Интервјуа
Гарсија: Шпанското претседателство со Советот на ЕУ ќе се фокусира на луѓето
Интервју со Н.Е. Лозано Гарсија, aмбасадор на Шпанија
Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2023г.
Амбасадоре Лозано Гарсија, во јули нашите две земји ќе прослават 29 години од воспоставувањето дипломатски односи. Каква е вашата оценка за досегашната соработка? Кои се најголемите достигнувања?
Н. Е. Лозано Гарсија: Две илјади дваесет и трета и 2024 година ќе ни овозможат да ја одбележиме и да ја поттикнеме нашата релација на пријателство и соработка која се разви со текот на времето. Таа во последно време доби уште поголем интензитет благодарение на циклусот на посети на високо ниво. Имено, во јули 2022 година премиерот Санчез го посети Скопје, а на 14 април во Северна Македонија дојде и министерот за надворешни работи Албарез. Од македонска страна, и вашиот премиер и вашиот министер за надворешни работи остварија билатерални посети во 2021 година.
Во однос на остварувањата тешко е да се издвои некое поединечно со оглед на тоа што прогресивно ја градиме нашата релација. Можам да потсетам на 2008 година кога Шпанија придонесе за изградба на хидросистемот „Лисиче“ или за десетте твининг проекти насочени кон институционално зајакнување на администрацијата во контекст на постепеното приближување кон ЕУ. Склучивме спогодби во различни области на соработка, на пример за соработка во културата, образованието и науката во 2005 година, за промоција и заштита на инвестициите во 2005 година и меморандуми за разбирање во областа на одбраната во 2009 година и најново, Меморандум за разбирање за зацврстување на билатералната соработка во поглед на пристапувањето кон ЕУ, потпишан за време на посетата на министерот Албарез минатиот април.
Во секој случај нашата соработка е богата, а деновиве се одвива и во рамките на меѓународните организации и алијанси. По нејзината интеграција во воените структури на НАТО, Северна Македонија беше домаќин на воената вежба „Брз одговор“ во март 2022 година на која учествуваа седум сојузници, вклучително и Шпанија. Со тоа што од 2022 година Северна Македонија е членка на Медитеранската Унија постои голем простор за синергија меѓу нашите две земји за справување со заедничките предизвици како што се шумските пожари, климатските промени и опустувањето. Дополнително, Шпанија ќе претседава со Советот на ЕУ, додека Северна Македонија е претседавач на ОБСЕ со што се создава дополнителна основа за билатерална соработка во мултилатерален контекст.
Кои се областите во кои гледате најголем простор за продлабочување на идната соработка?
Н. Е. Лозано Гарсија: Постои голем простор за подобрување и продлабочување на нашата соработка, на пример Меморандумот за разбирање што го спомнав, за зацврстување на соработката во однос на пристапувањето кон ЕУ, тоа би требало да даде нови можности.
Сега дозволете да се фокусирам на економските и трговските односи и можности, а потоа накусо ќе се осврнам на културата, на јазикот, на образованието. Во последниве десет години трговијата меѓу Шпанија и Северна Македонија се зголеми од 80 милиони евра во 2012 година на 270 милиони евра во 2022 година. Ова е пораст од повеќе од 200 %, што е значајно. Во 2022 година шпанскиот извоз достигна 94 милиони евра, што е пораст за повеќе од 30 % во однос на претходната година. Од друга страна, шпанската економија увезла македонски производи во вредност од повеќе од 170 милиони евра, што упатува на годишен пораст од околу 50 %. Највпечатливо е тоа дека извозната база на двете земји не само што се покажува резистентна во однос на последните кризи туку исто така и се зголемува.
Знаеме дека шпанската гастрономија и начинот на живот во шпанските крајбрежни градови се високо ценети кај јавноста во Северна Македонија. Исто така и кај шпанските туристи расте популарноста на туристичките пакети што вклучуваат градови во вашата земја.
Услугите се исто така една област каде што можат да се подобрат нашите билатерални односи. Водечките шпански инженерски компании со децении работат успешно на македонскиот пазар во сектори како што се животната средина, водостопанството, управување со отпадот, енергетиката или железничкиот транспорт.
Шпанските инвестиции се главно сконцентрирани во секторот услуги, особено во малопродажбата на облека, агробизнисот и ИКТ-секторот. На пример, годинава една шпанска ИКТ-компанија отвори свое ново седиште во Скопје, искористувајќи ги во целост предностите што ги нуди македонскиот ИКТ-екосистем, особено висококвалификуваниот човечки капитал. Процесот на интеграција во Европската Унија може само да придонесе за зголемување на видливоста на овој тип на можност.
Неодамна Шпанија ги обнови своите државни финансиски инструменти и во таа насока, на пример, одобрен е проект за реализација на детална инженерска студија за третман на отпадни води во регионот на Охрид. Важно е да се напомене дека шпанските компании имаат огромно искуство во секторот на управување со води, одржлив развој, зелени енергии, како и проекти од областа на градежништвото.
Мојот коментар за економските прашања би сакал да го заклучам со тоа дека регулаторната интеграција со акито на ЕУ дефинитивно ќе придонесе за зацврстување и развивање на билатералните врски.
Во однос на културата, на јазикот и на образованието ние сме свесни за интересот за шпанскиот јазик и култура (музика, филм, архитектура, театар). Приоритет е да се соработува со Северна Македонија за промоција на шпанскиот јазик како глобален јазик, јазик на културата, но и јазик на бизнисот. Ние навистина се грижиме за промоција на јазикот. Беше чест и привилегија да се одржи јавно читање на делови на Дон Кихот на шпански и македонски јазик, во соработка со Универзитетот и Националната библиотека изминатиот 24 април.
Конечно, сакам да укажам и на присуството на сефардистите во нашите две земји, обновувањето на нивното наследство е исто така приоритет за Шпанија.
На први јули годинава Шпанија го презема претседателствувањето со Советот на ЕУ. Објаснете ни што значи оваа улога, генерално, за која било земја? Кои се клучните одговорности и можности што ја придружуваат оваа улога?
Н. Е. Лозано Гарсија: Системот на ротирачки претседателствувања датира од почетокот на европската интеграција. Секои шест месеци една земја членка станува претседавач на Советот на ЕУ. Претседателството е одговорно за унапредување на работата на Советот на легислативата на ЕУ, обезбедувајќи континуитет на ЕУ-агендата, уредени легислативни процеси и соработка меѓу земјите членки.
Главните задачи на Претседателството се следниве:
– Планирање и раководење со состаноците на Советот и подготвителните тела. Претседателството раководи со состаноците на различни конфигурации на Советот (со исклучок на Советот за надворешни работи) и со подготвителните тела на Советот. Исто така тоа организира разни формални и неформални состаноци во Брисел и во земјата на ротирачкото претседателство.
– Го претставува Советот во односите со другите институции на ЕУ.
– Претседателството го претставува Советот во односите со други ЕУ-институции, особено со Комисијата и Европскиот парламент. Оваа улога е особено релевантна и придонесува да се постигне согласност за легислативни прашања.
– Претседателството тесно соработува со претседателот на Европскиот совет, Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика. Ја поддржува нивната работа и од Претседателството може понекогаш да биде побарано да извршува одредени работи за Високиот претставник, како што е претставување на Советот за надворешни работи пред Европскиот парламент или претседавање со Советот за надворешни работи кога расправа за заеднички прашања од трговската политика.
Ова ќе биде петти пат како Шпанија ја презема лидерската улога откако му се придружи на европскиот проект во 1986 година. Предизвикот го прифаќаме со решеност.
Шпанија ќе претседава со Советот на ЕУ во втората половина на 2023 година. Кои ќе бидат приоритетите одредени од Шпанија за оваа улога? Што се очекува да се постигне?
Н. Е. Лозано Гарсија: Нашата земја ќе го преземе претседателствувањето со Советот во одлучувачки момент за eвропскиот календар. Со оглед на тоа што изборите за Европскиот парламент ќе се одржат во мај 2024 година, шпанското претседателство со Советот ќе биде последно целосно претседателство на оваа Комисија.
Нашата програма и приоритети се сè уште во процес на елаборирање и усвојување од страна на шпанската влада. Оттаму јас можам однапред да кажам само некои елементи. Програмата се елаборира под претпоставка дека таа треба да биде флексибилна и способна брзо да одговори на можни кризи.
Како принципиелно прашање можам да кажам дека континуираната поддршка од Шпанија за Украина ќе биде клучен елемент на програмата на нашето претседателство.
Можам да антиципирам четири приоритетни линии на дејствување кои сè уште се прецизираат: (1) отворена стратешка автономија, (2) енергетска сигурност и зелена транзиција, (3) економски раст и (4) општествениот столб. Овие четири приоритети ќе бидат насочени кон решавање на мошне конкретни аспекти на секојдневното живеење на европските граѓани: шпанското претседателство со Советот на ЕУ ќе се фокусира на луѓето.
Во поглед на географските области би ги издвоил најважните што досега се идентификувани, но кои сè уште се предмет на конфирмација.
Латинска Америка и Карибите, како клучен геополитички регион за Европската Унија, ќе бидат приоритет со оглед на тоа што во јули треба да се одржи Самит ЕУ − Заедница на земји од Латинска Америка и Карибите (EU-CELAC).
Самит на јужното соседство во регионот на медитеранот. Во текот на шпанското претседателство планираме да одржиме и Самит на јужното соседство каде што со нашите пријатели од југот може да го засилиме дијалогот за клучните прашања како што се мигрантските текови, храната, енергетиката и прашањата поврзани со животната средина.
Европска политичка заедница. Работиме и на Европската политичка заедница, Самитот треба да се одржи во Гранада. Овој форум претставува отворен формат за продлабочување на дијалогот за најрелевантните геополитички прашања во Европа.
Промоцијата за процесот на придружување на Балканот кон ЕУ е приоритет за Шпанија како претседавач со ЕУ. Како клучен момент можам да го спомнам Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што ќе се одржи во Скопје во октомври. Подготовките веќе ги започнавме.
Светот поминува низ глобална мешаница. Кои се главните последици за ЕУ од овие случувања? Кои се клучните одлуки што ЕУ треба да ги донесе? На пример, претседателот на Франција Макрон зборува за поголема автономија на Европа во областа на одбраната...
Н. Е. Лозано Гарсија: Само две недели по нелегалната и неоправдана руска воена агресија против Украина лидерите на ЕУ во Версај веќе се договорија дека има потреба од зацврстување на европската економска отпорност, радикално намалување на увозот на енергија од Русија и чекорење напред со сериозно зацврстување на европската одбрана. Оттогаш, како што војната се разжестува, ЕУ и нејзините земји членки не запреа во справувањето со нови предизвици, вклучително и соработката со разновидни партнери и пријатели, на пример, неодамна, на министерскиот ручек на ЕУ и Западниот Балкан на 22 мај.
Во однос на шпанското претседателство со Советот, приоритетот на отворена стратешка автономија на ЕУ би требал да претставува најкорисен инструмент во тековното сценарио на предизвици. Шпанија ја турка дебатата во Европа со години со оглед на тоа што проблемите од кои страдаат нашите граѓани последниве години (прво со корона вирусот, потоа со војната) имаат заеднички именител: нашата прекумерна зависност од мал број на трети земји. Оттаму има потреба за се зацврсти нашата автономија во секторите што се од фундаментално значење за секојдневниот живот на нашите граѓани како што се енергијата, здравството, храната и дигиталната сфера.
Во регионот на Западен Балкан има неколку иницијативи како што се Берлинскиот процес, иницијативата Отворен Балкан... Како гледате на овие иницијативи?
Н. Е. Лозано Гарсија: Шпанија ја поддржува регионалната соработка во рамките на Западниот Балкан. На пример, Заедничкиот регионален пазар, како пример за иницијатива, се базира на принципите и е структуриран од четирите слободи на ЕУ за подобро интегрирање на регионот во единствениот пазар на ЕУ. Шпанија исто така ги поздравува и локалните иницијативи што се во линија со ваквата цел, на пример Отворениот Балкан. Во секој случај, важно е сите регионални иницијативи да бидат компатибилни со другите форми на соработка и да се избегне преклопување и дуплирање.
Имајќи го ова предвид мора да се истакне дека просперитетот и стабилноста на регионот се поврзани со неговата постепена интеграција во ЕУ. ЕУ е убедливо најголемиот партнер на регионот.
Една тема што мораме да ја допреме е проширувањето на ЕУ. Има две гледишта што циркулираат во рамките на македонското општество. Првото е оптимистичко, дека нашава земја ќе влезе во ЕУ до 2030 година. Но, има и друго, би го нарекол песимистичко, а тоа е дека, на убав начин кажано, ЕУ всушност не предвидува проширување толку брзо. Кое од овие две гледишта е поблиску до реалноста?
Н. Е. Лозано Гарсија: Сакам да започнам со повикување на зборовите на шпанскиот министер за надворешни работи при неговата посета на Скопје во април. Тој го истакна обновениот интерес на Шпанија и поддршката на процесот за влез на Северна Македонија во Европската Унија и посочи дека отворањето на преговорите минатата година беше голем чекор напред.
Северна Македонија ги отвори преговорите во јули минатата година. Скрининг процесот напредува со добра динамика. Фронтекс беше потпишан и влезе во сила. Ова се навистина многу позитивни сигнали.
Во исто време не смееме да заборавиме дека напредокот во рамките на процесот на пристапување зависи од брзината на реформите. Реформите се дизајнирани да ја зацврстат земјата на патот кон ЕУ. Секоја нова членка треба да е во позиција целосно да ги користи поволностите од своето членство, како и да се натпреварува на исто рамниште во рамките на единствениот пазар. Оттаму напредокот е во вашите раце.
Неодамнешните локални анкети тука покажуваат дека околу 80 проценти од етничките Македонци се против измените во Уставот. Што ќе се случи ако овие измени не се направат во рамките на предвидената временска рамка?
Н. Е. Лозано Гарсија: Јас не би се осмелил да дадам коментар или да елаборирам за одлука која што по својата природа е поврзана со суверенитетот. Јас ќе се ограничам себеси на реалностите и на фактите. Сега постои моментум за проширување. Геополитичкиот контекст, само што го коментиравме, има најрелевантна улога. На пример, да потсетам на најскорешната порака на Високиот претставник Борел на ручекот на министрите од ЕУ и Западниот Балкан каде што тој инсистираше точно на можноста да се искористи моментумот во процесот на проширување креиран од брзиот развој на настаните во Украина.
Како ви изгледа животот тука? Што е она што најмногу и најмалку ви се допаѓа?
Н. Е. Лозано Гарсија: Се чувствувам како да сум дома. Убавината на пејзажите, природата, културата и традицијата се надминати само од љубезноста, пријателскиот однос и топлината на вашите сонародници.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски