Убава Македонија
СТРЕЖЕВСКО ЕЗЕРО
Автор: Александар Матески
Во 2019 година во Битола се одбележаа 40 години од почетокот на изградбата на „Стрежево“. Во Младинската работна акција „Стрежево“ во 1979 година учество зеле дури 3 500 бригадири. Изградбата на овој проект од капитално значење за Битола и Пелагонија ќе трае до 1981 година. На организираната изложба во Музеј Битола беа изложени фотографии и реквизити користени при изградбата на ХМС „Стрежево“, како потсетник на една младост, но и поттик за новите генерации на волонтеризам, љубов кон татковината и одговорен однос кон животната средина. Нешто што очигледно недостасува во сегашноста. За информација, прва изградена брана во Македонија за производство на електрична енергија е „Св. Андреја“ од 1938 година и денес е во употреба.
Непосредно пред да стигнете до езерото од десна страна стои патоказ за манастирот „Св. Петар и Павле“. Ретко посетуван манастир, повеќе познат на локалното население. Според она што го има како податок, на денешната локација имало манастир од 15 век, додека сегашната црква е изградена во 1999 година врз старите темели. На надгробна плоча веднаш до манастирската црква пишува дека манастирот е последно почивалиште на шест монаси од овој манастир кои храбро ги положиле своите животи во 18 век. Според кажувањата на монахот, шесте монаси биле изгорени од аскерот заедно со црквата затоа што со биењето на камбаните им сигнализирале на комитите кога аскерот врвел во тој крај. Тоа е преданието кое и денес се раскажува. Денес во манастирот има монашко братство кое вредно го одржува манастирот.
Браната пак на Стрежевското Езеро е една од најголемите во државава. Должината на круната на браната е 632 метри. За споредба, должината на круната на браната на Мавровско Езеро е 210 метри, на таа на Дебарско Езеро е 300 метри, додека на езерото Козјак е 310 метри. Вкупно пет мали централи го користат хидропотенцијалот на хидросистемот. Дека се работи за интересен комплекс зборува и фактот што покрај браната и акумулацијата, јавното претпријатие стопанисува и со ски-центар, насади од ореви, бадеми, како и рибник на калифорниска пастрмка. Над 20 000 ha обработлива површина се снабдува со вода преку хидросистемот „Стрежево“. Оттука и големото значење на овој комплекс.
Собирниот канал на хидросистемот „Стрежево“ зафаќа седум реки од Баба Планина, кои потоа се внесуваат во сливот на реката Шемница. Водите на Шемница извираат од Баба Планина. Со соединување на потоците и на Маловишка Река, во близина на селото Маловиште се формира реката Шемница. На само неколку километри подолу, во Шемница се вливаат и водите од Цапарска Река и Ротинска Река, води кои се чисти и речиси да немаат никаков допир со цивилизација и можност за нивно загадување, што е вистинска реткост.
Посетата на с. Стрежево задолжително треба да се искористи и за посета на манастирската црква посветена на Св. Јован веднаш над селото. Покрај од Стрежево, одличен поглед кон ова езеро има и од село Гопеш.
Освен локалното население, најголема посетеност на езерото има од страна на вљубениците на рекреативниот риболов. Според изјавите на посетителите, се чини дека езерото е многу богато со риба. Посетата можете да ја комбинирате и со пешачка тура во правец с. Стрежево − с. Лера, патека по шумски пат без голема висинска разлика, патека која гарантира убав поглед на ова убаво наше езеро.
Ако доаѓате од страната на Битола, посетата и на село Крклино може да внесе интересна содржина во вашето патување. Музејската колекција е навистина интересна. Изложени се десетина автомобили од кои дел стари околу седум децении, мотори, но има и антикварница, градска соба, турска соба, народни носии, еврејска соба, оружје... Вредни спомени и интересно патување во минатото. Може да ја посетите и црквата „Св. Илија“ во с. Крклино, Битола, изградена на највисокиот рид над селото. А благодарение на таа местоположба ќе уживате во прекрасните панорами кон Пелагонија и Баба Планина.
(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)