Перспектива

Јовановски: Секој сам или координирани заедно?

Зоран Јовановски | Авторот е економист

Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.

Имаме проблем, ако не го решиме тогаш на долг рок ќе платиме висока цена 


Што ќе се случува со даноците? Дали ќе има прогресивно оданочување? Зошто се воведува солидарен данок на добивка? Дали ќе има субвенции од страна на државата? Кому и за што ќе се даваат и во колкав износ? Што ќе се случува со платите и пензиите? Што ќе се случува со минималната плата? Што се случува со квалитетот на образованието, недостатокот на работна сила? Што се случува со квалитетот на јавното здравство, со енергетскиот сектор, инфраструктурата, итн? Ова се темите што по правило се актуелни во јавноста кога станува збор за македонската економија.
Дали се овие прашања важни? Да, секако, важни се. Но, дали се најважни? Не, не се! Kога разговараме за нив тоа е како да разговараме за некоја зграда и разговараме за прашања од првиот кат нагоре, ама не разговараме за темелот на зградата. Темелот на зградата или мајка на сите прашања е „Каква пазарна економија сакаме“?
Некој ќе рече, па пазарна економија е пазарна економија и што има тука да се дискутира. Но, не е така. Пазарна економија има и во САД и во Германија, и во Латинска Америка и во Скандинавските земји, но станува збор за различни модели. Ако се апстрахираме од она што се нарекува разновидност на капитализмот и ги поедноставиме работите, тогаш можеме да кажеме дека постојат два главни вида.
Едниот вид е слободна пазарна економија (англ. free market economy). Овој вид упатува на либерална пазарна економија во која пазарот е речиси сé, фокусот на општеството е на поединецот а улогата на државата е да обезбеди владеење на правото, безбедност и сл. Пример за земја со ваков вид на пазарна економија се САД.
Другиот вид е социјална пазарна економија (social market economy) уште позната како координирана пазарна економија. Кај координираната пазарна економија поединецот е исто така главниот носител на економските одлуки, но постои грижа за пошироката заедница и моделот е фокусиран на обезбедување економска корист и социјална праведност за сите. Постои координација меѓу заинтересираните страни во општеството, а државата извршува значајна редистрибутивна улога на буџетските приходи. Пример за земја со ваков вид на пазарна економија е Германија.
Каде е Македонија во приказната? Со распадот на СФР Југославија и напуштањето на социјалистичкиот модел на општествено уредување, македонската економија ја започна својата трансформација во пазарна економија. Но, и после речиси 32 години не може да се даде прецизен одговор на прашањето во што точно се трансформираше македонската економија. Ние имаме номинално некласифициран микс на двата наведени модалитети на пазарна економија.

Зошто е сето ова важно? Затоа што имаме проблем!
Нерешавањето на ова прашање создава проблем којшто во нашиот случај постои со децении. Коренот на проблемот е во тоа што македонското општество се наоѓа во фундаментален расчекор помеѓу очекувањата и можностите!
Од една страна се очекувањата на економските субјекти. Тие очекувања се во најголем дел наследени од периодот на живеење во претходниот општествен систем. Од крајот на Втората светска војна наваму кај поголемиот дел од населението во македонското општество во континуитет доминира менталната матрица дека „државата треба да му го бере гајлето на поединецот, да го згрижи во сите сегменти на животот“.
Оттука, мнозинството граѓани во земјава: очекува квалитетно, а бесплатно јавно здравство и јавно образование; очекува покачување на пензијата без оглед каква е финансиската кондиција на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, па дури и линеарно покачување без оглед кој колку придонесувал во Фондот за пензиско осигурување; очекува пораст на платите без оглед на продуктивноста на трудот; очекува зголемени субвенции во земјоделството без да има обврска да се произведува повеќе или поквалитетно; очекува помалку или повеќе сличност во нивото на животниот стандард во целото општество без оглед на индивидуалните разлики во поглед на знаењето, вештините, залагањето и спремноста да се преземе ризик, итн. Вака можеме долго да набројуваме. Притоа, сите овие бенефиции се сметаат за право кое си доаѓа само по себе, веќе е стекнато и е од трајна природа!!
Овој начин на размислување го прифатија и помладите генерации, од две причини. Прво, заради лошата финансиска состојба на огромен дел на населението и неможноста семејствата да си ги обезбедат потребните услуги од јавниот сектор. Второ, заради односот на властите во последниве 17 години, кои создадоа привид дека е можно да се има некаква варијанта на исполнување на очекувањата од минатото дури и кога за тоа не постои материјална основа. Така е создадена илузијата за постоење на т.н „бесплатен ручек“, за кој знаеме дека не постои во економијата.
Значи, од едната страна на проблемот, на фундаменталниот расчекор за кој зборуваме, се сите овие очекувања. Од другата страна е немањето материјална основа за исполнување на очекувањата, согласно начинот на кој функционираат работите во последните децении.

Какви се последиците на подолг рок од постоењето на ваков проблем доколку ништо не се преземе?
И покрај тоа што нема здрава материјална основа за тоа, државата сепак ги задоволува очекувањата на граѓаните, здравството и образованието се бесплатни, пензиите растат, платите растат, субвенциите растат. Така се роди популизмот! Популизмот низ разни форми со текот на времето ја зацементира перцепцијата во главите на луѓето дека услугите што ги добиваат се стекнато право што веќе не може да се намали и укине, без оглед на тоа што државата со постојниот начин на функционирање нема пари за да ги испорача услугите или не може да ги испорача со потребниот квалитет.
Начинот на кој ова се прави со децении е преку задолжување на државата кое не оди во целост за капитални инвестиции туку „хеликоптерски“ се расфрла за да се продолжи привидот на нормалност. На долг рок, тоа е неодржливо.
Оваа слабост е надополнета со други слабости. На пример, континуираниот дефицит во трговската размена со странство. Од 2008 до 2020 година тој дефицит изнесува околу 2 милијарди евра секоја година, а во 2021 и 2022 година, годините на Ковид-19 пандемијата и енергетската криза, расте на 3 и 4 милијарди евра годишно, соодветно. Тоа е показател дека македонската економија, генерално, ја карактеризира долгогодишна неконкурентност, нешто што се гледа и преку нашето рангирање низ годините на Глобалниот индекс на конкурентност. и дека не се преземаат доволно чекори за подобрување на работите.
Ваквиот хроничен дефицит во трговската размена со странство се покрива со приливи на девизи по два основи: странски директни инвестиции и т.н. приватни трансфери кои се состојат од банкарски дознаки од странство и девизи влезени во системот преку менувачниците. Тоа значи дека од една страна имаме дефицит во размената со странство што е стабилен, и од другата страна извори за финансирање на тој дефицит што се нестабилни. Сето ова упатува на постоење на значителни ризици во континуитет и во иднина.
Точката на прекршување е платно-билансната позиција, ако таа во одреден момент, макар била и подалечна иднина, се сруши, тогаш ќе се сруши сé. Тогаш ќе мора да се прават сериозни прилагодувања, а сите економски прилагодувања кои се прават во изнудена ситуација имаат исклучително висока цена. Обично, таквите прилагодувања, заради ограничениот број на расположливи опции со прифатлива цена, вклучуваат редица рестриктивни макроекономски мерки насочени кон сочувување на капацитетот на државата за отплата на веќе земените кредити кон странство. Секако, ова неизбежно вклучува зголемување на даноците, затоа се вели дека непродуктивното задолжување е всушност одложено оданочување.

Зошто е сето ова важно за бизнис секторот?
Конечно дојдовме до моментот зошто сето ова досега треба да е грижа за бизнис секторот во земјава. Можеби некому досега му изгледаше дека темава е филозофско прашање, но таа во својата основа е бизнис прашање, прашање на сочувување на амбиентот за водење на бизнис, а со тоа и прашање на одржување на сопствениот бизнис на долг рок. Затоа, секој кој има сериозен бизнис во земјава би требало да биде многу загрижен за долгорочната (не)одржливост на тековниот економски, па би рекол и општествен модел на земјава, и последиците што можат да настанат. Цената за сите неуспеси во водењето на економските политики на крајот првенствено ја плаќа бизнис секторот!
Сето ова покажува зошто дефинирањето одговор на прашањето каква пазарна економија сакаме е суштински важно затоа што економските последици од неговото нерешавање се многу лоши. Без преземање на длабоки потези патеката по која се движиме како економија и како општество е неодржлива. Ние всушност само го пролонгираме лошиот завршеток, при што маневарскиот простор постојано ни се намалува. Мора да се изостри сензибилитетот на бизнис секторот во земјава дека ситуација што се провлекува со години сепак е неодржлива на долг рок.

Што да се прави? Мора свесно да се избере модел на пазарна економија
Граѓаните и политичките елити мора да изберат една од двете можности:
Првата опција е да имаме либерална, слободна пазарна економија во која секој сам си го бере гајлето. Државата испорачува безбедност, владеење на правото, обезбедува услови за фер натпревар на пазарот, обезбедува бесплатно основно и средно образование, креира еднакви шанси за сите и толку. За сé друго секој си ја плаќа пазарната цена, за образование, за здравство, за сé. Секој поединец ја презема судбината во своите раце, одговорноста за успех или неуспех е индивидуална, кој не успее, си ги сноси последиците! Ако се вратиме на проблемот, дека постои расчекор помеѓу очекувањата базирани од минатото и материјалната основа тоа да се испорача, изборот на либерална пазарна економија би значел дека промената треба да се случи во делот на очекувањата на граѓаните. Народски кажано, нозете да се пуштат колку што е долга чергата. Според оваа опција, општеството се трансформира во индивидуалистичко општество.
Втората опција е да имаме т.н. социјална или координирана пазарна економија. Одговорноста е повторно индивидуална, но ќе се организираме, ќе воведеме механизми на координација каде сите чинители во општеството заедно ќе се координираме во насока на креирање на подобра материјална основа за исполнување на очекувањата на граѓаните. Сето тоа првенствено за доброто на земјата, а со самото тоа и за доброто на сите во неа. Изборот на оваа опција може да е поприкладен во услови на постоење на значителна сиромаштија во општеството. Ако е тоа така, ако го одбереме овој модел, тогаш мораме да обезбедиме и економска подлога за негово функционирање. Од една страна, тоа може да значи зголемена одговорност и влог на бизнис секторот и најбогатиот слој на земјава во сочувување на иднината на земјата, а со тоа и сочувување на иднината на својот бизнис на долг рок. Но, одговорноста нужно би се зголемила, и тоа драматично многу, и кај државниот апарат. Тоа значи негова максимална ефикасност, нулта толеранција за корупција, владеење на правото воопшто, а потоа и подеднакво за сите, цврста меритократија кај кадровските решенија и многу, многу повеќе работа од досега.
За таа цел потребен е нов општествен договор (social contract) и јасен одговор на прашањето: кој, кому, колку плаќа и за што во оваа наша земја? Колкава ќе биде солидарноста во општеството?
Меѓу другото, одговорот на прашањето какво општество сакаме и каква пазарна економија сакаме ќе ги одреди и местото и улогата на државата во македонската економија. Дали државата само ќе креира амбиент за натпревар на учесниците на пазарот и ќе обезбедува услови за фер натпревар, како што тоа го прави во либерална пазарна економија? Или, државата ќе биде проактивна, ќе дефинира индустриска политика со јасно зацртани развојни цели за македонската економија, ќе селектира одредени сектори на економијата за кои науката дошла до сознание дека содржат конкурентска предност на глобалниот пазар, тие сектори ќе ги перцепира како движечка сила на целокупната македонска економија и ќе насочи позначителен износ од ресурсите на државата за поддршка на тие сектори?
Улогата на политиката во сето ова. Треба да се надмине патерналистичкиот однос на државата кон сите сфери на животот, каде што таа континуирано се шири и станува скапа. Изборот модел на пазарна економија не е идеолошко прашање, не е избор на припадност на одредена точка во политичкиот спектрум, лево или десно. Ова е прашање на здрав разум и прагматичност. Кога ќе се постигне општествен консензус за него се спречува ситуацијата постојано со промена на власта да имаме „нови почетоци“ и промени од корен на целиот економски систем.
Процесот на одговарање на прашањето каква пазарна економија сакаме мора да биде инклузивен, мора да се постигне широк општествен консензус. Само така ќе обезбедиме долгорочност во пристапот и во водењето на економските политики. Политичките елити, кои и да се, мора да го разберат ова.

Да заклучиме. Сегашната поставеност на работите е економски неодржлива на долг рок. Ако клучното прашање на кое се однесува овој текст - „каква пазарна економија сакаме“ остане неодговорено, тогаш и крајната цел не е јасно одредена, а тоа носи висок ризик потезите на носителите на економските политики да бидат кусогледи и парцијални, изолирани и меѓусебно неповрзани на стратешко ниво. Ако го разрешиме клучното прашање, тогаш и многу други парцијални економски прашања ќе се решат сами по себе.
На крајот, ми претставува задоволство можноста да ја отворам оваа тема во јавноста. Верувам дека таа ќе остане во фокусот на јавноста и во периодот што следи. Македонија влезе во предизборие без оглед кога ќе бидат парламентарните избори. Ова нека биде една од главните теми во текот на предизборието и да се обидеме да изградиме консензус. Кога ќе постигнеме консензус за најсуштинското прашање тоа понатаму ќе биде основа за консензус за долгорочните економски политики и мерки. Само на тој начин ќе обезбедиме предвидливост на економскиот амбиент за бизнисот и тој ќе инвестира, ќе се отвораат нови работни места и ќе можеме да тргнеме напред со поголема брзина.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано