Интервјуа

Мичел: Богатите нации станале богати кога владите биле многу мали и немало даноци на доход

Дениел Мичел, Институт Като

Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.

Господине Мичел, вие сте виш соработник во Институтот Като веќе 11 години, а претходно бевте 17 години во Фондацијата Херитиџ. Што ве привлече кај овие организации? Што можете да ни кажете за нив?

Д. Мичел: Соединетите Американски Држави имаат силна култура на тинк-тенкови кои се приватни организации ориентирани кон политиките и обично се непрофитни. Фондацијата Херитиџ е конзервативен тинк-тенк, а Институтот Като е либертаријански тинк-тенк, но и двете организации се добри за луѓе како мене кои веруваат во економските и моралните придобивки од ниски даноци и мало оптоварување од страна на трошењето на државата.

Важите за еден од водечките експерти за меѓународна даночна конкуренција. Како ја дефинирате и зошто ја сметате за толку важна?

Д. Мичел: Меѓународна даночна конкуренција постои кога политичарите чувствуваат притисок да ги намалат даночните оптоварувања (или притисок да не ги зголемат даночните оптоварувања) бидејќи се загрижени дека работните места и инвестициите ќе мигрираат во јурисдикции со подобра даночна политика. Имаме една изрека во Америка „не ги растерувај гуските што несат златни јајца“. Ова е добар начин да се опише даночната конкуренција. Ако политичарите мислат дека даночните обврзници немаат можности (како гуски со исечени крилја), тие политичари ќе претеруваат со даноци и ќе трошат премногу. Ако сакаме луѓето во владата да се однесуваат одговорно (или, да бидеме пореални, ако едноставно сакаме да ја ограничат својата алчност), тие треба да се плашат дека даночните обврзници ќе избегаат.
Доказите за ефективна даночна конкуренција се силни. Кога Роналд Реган и Маргарет Тачер драматично ги намалија даночните стапки пред повеќе од 40 години, тоа помогна економски да се ревитализираат САД и Обединетото Кралство. Но, подеднакво е важно што другите нации беа принудени да ги намалат даночните стапки бидејќи се плашеа дека работните места и инвестициите мигрираат во САД и Обединетото Кралство.

Како треба да се заштити меѓународната даночна конкуренција?

Д. Мичел: Политичарите од земјите со високи даноци се обидуваат да ја ослабат даночната конкуренција. Тие сакаат да го олеснат зголемувањето на даночните оптоварувања за да можат да се обидат да купат повеќе гласови за време на изборите. Овие политичари се залагаат да се замени даночната конкуренција со даночна хармонизација. Некои од овие напори се во тек долго време, како што е проектот против даночната конкуренција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) уште во деведесеттите и двеилјадитите, кој ги таргетираше даночните раеви. Во поново време, ОЕЦД се обидува да наметне глобален минимален корпоративен данок. На бирократите во ОЕЦД не им е грижа што повисоките корпоративни даноци ќе им наштетат на работниците и ќе ја намалат конкурентноста. Тие ги следат наредбите од земјите со високи даноци кои ја финансираат нивната бирократија. Многу е иронично тоа што бирократите на ОЕЦД одат низ светот за да се залагаат за повисоки даноци, но сепак добиваат многу дарежливи плати без данок. Истото ова важи и за бирократите во Меѓународниот монетарен фонд, кои исто така се залагаат за повисоки даноци, но сепак се ослободени од влијанието на нивната лоша политика.

Вие сте коавтор на книга со наслов „Глобална даночна револуција“. На каква револуција мислите? Дали верувате дека е можно да се обезбеди мултинационална координација во однос на оданочувањето со оглед на преовладувачките геополитички случувања?

Д. Мичел: Книгата ја документира битката за даночната конкуренција, почнувајќи со даночните намалувања на Реган и Тачер, следено од сите други нации кои ги намалија даночните стапки и усвоија рамни даноци. Книгата потоа дискутира за тоа како бирократиите како што се ОЕЦД и ММФ се користат од државите со високи даноци за да ја ослабат даночната конкуренција. Главниот заклучок на книгата е дека „мултилатералната координација“ е многу лоша идеја. Тоа значи дека политичарите создаваат картел за нивна корист за да можат да наметнат повисоки даночни стапки и да извлечат повеќе пари од работниците и потрошувачите.

Вие сте голем поборник за рамниот данок. Напишавте книга за рамниот данок во која ја нагласувате слободата, правичноста, работните места и растот. Дали би ги елаборирале овие клучни аспекти на книгата?

Д. Мичел: Рамниот данок се заснова на три важни принципи на добра фискална политика. Прво, даночната стапка треба да биде ниска. Второ, даночниот систем не треба да биде пристрасен кон штедењето и инвестициите (во САД велиме „без двојно оданочување“ на доходот што се штеди и инвестира). Трето, даночниот систем не треба да има никакви дупки, одбитоци, ослободувања, кредити, исклучувања и други преференции кои го искривуваат однесувањето на луѓето. Со други зборови, рамниот данок не значи само да се има една стапка. Тој исто така значи подеднакво третирање на сите приходи. Ова е и од морален аспект правилно (сите приходи и сите даночни обврзници добиваат неутрален третман) и економски мудро (најдобар систем за поттикнување на работа, штедење, инвестиции и претприемништво). Таквиот систем, исто така, ја подобрува усогласеноста бидејќи има помал поттик за даночно избегнување и даночно затајување.

Зошто мислите дека тоа е супериорна даночна политика во споредба со оданочувањето со прогресивна стапка?

Д. Мичел: Поголемиот дел од мојот одговор на претходното прашање може да се повтори и овде. Но, ќе наведам и две дополнителни работи. Прво, рамниот данок се претпочита во однос на таканаречениот прогресивен данок бидејќи испраќа сигнал до инвеститорите и претприемачите во светот дека јурисдикцијата не ги дискриминира луѓето кои создаваат работни места и бизниси. Ова ќе помогне да се привлечат пари од странски инвеститори, што е одличен начин за постигнување побрз раст (што е многу важно во регион кој сè уште се обидува да фати чекор по децениската комунистичка економска репресија). Второ, рамниот данок се претпочита во однос на прогресивниот данок бидејќи испраќа сигнал до луѓето во самата земја дека не е правилно да се дискриминираат луѓето само затоа што заработуваат повеќе приходи (познато како „оданочување во функција на класна војна“). Целта треба да биде да се поттикнат амбициозните луѓе да бидат што попродуктивни. Добро е таквите луѓе да се задржат во земјата наместо да им се даваат причини да се преселат во земји кои веќе се богати.

Како го објаснувате фактот дека повеќето од развиените економии од западниот свет применуваат прогресивно оданочување? Се чини дека рамниот данок се користи претежно од земјите во развој како алатка за привлекување повеќе странски директни инвестиции.

Д. Мичел: Ова е многу важно прашање што треба да се адресира бидејќи некои луѓе гледаат дека богатите земји обично имаат таканаречени прогресивни даночни системи, а потоа погрешно заклучуваат дека високите даночни стапки не се економски штетни. Во реалноста, богатите нации во светот станале богати во илјада и осумстотите и раните илјада и деветстоти кога владите биле многу мали и немало даноци на доход. За жал, како што овие нации преминаа од состојба на земјоделска сиромаштија кон просперитет на средната класа, политичарите сфатија дека можат да заробат дел од дополнителниот доход со наметнување даноци на доход. Отпрвин даночните стапки беа релативно скромни така што економската штета не беше толку голема (особено затоа што некои земји како САД првично го користеа данокот на доход за да финансираат намалувања на даноците поврзани со трговијата како што се увозните тарифи). За жал, политичарите потоа почнаа да ги зголемуваат даночните стапки во 1930-тите и 1940-тите со цел да го финансираат поголемиот товар од владиното трошење (процес што продолжи кога многу од нив усвоија даноци на додадена вредност почнувајќи од 1960-тите и 1970-тите години). Усвојувањето даноци на доход беше грешка. И беше дополнителна грешка да се наметнат откако станаа богати. За економиите во развој и во транзиција очигледната лекција е дека не треба да ја прават истата грешка. Особено затоа што допрва треба да станат богати!

Каков е вашиот став за зголеменото трошење на државата во време на вонредни настани како што е пандемијата ковид-19? Дали го сметате за оправдано? Дополнително, дали мислите дека оданочувањето со прогресивна стапка може да се искористи за борба против нееднаквоста на доходот? Кои очекувате да бидат клучните карактеристики на фискалните политики во нареднава деценија?

Д. Мичел: Има многу академски истражувања кои покажуваат дека трошењето на државата генерално има негативно влијание врз економскиот раст. Поконкретно, научниците открија дека скромните нивоа на трошење на државата можат да бидат економски корисни под претпоставка дека политичарите се фокусираат на вистински „јавни добра“ како што е спроведувањето на правдата заедно со некои прудентни трошоци за неколку работи како што се инфраструктурата и образованието. За жал, поголемиот дел од државните трошоци се распределуваат на начини кои имаат негативна корелација со растот. Како дел од мојот одговор на претходното прашање, спомнав дека западните држави имале многу мали влади во илјада и осумстотите и раните илјада и деветстоти години. Да појаснам дека на пример Соединетите Американски Држави, Шведска, Австралија, Обединетото Кралство и Канада имале – во најдобар случај – многу мали социјални држави. Немало пензии обезбедени од владата. Немало здравствени програми обезбедени од владата. Немало програми за болест или попреченост. Немало бенефиции за невработени. И ова е ерата во која тие станале богати. Зошто? Затоа што постоел максимален поттик за производство и немало можност за потпирање на државата. Ваков систем на чист „лесефер“ можеби не е изводлив денес (иако Хонгконг и Сингапур се приближни), но треба да научиме дека имањето многу мала влада произведува многу големи придобивки.
Што се однесува до еднаквоста на доходот, мислам дека на креаторите на политиките не треба да им е грижа дали некои луѓе се побогати од други. Политичарите кои се фиксираат на еднаквоста на доходот обично се залагаат за казнени политики (како „оданочување во функција на класна војна“) кои го намалуваат економскиот просперитет. И тие, исто така, ќе се залагаат за голема социјална држава со многу прераспределба, иако тој пристап исто така го намалува просперитетот. Многу е подобро наместо тоа да се фокусираме на намалување на сиромаштијата. Кога креаторите на политиките се фокусираат на намалување на сиромаштијата, поверојатно е дека ќе ги прифатат реформите кои го поддржуваат растот како што се пониски даночни стапки, дерегулација, здрави пари и слободна трговија. Единствениот успешен рецепт за намалување на сиромаштијата во светската историја се слободните пазари и ограничената влада.

Бевте во Скопје во април годинава и одржавте говор на настан организиран од Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. За што беше говорот и дали убаво си поминавте овде?

Д. Мичел: Зборував за потребата од вистинско слободно претпријатие, што значи дека политичарите не даваат посебни услуги за одредени индустрии или компании. Кога политичарите обезбедуваат услуги (често се нарекуваат кронизам или индустриска политика), тоа често се поврзува со корупција бидејќи фирмите ќе им даваат пари на политичарите за да добијат посебен третман. Ваквите политики, исто така, го поткопуваат просперитетот бидејќи бизнисите се фокусираат на добивање субвенции и други услуги наместо да се фокусираат на тоа да бидат ефикасни. На долг рок, тоа значи помалку работни места и помала конкурентност.
Уживав во посетата. Публиката беше многу внимателна и поставуваше добри прашања. За жал, бев во градот само еден ден бидејќи Free Market Road Show имаше многу набиен распоред. Бев во Приштина ден пред Скопје и во Блогоевград ден по Скопје!

Ви благодарам за интервјуто.


 

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО