Интервјуа

Шулц: Следете го примерот на Австрија за развој на туризмот

Марта Шулц | Потпретседател на Австриската Федерална Стопанска комора

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.

Марта Шулц е директор на Шулц групацијата за туризам, претседавач на Жени во бизнисот Австрија, потпретседател на Федералната стопанска комора на Австрија и потпретседател на Еурочемберс. Таа е член на неколку надзорни одбори и член на Бордот на Австриската национална туристичка канцеларија.



Г-ѓо Шулц, ги претставувате бизнисите на врвно европско и национално ниво. Каков беше вашиот пат од мало планинско селце до Виена, Брисел и светот?

М. Шулц: Се придружив на семејниот бизнис во Тирол во 1984 година. Од 1987 година сум активна во менаџирањето на Шулц групацијата која сега ја имаме заеднички во сопственост со мојот брат.
Моето вклучување во Комората започна со Жените во бизнисот, најпрвин на локално ниво, а потоа на регионално ниво. Набрзо добив поголеми одговорности на регионално ниво и станав потпретседател на Комората на Тирол. Од 2010 година сум потпретседател на Федералната стопанска комора на Австрија, а од 2015 година федерален претседавач на Жени во бизнисот во австриската комора. Со текот на времето го препознав значењето на европското ниво за нашите претприемачи и сум активна во европската асоцијација Еурочемберс каде што сум потпретседател и претседавач на Комитетот за вештини.
Околу 80 % од одлуките што се релевантни за економската политика на Австрија се носат на ниво на ЕУ. Мошне е важно да се разбере како одат работите во Брисел и да се биде дел од таа игра. Да се биде дел од Европската асоцијација е голема предност таму бидејќи преку Еурочемберс имам директен контакт со политичките носители на одлуките.

Завршивте училиште за стручно усовршување, а претседавате и со Комитетот за вештини во Еурочемберс. Какви се вашите погледи во однос на стручното усовршување како солидна професионална основа во споредба со чисто академско образование?

М. Шулц: Јас се родив во претприемачко семејство фокусирано на туризмот така што посетував училиште ориентирано кон туризмот. Имав пракси во разни хотели и туристички агенции во Австрија и во германски туроператори и компании за автобуси.
Практичното образование ми даде многу вреден увид и практични вештини кои не можев да ги добијам во академското образование и тоа многу ми помогна во професионалната кариера. Академската обука се фокусира повеќе на теоретско знаење и широки истражувачки вештини што се применливи во поширок опфат на дисциплини и области.
Сепак, двата типа на образование имаат свои сопствени вредности и предизвици и можат меѓусебно да се надополнат за да им дадат на поединците добро заокружено образовно искуство.
Како претприемач јас сум многу посветена на дуалниот образовен систем што го имаме во Австрија. На тој начин го спречуваме недостигот на работници со вештини, нешто што се случува во Европа.
Во нашата компанија сега обучуваме млади луѓе преку 11 разновидни пракси за да знаеме дека ги имаме работниците со вештини за иднината.
Праксите (стажирањата) даваат практични и директно применливи вештини релевантни за одредени работи. Тоа може да води до побрз влез на пазарот на работна сила и повисока заработувачка на краток рок бидејќи им дава на учениците вештини што се специфични и барани и кои се вреднувани од страна на работодавачите. ВЕТ исто така е пореспонзивно и поадаптибилно на потребите на економијата и на општеството кои се менуваат и може брзо да ги ажурира наставната програма и методите за да бидат во склад со најновите трендови и иновации.
Оттаму се залагам за балансиран пристап што ги препознава како стручното така и академското образование и промовира соработка и интеграција меѓу нив.
Моментно Владата на Австрија подготвува правна основа за систем на вишо стручно образование и обука (ВЕТ) што ќе го надополни терцијарното образование во Австрија. Во иднина ќе има споредливи квалификации во професионалниот свет исто како во академскиот свет. Швајцарија и Германија веќе имаат воспоставено таков систем и трчаат на две нозе кон иднината: практично стручно образование и обука, како и академско и научно образование.

Жените се среќаваат со специфични предизвици. Можете ли да ни кажете за вашите идеи и како гледате во однос на фер застапеноста на жените во бизнисот?

М. Шулц: Јас сум страстен претприемач со полно работно време. Да се биде жена претприемач значи дека јас исто така ги знам проблемите со кои особено жените се судираат. Недостаток на грижа за децата, пристап до финансии и двојната транзиција: ќе биде потребен координиран напор од носителите на политиките и другите засегнати страни за справување со овие препреки во Европа и да се креира амбиент кој дава поголема поддршка на жените во работната сила.
Работата е најдобар начин да им се даде моќ на жените во економска смисла. Зголемувањето на учеството на жените на пазарот на работна сила исто така им помага на работодавачите во Европа кои не можат да ги пополнат празните работни места. Силното женско претприемништво е дел од решението.
Во Австрија имаме повеќе од 140 илјади жени претприемачи. Тие се важен извор на нашата бизнис-локација. Речиси секоја втора компанија е основана од жена и повеќе од секоја трета компанија е управувана од жена.
Јасно е дека нашите жени претприемачи се на патот на успехот. За жал, најголемиот предизвик за жените претприемачи кои имаат деца сè уште е тешкотијата во балансирањето на кариерата и семејството. Како засегната страна ние сме решени да го подобриме усогласувањето меѓу работата и семејството.
Бараме брзо, флексибилно, висококвалитетно и на национално ниво проширување на грижата за децата, особено за децата помали од 3 години, како и законско право на грижа за децата. Постои потреба за зголемување на часовите кога се отвораат и редуцирање на времињата кога се затвораат , како и флексибилна понуда за родителите, особено во времињата што не се во шпицот и за викенди. Од ова особена корист би имале жените претприемачи во туризмот.

Неодамна ја посетивте земјава во улога на потпретседател на Федералната стопанска комора на Австрија, но и како потпретседател на Еурочемберс. Како гледате на економската ситуација во земјава од „европска“ перспектива? Како би можеле ние да го намалиме јазот во однос на другите земји од ЕУ?

М. Шулц: Од европска перспектива би рекла дека економската ситуација во Северна Македонија е соочена со предизвици, но и ветувачки моменти во исто време.
Северна Македонија направи значаен напредок во либерализацијата на економијата и подобрување на бизнис-амбиентот од стекнувањето независност по распадот на Југославија во 1991 година.
Северна Македонија сè уште се соочува со ризици и структурни предизвици што можат неповолно да влијаат на нејзините долгорочни изгледи. Но, сигурна сум дека Северна Македонија ќе го намали јазот во однос на другите земји на ЕУ преку спроведување реформи и инвестиции што ќе ги поттикнат конкурентноста, отпорноста и интеграцијата. Ова вклучува подобрување на управувањето со јавните финансии, услугите во здравството и социјалната заштита, зајакнување на управувањето и владеењето на правото, промовирање на дигитализацијата и иновациите, напредок во преминот кон зелена енергија и акции во борбата против климатските промени.

Вашата база е туризмот. Ова не се смета за многу привлечна индустрија. Ниски плати, тешки услови за работа, ниска профитабилност. Зошто земја како нашава, без излез на море, би го развивала туризмот?

М. Шулц: Гледам огромни можности за развој на туризам со квалитет поврзан со одржливоста. Ние во Австрија сме горди на нашата убава земја и нашиот туризам. Предностите што ги носи силната индустрија на туризмот се следниве:
– Туризмот придонесува многу за БДП (во Австрија околу 10 %) и за вработеноста во земјата, како и за билансот на плаќање и даночните приходи.
– На пример, во Тирол речиси секое трето заработено евро е директно или индиректно поврзано со туризмот и околу секое четврто работно место со полно работно време може да се припише на туризмот.
– Локалното население има полза од инфраструктурата што не би можело да си ја дозволи без туризмот.
– Осумдесет проценти од компаниите во туризмот се семејни бизниси.
– Туризмот го стимулира развојот на други сектори. Туризмот во Австрија поддржува широк опфат на бизниси и услуги, од хотели и ресторани до авиокомпании и железница, од музеи и театри до скијачки центри и земјоделскиот сектор.
– Туризмот ги засилува конкурентноста и атрактивноста на земјата, како и нејзината меѓународна репутација.
Северна Македонија може да го развие туризмот преку искористување до максимум на своите природни и културни атракции. Вашата земја има богато и разновидно наследство што ги одразува влијанијата од античко, римско, отоманско и балканско време. Северна Македонија има запрепастувачка природна убавина што нуди бројни можности за активности на отворен простор и релаксација. Има три големи езера, драматични планини и национални паркови што можат да привлечат туристи кои бараат авантура и природа. Конечно, имате вкусна и разновидна кујна што ја одразува географската и културната разноликост.
Земја како Северна Македонија, која нема излез на море, може да го развие туризмот преку следење на примерот на Австрија која исто така нема излез на море, но има мошне успешна и диверзифицирана индустрија на туризмот.
Би ви препорачала да ја диверзифицирате понудата во туризмот и да инвестирате во квалитетот и одржливоста на инфраструктурата и услугите во туризмот, како што се транспортните врски, сместувачките капацитети, атракциите и информациските системи.

Една австриска институција која е ценета во овој контекст е Организацијата за управување со дестинација (“Fremdenverkehrverein”), како и Агенцијата за промоција на туризмот (“Osterreichwerbung”). Како е инволвиран вашиот бизнис на локално ниво и кои се клучните прашања на национално ниво? Што можеме да научиме од Австрија?

М. Шулц: Австриската национална туристичка канцеларија е организација за туризмот во Република Австрија и е финансирана од Министерството за економија и Комората за трговија на Австрија. Таа е основана во 1955 година и оттогаш работи на развој на модерниот туризам во Австрија.
Главното нешто е да се работи заедно со сите партнери на австрискиот туризам за да се обезбеди дека Австрија е одржана и проширена како туристичка дестинација.
Главните задачи се следниве:
– Промовирање на дестинацијата преку ефективни маркетиншки кампањи и кампањи за брендирање што ги истакнуваат уникатните точки на привлекување за целните пазари.
– Управување со брендот „Одмор во Австрија“: брендот ја прави Австрија различна од другите како дестинација за одмор и ја одразува емоционалната додадена вредност од престојот во Австрија.
– Процесирање на најветувачките меѓународни пазари со иновативен, модерен маркетинг.
– Партнер на компаниите во австрискиот туризам и важен елемент на поврзувањето во туризмот. Индустријата има полза од постојаната целосна ажурираност и добро засновано знаење на австрискиот туристички борд за гостите и пазарите.
– Пионер за иновации, дигитална трансформација и одржливост во туризмот.
Покрај Австриската национална туристичка канцеларија имаме 9 туристички организации во провинциите и бројни канцеларии за управување со дестинација.
Јас сум член на Извршниот комитет на Австрискиот национален туристички борд и вклучена сум во Тиролскиот туристички борд, како и во локалните туристички асоцијации на Цилертал и Источен Тирол.

Дали Австрија ќе го поддржи развојот на туризмот во земјава?

М. Шулц: Поддршка веќе се дава на училиштата за стручно образование во делот на обука на учителите. Австриски експерти помагаат во одредување на патеки за пешачење во планините.
Планираме да донесеме во Северна Македонија потенцијални инвеститори и бизнис-партнери од Австрија кои имаат интерес за соработка со локални компании. Ова би можело да води кон инвестиции и/или трансфер на „ноу хау“, но и продажба на опрема што се употребува во туристичкиот сектор.
Отворени сме за понатамошна соработка, размена на искуства и проекти за развој на туризмот.

Ви благодарам за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано