Анализи

Промените во вредноста на недвижностите во европа прикажани преку индексот на цени

Економија и бизнис | печатено издание | мај 2023г.

За многумина купувањето сопствен дом претставува остварување на животниот сон, меѓутоа за голем број инвеститори купувањето недвижности е неизоставен дел од диверзификацијата на портфолиото. Притоа за правилна проценка на вредноста на недвижноста многу често се користат одредени индекси кои го следат трендот. Еден од нив е индексот на цените на куќите (HPI) кој е мерка за промените во цените на станбените имоти продадени во одредена област со текот на времето. Индексот често се пресметува со користење на пондериран просек на цените на различни видови имоти, а го користат економисти, професионалци за недвижности и креатори на политики за следење на промените на пазарот на домување и за донесување информирани одлуки поврзани со политиката за домување, инвестициите и планирање. HPI вообичаено се заснова на податоците од продажните трансакции на имотите и често се приспособуваат за да ги земат предвид промените во големината, локацијата и квалитетот на продадените имоти.


Токму поради големата волатилност на цените во изминативе неколку години ќе се обидеме да направиме анализа на движењето на овој индекс во најголемиот број европски земји. Притоа користени се податоци од Евростат (Eurostat), а како референтна вредност е третиот квартал (кв. 3) од последниве 10 години.
– Генерално земено индексот во периодот од 2012 до 2015 бил понизок од референтната вредност 2015=100, односно вредноста на цените на недвижностите била под базната големина.
– Од 2016 година, па сè до последниот квартал од 2022 година, бележиме континуиран пораст на индексот.
– Најниска вредност индексот имал во Турција во 2012 година кога неговата вредност била само 68,77. Следуваат Естонија и Ирска во истата година со вредност од 76,17 и 75,89. Ваквите движења биле одлични за инвестирање и купување недвижности во овие земји.
– Од друга страна, спротивниот екстрем, односно највисок индекс бележиме повторно кај Турција и тоа во кв. 3 2022 година со вредност од 712,50. Ваквите осцилации треба да се земат со голема доза на влијание од економската ситуација во државата.
– Интересен е случајот на Италија која на почетокот на анализираниот период имала највисок индекс од 115,9, меѓутоа постои надолен тренд кој трае сè до крајот на 2020 година. Исто така Италија е единствената држава која кв. 3 2022 година го завршила со понизок индекс од кв. 3 2012 година, а последниот анализиран квартал го завршила со најблиска вредност до базната, 107 и. п.
– Најголем скок во последниве 10 години е реализиран во Турција, со распон од 643,73 индексни поени. Уште 7 други држави бележат пораст на индексот за над 100 поени, а се издвојуваат Исланд со 143 и. п., како и Чешка со 127 и. п.
За да можеме да ја толкуваме вредноста на индексот треба да посочиме на неговите варијанти.
Нивото на индексот на цените на недвижностите (HPI) значи дека цените на домовите во одредена област се пониски или повисоки во споредба со цените на домовите во истата област порано или во споредба со другите области. Индексот исто така може да биде показател за растот/падот на пазарот на домување или може да биде одраз на локалните економски услови како што се стапката на вработеност, агрегатната побарувачка за станови или нивото на каматни стапки.
Високиот HPI може да има значително влијание врз сопствениците на куќи и оние кои сакаат да купат или продадат дом. За сопствениците на куќи, висок HPI може да значи дека нивниот дом вреди повеќе отколку што очекувале, што може да им даде дополнителни опции за продажба или рефинансирање на нивните кредити. За потенцијалните купувачи, високиот HPI може да претставува предизвик бидејќи цените на домовите се повисоки. Сепак, високиот HPI може да биде и знак за прегреан пазар, што може да доведе до балон и последователен пад. Пазарите на домување може многу да се разликуваат во зависност од регионот и затоа е важно да се погледнат локалните трендови и економските услови кога се толкуваат податоците за HPI. Како и да е, факт е дека се соочуваме со највисоко ниво на цени на нeдвижности во последниве 10 години.

(Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано