливоста на производите и на услугите. Во 2022 година, на саемот во Скопје изложуваа 45 социјални претпријатија од целава држава. Центарот ги поддржува и јавните консултации за Законот за социјални претпријатија кој се очекува да биде усвоен во септември или октомври оваа година.
Што можат да направат обичните компании за да ги поддржат социјалните претпријатија? Дали можат да имаат корист од ангажманот? Со кого да контактираат?
Б. Садовска: Социјалните претпријатија имаат силна социјална мисија, но многу често им недостасува бизнис ориентиран начин на размислување и тука компаниите можат да обезбедат менторство, консултантски услуги и волонтирање на вработените за да помогнат во водење на социјалните претпријатија.
Имаме голема разновидност на форми на поддршка. Имаме градови и компании кои купуваат услуги од социјалните претпријатија. Има специфична клаузула во правилата за набавки која дозволува резервација на одредени тендери за социјалните претпријатија, на пример, за купување дрвени палети или рачно изработени подароци. Имаме поединци и компании кои користат ресторани и хотели управувани од социјални претпријатија. Други донираат материјали или парични средства.
Имавме специфична поддршка од младите студенти на УКИМ преку Јунус-центарот. Во два натпревари, тие развија маркетинг-стратегии за три наши социјални претпријатија и понудија предлози за онлајн и офлајн маркетинг. За ова добивме спонзорство од голема банка која ги донираше паричните награди. Можевме да видиме колку младите можат да бидат ангажирани кога ќе видат цел во она што го прават.
Имаме и многу компании и поединци кои се ангажираат со совети и заеднички активности. Многу е охрабрувачки за персоналот кој гледа личен раст кога едно лице се ангажира за доброто на општеството.
Многу компании се долги години посветени на поддршка на социјалните прашања. Во денешниот концепт на „ЕСГ“ (ESG − стандарди за животна средина, управување и социјални стандарди), тие го гледаат вклучувањето на социјалните претпријатија во нивниот синџир на снабдување или социјалното инвестирање како дел од нивниот бизнис. Инволвираноста со социјалните претпријатија е директен начин да се покаже ангажираност, а резултатите може директно да се видат.
Доколку некоја компанија е заинтересирана за соработка со социјални претпријатија, ве молиме контактирајте нѐ преку електронското сандаче:
<centarsp@mtsp.gov.mk>.
Разговараше: Кирко Бошкоски