Убава Македонија

СЛОЕШТИЦА И ВИРОВО

Автор: Александар Матески

Што е тоа што би ве мотивирало да ги посетите овие две соседни села лоцирани на источните падини на Плакенска Планина?

„Патот за Слоештица е пат за кон небото, оти штом ќе ја поминеш реката Црна, пред тебе излегува Слоештичката Планина зад која веруваш дека веќе нема земја“ – ова е извадок од книгата „Неверни години“ од Петре М. Андреевски. Слоештица е оддалечена на нецели 20 километри од Демир Хисар како општински центар, или нешто над 40 километри од Кичево.

Љубовта на Андреевски кон неговото родно село е повеќе од впечатлива и лесно препознатлива. Така, ќе наведе „(...) Селото почнува каде што се спојува грагорот и грагорењето на Големача и Левача. И почнува со обично многу разбушавени дрвја втурени со плодови, претоварени со овошје што ги затскрива покривите од куќите. Низ селото тече многу вода, тече и меѓу куќите и под куќите, а онаму кај што нема вода, дупни ја земјата и ќе потече. И дека има многу вода, има и многу дрвја, има и многу шума (...)“.

Кога сте сретсело само следете ги патоказите и ќе пристигнете до валавиците. Текот на брзата вода и чистиот воздух ќе ви овозможат прекрасно уживање на дрвените чардаци од гостилницата. Едно од најубавите места за добар одмор. Во близина е и родната куќа и вечното почивалиште на овој македонски великан, авторот на „Дениција“, „Пиреј“, „Последните селани“ и уште многу дела. Денес цитати од неговите најпознати дела се наоѓаат на информативните табли и гордо сведочат не само за природните убавини на ова село туку и за неговото културно наследство.

Јужно од Слоештица, на само неколку километри е Вирово. И тоа е село чиј главен белег се валавиците. Дури и потеклото на името е хидронимско, укажувајќи на вир, вода. Колку се значајни валавиците (валајците) за овој крај сведочи месното население според кое доколку не биле валавиците селото многу порано и многу побрзо ќе се исселело. Судбина која ја делат останатите села Церово, Лесково, Боиште... Денес валавици се неколку, а водата сè повеќе се користи од мини хидроцентрали. Модерната промена во изминатите неколку години има сомнителни импликации во однос на животната средина.

Во Вирово се наоѓаат и доцноантички рударски јами. Уште еден туристички потенцијал на овој крај кој е познат и по рударското богатство. И патот по кој се движите од Демир Хисар до Слоештица и Вирово врви покрај Жван, познатиот рудник на железна руда. Во непосредна близина на каменоломот е Топличкиот манастир. Манастирската црква е посветена на Св. Никола, а овој храм е подигнат во XIV век.

Над Вирово се наоѓа една од најубавите букови шуми во Македонија. Ако имате можност да планинарите во тој дел, одберете ја втората половина на октомври. Посебно е чувството да се движите низ толку високи дрвја на ветровито време. Многу тешко е од долу да ја воочите вистинската висина на дрвјата. Некаде еден час пред пристигнување на највисокиот врв на Плакенска Планина има локалитет кој го носи името Еврејка. Во 2020 година во Вирово еден осумдесетгодишен селанец ми ја пренесе оваа легенда за настанокот на името. „За чешмата има легенда. Ја кажуваа старите во времето. Врвеле кирајџии со трговци Евреи. Некоја Еврејка се напила студена вода од чешмата, ја пресекло и починала. Затоа ја викаат Еврејка“. И денес низ оваа чешма штедро тече студена вода.

Од познатиот Сталев Камен (1999 м. н. в.) при чисто време има прекрасен поглед кон Преспанското и кон Охридското Езеро. Покрај врвовите на Галичица, тоа е уште едно место од каде што може истовремено да се видат овие два македонски езерски бисери. 

Продавницата пред селото е најдобрата локација за да се запознаете со духот на ова село, да чуете за старите занаети, бојаџиите, ѕидарите, дрводелците, ќумурџиите. Направете пауза за убав муабет и кафе или пиво.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано