Бизнис

101 –ГОДИНА НА КОМОРАТА: Награда за проф. д-р Кочо Анѓушев за придонес во развојот на извозот и во образованието на кадар за потребите на бизнисот

10.07.2023г.

Стопанската комора на Северна Македонија денес е модерна водечка бизнис асоцијација кај нас и во регионот, партнер на државата и сервис на компаниите. По повод годишнината, Управниот одбор на Комората на седницата одржана на 21.06.2023 година, донесе одлука за доделување на награди во неколку категории. 

Проф. д-р Кочо Анѓушев, реномиран професор на Машинскиот факултет, стопанственик и сопственик на групацијата „Фероинвест“ и „Брако“, како и заменик-претседател на Комората, во своето портфолио, преку успешни деловни потези, има значајна улога во зголемувањето на извозот, но и во вклученоста во образовниот процес преку профилирање кадар за потребите на своите компании.

Децениските заложби на Анѓушев за постојана модернизација и за вложување во технолошките процеси, водејќи грижа за животната средина, го даваат целосниот ефект преку остварување висока стапка на извоз. Со оглед на тоа дека во производствениот процес е детерминиран со високо напредна технологија, која, меѓу другото, главно се снабдува со зелена енергија, го прави дотолку повеќе конкурентен на меѓународните пазари, што има неспорен ефект и врз домашниот буџет.

Во рамките на групацијата предводена од Анѓушев се застапени пет сектори, кои се пласираат на три континенти: жичани производи, медицинска опрема, возила, конструкции за енергетски капацитети и машини се дел од производите што се присутни во државата, но и во странство. Жичаните производи на „Брако“, како и електричните возила се присутни во САД, Кина, Обединетото Кралство, во Германија, Белгија, Романија, во Турција, Јужна Кореја, Франција и во Данска.

Анѓушев е креатор на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а како заменик-претседател на Комората несебично се залага за подобрување на извозните перформанси на компаниите. 

Наедно, „Брако“, како општествено одговорна компанија, во учебната 2019/2020 година се вклучи во дуалниот модел на образование за квалификацијата Техничар за производно машинство од секторот Машинство, интегрирајќи знаења од областа на современото машинство и информатика. 

Теоретската настава учениците ја реализираат во Средното стручното училиште „Коле Неделковски“ од Велес, додека, пак, практичната настава, која е во согласност со наставната програма, ја реализираат во компанијата, на реално работно место, каде што теоретското знаење можат практично да го применат и одблизу да се запознаат со производствените технолошки процеси во компанијата. Практичните знаења, вештините и искуствата на учениците им ги пренесуваат двајца искусни, сертифицирани ментори во компанијата, со цел создавање иден квалификуван кадар од областа на современото машинство. Истовремено, учениците добиваат и обука за безбедност при работа и се запознаваат со процедурите, организацијата и со начинот на работа во компанијата. Во компанијата, преку процесот на дуално образование, поминале околу 30 ученици. Покрај практичната настава во текот на учебната година, во текот на летото учениците реализираат и феријална пракса во времетраење од 15 дена.

Како компанија која е верифицирана за реализација на практична обука на ученици, компанијата „Брако“, уште пред формирањето на дуалната паралелка, беше вклучена во стручното образование и обучуваше ученици преку процесот на учење преку работа. Исто така, во насока на обезбедување сопствен кадар, „Брако“ е вклучен и во процесите на преквалификација и на доквалификација преку неформалното образование за програмите за заварувач и за бравар.

ПРЕПОРАЧАНО