Бизнис

Дали годината на зајакот ќе им донесе на компаниите стабилност и просперитет или...?

Илија Попјанев | aвторот е консултант за организациско управување со примена на современи агилни и адаптабилни методологии

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Според кинескиот календар, 2023 година е година на зајакот кој претставува умно и среќно животно кое долго размислува пред да дејствува, па според кинескиот календар оваа година се смета дека би требало да биде мирна, хармонична и просперитетна. Но, реалноста зборува малку поинаку, барем во првите недели од годинава, бидејќи сè уште не гледаме знаци на мир во Украина, а главна точка на дискусија на светските линии е вооружувањето. Компаниите погодени од кризата почнаа со масовни отпуштања на персоналот, а неизвесноста кај граѓаните е сè поголема, и секој ден, недела, месец е борба за преживување, а да не зборуваме за целата 2023 година.
Во таа смисла и организациите, т. е. големите работодавачи ќе треба да се адаптираат на моменталните предизвици, барем на она што е во нивна контрола, и да ја пребродат кризата фокусирајќи се на оние работи кои можат да донесат вредност за сите засегнати страни.
Од моја гледна точка, компаниите не смеат да ги игнорираат следниве појави и трендови, и треба да најдат начин да истражуваат, да анализираат и да се адаптираат на најдобар можен начин.

Тренд 1: Масовни откази и намалување на работниот потенцијал
Компаниите како Твитер, Мајкрософт, Гугл, Епл... (Twitter, Microsoft, Google, Apple…) ја започнаа 2023 година со отпуштање на вработените и тоа во сериозни размери до 5 % од расположливата работна сила, а тоа го оправдуваат со новата економска реалност предизвикана од намалената куповна моќ на граѓаните во услови на светска економска криза. Овие одлуки се спротивни од претходните стратегии со кои се бореа сите овие компании да привлечат вистински таленти и да ги задржат. Инвестираа сериозни суми во нивна едукација, но на многу лесен начин и се откажуваат од нив, што сигурно ќе им се одрази пред сè на статусот „најпосакуван работодавач“. Она што треба да се проба е реорганизација, креирање на нови производи и пазари, отворање на нови капацитети и преквалификација на вработените бидејќи стекнувањето нови вештини повеќе не е проблематично како што беше порано.

Тренд 2: Дигитализација на процесите со примена на вештачка интелигенција
Новата алатка базирана на вештачка интелигенција ChatGPT направи вистински метеж пред крајот на 2022 година при што многу професионалци почнаа да истражуваат колку улоги и работни процеси оваа алатка може да замени, т. е. колку работни позиции би биле загрозени. Компаниите во 2023 година интензивно ќе ги истражуваат можностите за примена на оваа алатка таму каде што човекот може да биде заменет, дали при извршување на некои повторливи работни операции кои не бараат премногу креативност, но сепак ќе останат и многу области во кои човекот е незаменлив. Многу брзо се подига свеста за важноста на примената на вештачката интелигенција поради намалувањето на трошоците кои ги носат автоматизацијата и високата технологија, но и многу други можности за брз развој на оние компании кои ќе инвестираат во тој сегмент. Со развојот ќе се отворат нови можности и компаниите ќе треба да инвестираат во усовршување на вештините на своите вработени и преквалификација за да можат луѓето да работат со новите технологии.

Тренд 3: Агилни организациски трансформации
Во 2023 година, речиси секој менаџер со човечки ресурси ќе треба одлично да ги разбира бизнис-моделот и организациските структури за да може ефикасно да управува со неизвесноста и комплексноста на новото време. Традиционалниот концепт со хиерархиски структури значително го попречува протокот на информации, одлучувањето и испораката на вредност до сите засегнати страни. Дизајнирањето на агилни организациски структури станува една од клучните компетенции на вработените од секторите за човечки ресурси. Нивниот фокус ќе биде кон промена на културата и унапредување на системите преку формирање самоуправувачки, мултифункционални тимови кои ќе работат во кратки интервали и постојано ќе добиваат повратна информација од корисниците и ќе се адаптираат и усовршуваат врз база на тие информации. Агилниот модел во 2023 година ќе стане клучниот модел на организациско работење.

Тренд 4: Зајакнување на лидерството и на меките вештини
Трансферот на оперативниот менаџер во инспиративен лидер е императив на секоја успешна компанија, а современите менаџери се најпотребни во време на кризи и на промени. Веќе не е доволно менаџерот да се грижи само за тековните операции, предизвиците, буџетите, клиентите, преговорите со партнерите, стратешкото планирање... Денес тие повеќе треба да ја зајакнуваат тимската работа и да ги подобруваат комуникацијата, транспарентноста, благосостојбата, ангажираноста и вклученоста на вработените. Тие треба да бидат „агенти на промени“ и затоа организациите во 2023 година сериозно треба да се фокусираат на оспособување на лидерскиот потенцијал, нивно зајакнување со нови алатки, вештини и уверувања, а сите останати вработени треба да ги развијат своите меки вештини како што се комуникација, соработка, креативност, решавање проблеми и слично. Цврсто верувам дека 2023 година ќе биде година на градење организации кои учат и се развиваат.

Тренд 5: Подобрување на добросостојбата на вработените
Менталната добросостојба, константниот стрес, прегорувањето, креирањето добар баланс меѓу работата и приватниот живот сè уште се значаен дел од компаниската стратегија за задржување на вработените, континуирано усовршување на работењето и подобрување на компаниската култура. Според анкетите, повеќе од 70 % од вработените искажаа дека гледаат промени во односот на работодавачите во текот на 2022 година, кои почнаа да покажуваат повисок степен на емпатија, разбирање на потребите на вработените и да прават значајни отстапки за подобрување на нивната ментална состојба. Она што повеќе е за очекување е понудата на работа од дома, флексибилни работни часови, скратена работна недела, редовни активности за физичка активност и спортување, квалитетен оброк, продолжени паузи за социјализација на вработените, фер понуда за кариерен развој, ценење на трудот и придонесот на вработените и слично.

Тренд 6: Генерирање вредност од аналитиката и податоците за вработените
Успешноста во 2023 година многукратно ќе зависи од аналитиката, статистиката, мерењата и краткорочните предвидувања на трендовите со цел поквалитетно управување со работната сила, процесите, културата и технологијата. Менаџерите кои ќе се грижат за реструктурирање на човечките ресурси ќе се фокусираат на усвојување на транспарентна аналитика со која вработените ќе можат да го разберат влијанието кое го имаат врз бизнис-резултатите. Сите се свесни дека постоечките принципи на мерење на перформансите на вработените не се доволно транспарентни ниту инспиративни, па затоа се очекуваат сериозни реконструкции во овој домен. Аналитиката станува секојдневната алатка и најдобар другар на професионалците од секторот со човечки ресурси поради вредноста која ја дава и проактивноста во спречувањето на негативни појави и однесувања. Работодавачите ќе треба да дадат приоритет на транспарентноста за начинот на кој собираат, користат и складираат податоци за вработените, како и да им дозволат на вработените да се откажат од практиките за кои сметаат дека се непристојни.
Во секој случај, 2023 година, годината на зајакот, барем метафорички не асоцира на прогрес и мир, па во таа насока и компаниите можат да се фокусираат повеќе кон подобрување на менталната состојба на вработените, редизајнирање на постоечките модели на работење и развој на вештините.

ПРЕПОРАЧАНО