Убава Македонија

БРНИЧКИ ВОДОПАД

Автор: Александар Матески

Ова е уште една локација од каде што може да ја видите импозантноста на најголемата клисура во Македонија, Скочивирската, која е со должина од 80 километри почнувајќи од с. Скочивир, Битолско и завршувајќи во близина на с. Возарци, Кавадаречко. Култната Црна Река го дели Мариово на два дела. И не може да се зборува за Мариово без да се спомне Црна Река, изворот на животот од праисторијата, па до ден-денешен, но и предмет на божествена почит и култно третирање.

Брничка Река е мала лева притока на Црна Река. Од десната страна во Црна Река влегуваат 14 притоки, додека од левата само 6 притоки подолги од 10 километри. Посебно интересни реки во Мариовскиот Предел се: Коњарска Река, Бела Река, Градешка и Лисичка Река.

Точно 40 км ве делат од Битола до Брничкиот Водопад. Патот кој треба да го изминете води низ Новаци, покрај РЕК Битола и низ мариовските села Маково и Рапеш. Пристапот до водопадот е едноставен, но не е маркиран, а патеката во последниот дел е обрасната. Стартот е од т.н. Рапешки мост на Црна Река. Движењето е по десната страна, спротивно од течението на реката. По околу дваесетина минути пешачење се доаѓа до вливот на Брничка Река во Црна Река. Кога е голем водостојот реката е многу дива и амбиентот е повеќе од импресивен. Се движите по стар пат кој најверојатно е дел од Еригонскиот пат. Подѕидоците на патот се одлично сочувани.

Водите од Брничка Река преку карпест предел во слапови влегуваат во Црна Река за да го продолжат патот сè до Тиквешко Езеро. Оттука е потребно само уште десетина минути за да се стигне до водопадот. Обраснатиот предел со вегетација и богат со вода го прават толку нетипичен за сликата која ја има обичниот посетител за Мариово. Но, непријатностите од ситните гребаници и од непостоењето на патека набрзо ќе ги заборавите откако ќе го чуете водопадот и ќе ја погледнете неговата импресивна големина. Според некои податоци, висината на водопадот е 18 метри. Направете пауза и уживајте во погледот.

Мистичниот дух сè уште е жив. И денес бројни авантуристи следејќи ги старите приказни трагаат по закопаното злато во близина на Црна Река. Овие активности имаат децениска актуелност особено во околината на Расимбеговиот мост, вториот најпознат мост во Мариово.

Уште само колку убавини во Македонија чекаат да бидат откриени и промовирани. Брничкиот Водопад е речиси непознат бисер.

Во близина на водопадот постоела и воденица. А денес релативно добро зачувана воденица може да забележите во непосредна близина на селото Рапеш. За жал, овие објекти кои биле од животно значење денес се оставени на забот на времето, без некој интерес за нивно обновување и создавање на туристички атракции.

Потеклото на името на селото Брник низ кое врви Брничка Река некои го поврзуваат и со козите кои се напасувале во тој дел. А крајот има изобилство на пасишта и ливади кои се вистински потенцијал за сточарство. За жал, денес многу полесно е да се зборува за минатото на Мариово, отколку за иднината на овој крај. И денес низ Мариово може да чуете за штетите од познатиот поствоен „козоцид“. На 9 октомври 1947 година, во Службен весник на НРМ ќе биде објавена „Уредба за забрануење држење на кози односно за ограничуење на нивниот број“. Следната година, на 13 декември, е објавен и „Закон за забранување држање кози на територијата на Народна Република Македонија“. Турбулентниот период веднаш по Втората светска војна, големите идеали на партијата и на градителите на социјализмот, но и трагичната одлука да се уништуваат козите кои во извесна смисла се и дел од семејствата се маестрално прикажани во романот од Луан Старова „Времето на козите“ од 1993 година, роман кој не смеете да го пропуштите.

Родум од с. Брник е познатиот ајдук во Мариово, Ѓорѓи Мијаков. Народот го памти и по песната „Болен лежи катиљ Ѓорѓи“. Покрај многу познатата изведба од Александар Сарев, задолжително слушнете ја и таа од Иван Терзиев, најголемиот македонски мајстор на флејта.


 (Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО