Интервјуа
Малиќи: Гемак со Џони Вокер храбро зачекори и на албанскиот пазар
Мега интервју со Самир Малиќи, корпоративен директор за стратегиска соработка со принципали, Малиќи груп
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.
Гемак изминативе триесетина години e лидер на македонскиот пазар кога станува збор за дистрибуција и продажба на алкохолни пијалаци. Пред дваесетина години бизнисот го прошири и на Косово со компанијата Гекос, а деновиве прави голем чекор и на албанскиот пазар.
Реномето кое со години го гради оваа компанија во земјава, но и во регионот, бил еден од факторите долгогодишниот партнер Диаџо (Diageo) да му понуди на Гемак да го прошири бизнисот и во Албанија, која е најголема мултинационална компанија за производство и дистрибуција на алкохолни пијалаци во светот.
Како што е Гемак во Македонија за Диаџо (Diageo), така е и Агмам груп во Албанија и Гекос во Косово.
Сите овие компании работат под капата на Малиќи групацијата.
Диаџо (Diageo) стои зад 9 од 20-те водечки светски брендови на дестилирани алкохолни пијалаци, како свои „глобални приоритетни брендови“, како што се вотката Смирнов (Smirnoff), легендарните виски Џони Вокер (Johnnie Walker) и Џеј и Б (J&B), Гинис (Guinness), ликерот Бејлис (Baileys), румот Капетан Морган (Captain Morgan), џинот Танкерај (Tanqueray).
А фактот дека Албанија во последниве години многу брзо влезе во сериозни бизниси, особено во туризмот и во угостителството, ја направи особено попопуларна дестинација за Гемак и ѝ ги олесни плановите за освојување и на овој пазар.
Албанија вложи напори во подобрување на инфраструктурата, развој на хотели, ресторани, одморалишта на плажа и други туристички капацитети.
Дали овој евидентен и рапиден раст на Албанија беше клучен за да го поттикне вашиот интерес за влез на албанскиот пазар со дистрибуција и продажба на алкохолни пијалаци?
С. Малиќи: Поважно ни беше што нашиот долгогодишен принципал Диаџо (Diageo) ни понуди проширување на соработката. Но, секако го земавме предвид фактот економскиот раст на Албанија. Растот на туризмот и на инвестициите во туристичката индустрија во Албанија обезбеди нови деловни можности за претприемачите и инвеститорите. Сето ова го препознавме и ние заедно со нашиот долгогодишен партнер и дистрибутер од светски рамки Диаџо (Diageo) одиме и на албанскиот пазар.
Освојувањето на странските пазари во бизнисот со алкохолни пијалаци бара внимателно планирање и спроведување. На кои клучни фактори сметате за успех во освојувањето на албанскиот пазар?
С. Малиќи: Сметам дека приспособувањето кон културата и преференциите се клучни. Секој пазар има свои специфики и културни норми кога станува збор за консумирање алкохолни пијалаци. Партнерствата со локалните дистрибутери, трговци на мало или угостителски објекти можат да бидат клучни за успехот. Локалните партнери имаат подобро разбирање за пазарот, за каналите на дистрибуција и за мрежите на клиентите, што помага да се воспостави присуството и побрзо да ја придобиеме целната група. Секоја земја има свои законски и регулаторни барања поврзани со увозот, дистрибуцијата и продажбата на алкохолни пијалаци.
Трендовите во туризмот и барањата на гостите сега се повисоки од кога било. Како ќе се прилагодите на нивните потреби?
С. Малиќи: Секоја инвестиција носи одреден степен на ризик, вклучувајќи економски, политички и пазарни фактори. Затоа се врши анализа на пазарот од многу аспекти, дури и традицијата или културата на консумирање пијалаци, се консултираат експерти пред да се инвестира. Кога се работи на меѓународен пазар очекувано е да се соочиме со посебни предизвици како што се разлики во културата, законите, царинските прописи и логистиката.
На нашиот долгогодишен партнер Диаџо (Diageo) ние сме му сигурен партнер, што значи очекуваме успех и на албанскиот пазар.
Колку законските регулативи се пречка за успешен бизнис со алкохолни пијалаци?
С. Малиќи: Индустријата за алкохол секаде е силно регулирана, а почитувањето на законските барања во врска со лиценцирањето, дозволите, ограничувањата за возраста, етикетирањето и одговорните практики за пиење се од суштинско значење за долгорочен успех, без разлика дали работиме во земјава, Косово, Албанија или на некоја наша следна бизнис-дестинација во иднина. Внимателно ги планираме клучните детали.
Дали прилагодувањето на деловните стратегии ги намалуваат деловните ризици за да се постигне успешен бизнис во индустријата за алкохол?
С. Малиќи: Проширувањето во новите региони е показател за раст и успех на една компанија. Факторите како побарувачката на пазарот, конкуренцијата, дистрибутивната мрежа и ефективните маркетинг-стратегии играат клучна улога во одредувањето на успехот на проширувањето на бизнисот.
Како новата компанија во Албанија ја планира својата инфраструктура, магацини, дистрибутивна мрежа во Албанија, дали ќе ги користите стратешките локации во Македонија и во Косово?
С. Малиќи: Логистиката и дистрибуцијата се клучни фактори за да тргне бизнисот, особено во нашиот бизнис. Добро сме организирани, сметаме и на нашиот синџир на снабдување, ќе ги оптимизираме рутите за испорака, ќе ги распределиме залихите и ги имаме предвид сезонските промени во побарувачката. Во тек се поголеми инвестиции, во моментов привршува изградбата на наш магацински простор и на дистрибутивни центри во Албанија. Но, сметаме и на трети лица, на локалните доставувачи и на нивната логистика.
Што е потребно за успех во оваа индустрија и дистрибуцијата на алкохол?
С. Малиќи: Многу фактори влијаат на успехот. Прво, многу се важни силните релации со доставувачите. Ние веќе три децении со Гемак и со Гекос на Косово градиме исклучително професионална релација и со нашите принципали како што е Диаџо (Diageo), што е од суштинско значење за да се обезбеди доверливо снабдување со популарни и висококвалитетни алкохолни пијалаци. Многу е важна и широката и ефикасна дистрибутивна мрежа која помага производите да се лесно достапни за клиентите. Маркетингот и брендот се клучни.
Покрај добриот маркетинг и квалитетот на производите, постојат и други фактори кои можат да бидат клучни за успехот во дистрибуцијата на алкохолни пијалаци. Кои се тие?
С. Малиќи: Неверојатната улога во продажбата, промоцијата на пијалаците кои ги продаваме ја има тимот за продажба кој е добро обучен и е одличен познавач на производите што ги дистрибуираме. Важна е едукацијата на трговците на мало и на клиентите за да се поттикне продажбата и да се изгради доверба. Важен е квалитетот на асортиманот на производите исто така. Но, треба да ги задоволиме различните вкусови и потреби на потрошувачите. Неблагодарно е да се споредува, но секое време си носи некоја своја „мода“ во консумирањето на алкохолни пијалаци. Пред повеќе од 10 години, вискито беше прв на листата на најпосакувани пијалаци, сега консументите сакаат поширок спектар на алкохолни пијалаци, вклучувајќи различни видови пијалаци и коктели. Индустријата за алкохолни пијалаци е динамична, а вкусовите и преференциите на потрошувачите се менуваат. Следењето на најновите трендови и иновации во индустријата помага да се прилагодиме на барањата на пазарот и да привлечеме нови клиенти.
Колку е важна конкуренцијата?
С. Малиќи: Анализата на пазарот и следењето на конкуренцијата се важни за да се разбере нивната стратегија, позиционирањето на пазарот, цените и промотивните активности. Ова ни овозможува да ги прилагодиме нашата понуда и стратегија за да се истакнеме и да привлечеме потрошувачи, но не по секоја цена. Наша главна цел е да нудиме исклучително добар квалитет за премиум цена.
Индустријата за алкохолни пијалаци е стабилна на долг рок и доживува умерен раст. Консумирањето на алкохолни пијалаци е поврзано со економски фактори, трендови и промени во навиките за консумирање. Колкаво и какво е влијанието на војната во Украина врз бизнисот со стакло и другите репроматеријали?
С. Малиќи: Војната во Украина може да има различни влијанија врз различни индустрии, вклучувајќи го и бизнисот со стакло. Нашата индустрија е зависна од стаклената амбалажа. Сепак, важно е да се забележи дека состојбата е динамична и може да се промени во кратко време. Војната во Украина имаше влијание и на флуктуацијата на цените на суровините. Цените на суровините како што се јачменот и хмељот варираат и поради климатските услови, промените на пазарот, но и поради војната во Украина. Почувствувавме и пазарна нестабилност, секако и политичка и економска несигурност. Сето ова влијае на довербата на потрошувачите и на севкупната побарувачка на пазарот, потенцијално влијаејќи на продажбата и на профитабилноста. Сепак, важно е да се забележи дека условите и трендовите во индустријата можат да варираат во зависност од регионот, од земјата и од одредена категорија на пијалаци. На пример, некои пазари може да забележат поголем раст во сегментот на висококвалитетни алкохолни пијалаци, додека други пазари може да покажат поголем интерес за занаетчиски пива или локални специјалитети.
Индустријата е динамична и постојано се менува. Која е вашата стратегија кога помладите колеги влегуваат во бизнисот со алкохолни пијалаци?
С. Малиќи: Образованието е клучно за добра индустрија за алкохолни пијалаци. Треба добро да ги знаат различните категории на пијалаци, процесот на производство, видовите на дестилација, регионите и стиловите. Разбирањето на пазарот, на трендовите и на преференциите на потрошувачите ќе им помогне на помладите да донесат добри деловни одлуки. Другото е силна волја и желба за натпревар. Инсистирам на фер плеј.
Водењето бизнис во индустријата за алкохолни пијалаци носи одредени деловни ризици. Дали ве плаши конкуретноста на албанскиот пазар?
С. Малиќи: Времето и искуството се на наша страна. Имаме фокус на квалитетот на производите, што е основа на успешен бизнис. Искуството покажа дека сме развиле вештини за продажба и комуникација. Секако дека имаме пресметани ризици, ја почитуваме конкуренцијата која може да биде многу конкурентна во оваа индустрија, има многу различни брендови и играчи на пазарот. Но, претходно си ги „измеривме“ силата и капацитетите и тргнавме во овој предизвик. Веќе сме доволно возрасни, ние не се плашиме од нови почетоци, стравот е за помладите.
Разговараше: Кирко Бошкоски