Интервјуа
Еден од најголемите предизвици во наредниве години ќе биде генеративната вештачка интелигенција
Интервју со Влахо Костов, извршен инженер во Панасоник, член на Управниот одбор и поранешен претседател на Управниот одбор на CI Plus LLP
Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.
Сте управувале со проекти за заштита на содржина и безбедност. Какво е вашето мислење за важноста на тоа во однос на денешниот брз технолошки развој?
В. Костов: Сè уште сум член на Одборот на директори и поранешен претседател на Одборот CI + LLP кој е авторитет од доверба (Trust Authority) за една од најраспространетите технологии за заштита на содржините (content protection) со над 950 милиони уреди на пазарот.
Еден од најголемите предизвици во наредниве години ќе биде генеративната вештачка интелигенција (VI [Generative AI]) по примерот на ChatGPT, Midjourney итн., што може да се користат за создавање нова содржина, вклучувајќи аудио, програмски код, слики, текст или видеа. Неодамнешниот развој во оваа област има потенцијал драстично да го променат начинот на кој пристапуваме кон креирање содржина, а со тоа ќе мора да се изнајдат и нови начини на нејзина заштита.
Заштитата на содржината станува сè поважна во денешниов технолошки пејзаж кој брзо се развива. Тоа започна со доаѓањето на дигиталните медиуми, кога стана мошне лесно да се создаваат, да се дистрибуираат и да се консумираат сите видови содржини, вклучувајќи музика, филмови или книги. Иако ова донесе многу придобивки и за создавачите и за потрошувачите, исто така создаде нови предизвици во однос на заштитата на содржината од неовластено копирање, споделување и пиратерија. Бидејќи технологијата продолжува да напредува, се олеснува дуплирањето и дистрибуцијата на дигитална содржина без дозвола на сопственикот. Без соодветна заштита, креаторите нема да заработат праведен поврат на нивната инвестиција од време, пари и ресурси за создавање висококвалитетна содржина, што ќе ги обесхрабри идните иновации и креативната работа бидејќи креаторите ќе сметаат дека нивните напори не се соодветно наградени. Но, исто заштитата на содржината мора да ги балансира интересите на создавачите со оние на потрошувачите и да се постигне рамнотежа меѓу заштитата на содржината и нејзината достапност за оние кои сакаат да ја консумираат.
Покрај тоа, важна улога во заштитата на содржината играат и дистрибутерите на содржина кои помагаат да се донесе содржината до пошироката публика, но исто имаат одговорност да обезбедат содржината да се дистрибуира законски и етички. Ова е особено важно на денешниот глобален дигитален пазар каде што содржината може лесно да се споделува и да се дистрибуира преку границите и јурисдикциите. Дистрибутерите мора да се движат во сложени правни и регулаторни рамки за да се осигурат дека ненамерно не го олеснуваат прекршувањето на авторските права или други форми на кражба на интелектуална сопственост.
Во исто време, дистрибутерите на содржина помагаат и да се промовира заштитата на содржината со имплементирање технолошки решенија кои го отежнуваат неовластеното копирање и споделување како на пример: технологиите за управување со дигитални права (Digital Rights Management) може да се користат за да се спречи неовластен пристап до дигитална содржина, додека водените жигови (Watermarking) и другите технологии за следење можат да помогнат да се идентификува и да се следи содржината што е незаконски споделена.
Само со почитување на интересите и со водење сметка за сите три страни, креаторите, потрошувачите и дистрибутерите, може да се создаде одржлива креативна економија која е од корист за сите.

Сте предавале проектен менаџмент и комуникации. Што мислите, кои се најважните вештини што треба да ги имаат проект-менаџерите денес?
В. Костов: Можам да дадам еден надворешен поглед како некој кој формалното образование го имал во инженерството, и иако сум инволвиран во развој и иновации, сепак многу мал дел од моите активности се „инженерски“ или од техничка природа. Предизвиците на современите менаџери во која било индустрија одамна не се само од „специјалистичка“ природа или базирани на нивните основни вештини (core skills). Би рекол, четири вистини се неопходни:
– Учење од грешки: не треба да се има страв од неуспех, особено неуспехот во младите години. Сите успешни менаџери, па дури и најуспешните, имаат зад себе ред грешки по кои разликата е само како ќе се справите со нив и како ќе продолжите понатаму: нерешителни и несигурни или мошне појаки и мотивирани. Сигурно изгледа како клише, но со задоволство го цитирам Нелсон Мандела: „Никогаш не губам. Или победувам или учам.“ (I never lose. I either win or I learn.)
– Вештини за комуникација со надворешниот свет и способноста за соработка се социјални вештини (soft skills) кои мора да ги има секој претставник на современиот менаџерскиот ешалон додатно на своите основни вештини. Мора да пристапуваат кон предизвиците со самодоверба, но без ароганција и да имаат желба да разменуваат идеи, да слушаат и да научат од подобрите од нив. Можеби уште едно клише, но Исак Њутон велел: „Ако успеав да видам подалеку, тоа е бидејќи стоев на рамена на џинови.“ (If I have seen further it is by standing on the shoulders of giant.)
– Менаџирање на време, веројатно најдефицитарниот и најскапоцениот ресурс денес, кој мора да се користи прагматично. Потребно е потполно внимание како и каде се троши времето и секогаш барање можност да се оптимизира, посебно на процеси или активности кои се повторуваат.
– Менаџирање на информации: денес сите сме изложени на „информациско преоптоварување“ (information overload) и успешен проект-манаџер мора да го инвестира своето внимание мошне мудро – поточно само во квалитетни и проверени извори на информации кои ќе се искористат и аплицираат на најдобар можен начин за поставената цел.
Информациското преоптоварување стана голема пречка и тешкотија во разбирањето на проблеми и ефективно донесување одлуки. Мошне често влезот го надминува капацитетот за обработка и се намалува квалитетот на одлуките.
Посебно модерната информатичка технологија е главниот поттикнувач на овој феномен поради големината на достапните информации, леснотијата на ширење и порастот на социјалните медиуми и кражбата на вниманието (економијата на вниманието).
Успешните менаџери мора да научат да одвојат време и покрај сите нарушувања (Disruptions), ефикасно да селектираат и да даваат приоритет и покрај прекумерната изложеност на информации кои доаѓаат од сите страни преку е-пошта или колаборативни алатки како Тимс/Слак (Teams/Slack), но и преку другите социјални канали како Линкдин, Вотсап, Tвитер, Фејсбук.
Со сигурност моментално тоа е еден мошне тежок корпоративен предизвик.
Експерт сте за иновации во дизајнот, развој на нови бизниси и преговори за сојуз и соработка. Можете ли да ни дадете пример за успешна соработка или преговори во кои сте биле дел? Што го направи успешен?
В. Костов: Во следниве години ќе бидеме сведоци на неверојатни општествени промени каде што многу од работните места и професии нема да бидат потребни. Имаме веќе со години драстично намалување на вообичаениот „иновациски циклус“, каде времето што преостанува за враќање на инвестицијата (Return on Investment) по вложување во нови технологии е мошне кратко, што го прави пазарот посоодветен за агилни компании и иноватори. Од друга страна, бариерите за влез и иновации се намалени и субјектите кои порано не би имале шанси за натпревар стануваат полноправни играчи. Не е доволно да се биде само технолошки лидер или голема компанија, туку продуктите и решенијата мора да се направат брзо, едноставно, евтино и да бидат прифатени за што поголем број на корисници. Разликите меѓу успешните и останатите е во тоа кој побрзо ќе ги разбере трендовите во таква динамична средина, кој ќе се прилагоди и ќе реагира соодветно со брза иновација. Малите играчи и покрај својата големина можат да се натпреваруваат со големите и да направат промена на парадигмата. Како пример, обидете се да спиете додека имате мал комарец во собата (и покрај големата разлика во големината и силата меѓу двете).

Би издвоил еден интересен проект, кој го направивме пред повеќе од 20 години, додека бев на Универзитетот Станфорд, и кој беше дел од нова програма наречена „Учење базирано на проекти“ (PBL - Project Based Learning) меѓу Тојота, Станфорд и Метрополитен институт за технологија во Токио (Tokyo Metropolitan Institute of Technology). Предизвикот беше доверлив проект на соработка меѓу корпоративен и академски свет со врвни знаења, поточно 4 тима од Европа, САД и Јапонија, со цел да развиеме употреблив систем за автономно паралелно паркирање, вклучувајќи ги сите алгоритими, софтвер и хардвер, но со минимална промена на постоечките автомобили.Тоа беше еден вид пионерски почеток на развојот на технологии за автономно возење, каде дури и водечки компании како Тојота, БМВ и Мерцедес се обраќаа на нашиот тим кој се базираше на „дизајнерско размислување“ (Design Thinking). Секако, соработката започна по мошне детални преговори кои бараа сосема нов пристап поради посебната природа на проектот. Крајниот резултат беше импресивен, посебно поради диверзификацијата на идеите од различни тимови, обоени со нивните културни и технички разлики, и проектот освои награда и имаше директна демонстрација на „Добро утро Јапонијо“, програмата на НХК (Јапонската национална ТВ) која се емитува во живо наутро во 6:00 – 7:45.
Имаше и една анегдотска случка. По цела ноќ помината на подготовки за долгочекуваната демонстрација која се емитуваше исто и преку интернет во САД, НХК новинарот/водителот реши дека за да биде поавтентично тој мора да го вози возилото (наместо јас) и да демонстрира пред цела јапонска јавност дека може кој било да ја користи новата технологија. И како што се случува често со прототиповите, системот не функционираше во 80 % од обидите кога возеше новинарот и додека нашите тимови низ цел свет работеа на анализа на проблемот, НХК работеше на план Б, да може да даде објаснување за неуспешната демонстрација. За среќа, само 30 мин. пред почетокот на програмата во живо успеав да го најдам проблемот кој се должеше на грешка во еден нов сензор кој беше вграден еден ден порано. За среќа, сепак, демонстрацијата пред можни 120 милиони Јапонци успешно заврши.
Кое е вашето мислење за стартап културата во Македонија изминатиов период?
В. Костов: Воодушевен сум од позитивната култура за стартап во Македонија која е неопходна за создавање успешни компании. Ако би се обидел да направам една кратка анализа: дефинитивно Македонија нема недостаток на вештини, креативност и иновативност и со години забележувам константен напредок во полето на стартап и претприемништвото (entrepreneurship). Имам запознаено голем број основачи на денес добро етаблирани компании „родени/создадени“ во Македонија.
Предност е што Македонија е мал пазар каде што идеите може да се тестираат брзо и да се насочат уште побрзо, а има добра и пристапна интернет-инфраструктура во споредба со многу други држави со повисок БДП. Претприемачите се креативни и со мошне борбен дух, постојат доволно технолошки таленти, животниот стандард е пристапен, има ефективност на трошоците (cost effectiveness), се наоѓа во централна европска временска зона и постојат веќе контакти со претприемачи од дијаспората на различни клучни пазари.
Некои од недостатоците/хендикепите што ги гледам е недостаток на Ц-ниво менаџери (извршни директори), експерти за продажба и развој на бизнисот (во светот на технологијата/на стартапот), има потреба за повеќе владина/банкарска регулатива и подобрување на пристап кон некои глобални услуги за плаќање преку интернет (како на пример Пејпал [PayPal]).
Како и целиот регион, Македонија се бори со одлив на мозоци (Brain Drain) и губење на локалните висококвалификувани професионалци со што во наредниве години очекувам трошоците да почнат брзо да растат во борба за преостанатиот талент. И покрај странските инвестиции, предолгото одолговлекување на ветувањата за европска интеграција дополнително одмогнуваат во заштита од тој негативен тренд.
Сепак, македонскиот екосистем ги има сите состојки потребни за изградба и развој на глобално конкурентен стартап, посебно во паметните индустрии каде што е многу помала бариерата за реализација на една идеја од почеток до крај. Многу од продуктите не бараат голема инвестиција однапред за разлика од инвестициите во производството за кои се потребни машини, објекти или терен.
Разговараше: Кирко Бошкоски