Интервјуа
Кустурица: Двестегодишната традиција на нашата групација, експертскиот тим и лојалните клиенти се нашите најголеми адути
Санел Кустурица | Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.
Шпаркасе Банка годинава одбележува 15 години успешно работење во Северна Македонија. По тој повод разговараме со првиот човек на банката, г. Санел Кустурица, искусен банкар и менаџер, кој својата 23-годишна кариера ја започнал и ја градел во родната Босна и Херцеговина. Во својата земја Кустурица работел на клучни менаџерски позиции во Прокредит Банка, Уникредит Банка, за од 2009 година да се приклучи на тимот на Шпаркасе Банка каде што успешно ја водел банката сѐ до февруари 2021 година, кога доаѓа во Скопје. Тој веќе следната година застанува на челната позиција на Шпаркасе Банка АД Скопје водејќи ја банката по патеката на стабилност, на сигурност, на одговорност и на посветеност спрема клиентите и заедницата.
Со оглед дека повеќе од две години сте овде со нас, за почеток на разговорот да Ве прашаме како воопшто одлучивте да прифатите работа во Македонија и какви се Вашите импресии за нашава земја, за Скопје, за луѓето?
С. Кустурица: Морам да кажам дека пред доаѓањето во Скопје во 2021 година, во Македонија сум бил само неколку пати. Секогаш службено и секогаш премногу кратко. Срам ми е да признаам, но пред тоа немав прилика да го посетам ниту Охридското Езеро, таа балканска и европска скапоценост, за кое сум слушал преубави приказни и импресии од моите сонародници, но и од многубројните Македонци кои живеат и работат во Босна и Херцеговина.
Иако не престојував често во Македонија, знаев многу за традицијата, за обичаите, слушав многу за добрината на луѓето, за одличната храна, вино, македонската песна и танц, убавата природа. Меѓу останатите, и од мојот татко кој често ми кажуваше дека за време на отслужувањето на воениот рок во Нови Сад најмногу се дружел со цимерот, Македонец од Куманово.
А тоа ми го кажуваат и сите овде во Македонија. Во бившата држава Македонците и Босанците најдобро се разбираа и се дружеа. Од тие причини, кога ја добив понудата да се придружам на тимот на Шпаркасе Банка во Скопје, немав никакви дилеми и прифатив без двоумење.
Навистина уживам овде, земјата е преубава, луѓето љубезни и добродушни, храната и пијалаците врвни.
И сигурен сум дека не постои друга земја на светот каде би се чувствувал баш како дома како што е Македонија.
Ја водевте Шпаркасе Банка во Босна и Херцеговина речиси 12 години. Дали и колку има разлика меѓу тамошната банка и овдешнава Шпаркасе Банка?
С. Кустурица: Секоја банка си има своја специфика зависно од пазарот на кој дејствува. Шпаркасе Банка Скопје е позначајна банка на македонскиот банкарски пазар со учество од 12,7 % според активата и 15,1 % во кредитирањето. Но, она што е заедничко е дека и двете се навистина успешни банки, на кои на прво место им се нивните клиенти. И секако дека и двете припаѓаат на еден навистина јак европски бренд во финансискиот свет, Ерсте (Erste) и Штаермаркише Шпаркасе (Steiermärkische Sparkasse), банкарски групации со традиција од 200 години. Стандардите и принципите на функционирањето на овие банкарски групации во целост се пренесуваат и на локалните банки со што европските и светските трендови во банкарството ги пренесуваме и на овие пазари. Со тоа, секако, придонесуваме и за јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, а на нашите клиенти им овозможуваме дополнителна сигурност и доверба. Преку постојаните надградби и едукации што нашите вработени ги добиваат во овие групации, пренесуваме ноу-хау и експертиза кои можеби изостанувале на овие простори.
Од оваа година сето она што беше препознатливо преку силното црвено „S” сега ќе може да се најде во новиот визуелен идентитет на Шпаркасе Банка кој опфаќа оптимизирано лого и нови корпоративни бои. Со новиот, целосно модернизиран корпоративен дизајн, прилагоден на дигиталниот свет во кој живееме, брендот Шпаркасе станува уште попристапен и пофлексибилен за своите клиенти, целосно ориентиран кон иднината.
Но, она што и понатаму ќе остане исто се стабилноста и сигурноста, одговорноста и посветеноста спрема нашите клиенти и воопшто заедницата.
Со оглед дека банката беше во процес на транзиција и интегрирање со Охридска Банка, што е успешно реализирано во 2021 година, како од денешна перспектива гледате на тој период, како и на резултатите кои ги направи Шпаркасе Банка во 2022 година?
С. Кустурица: Кога јас се приклучив на Шпаркасе Банка Скопје веќе засилено течеа процесите на интегрирање на двете банки. И покрај тоа што во целиот овој период беше присутна „короната“ и сите знаеме во какви околности функциониравме, банките се интегрираа согласно планот и тоа навистина успешно. Се разбира дека предуслов за ваквиот исход беше што и двете банки поединечно беа навистина успешни и стабилни, со експерти кои со душа и срце работеа и даваа максимум во овој процес. И тоа не е случајно така. Моите претходници почнувајќи уште од Најденко Попоски и Јосиф Ефтимовски, кои визионерски уште во тоа време тргнаа кон градење на модерни банки, па сè до Бранка Павловиќ и Глигор Бишев кои во последниве неколку години ги водеа Охридска и Шпаркасе Банка и изградија препознатливи брендови на пазарот, направија цврста основа на која ние ја надградуваме нашата интегрирана Шпаркасе Банка.
И нашата банка направи навистина импресивни резултати минатата година, и покрај сите предизвици со кои се соочувавме, на што сум особено горд. Ја зацврстивме силната четврта позиција во банкарскиот сектор со актива од над 1,36 милијарди евра, остваривме раст во кредитирањето од 10,2 % што е над банкарскиот просек, зацврстувајќи ја втората позиција во сегментот на корпоративни клиенти и третата во сегментот население, раст во депозитното портфолио од 11,2 % повторно повеќе од растот на пазарот.
Дополнително, сите показатели укажуваат на сериозна финансиска и трошковна дисциплина на компанијата. Со остварен поврат на капитал од 11 %, од една страна, и високата капитализираност од 18,5 % со адекватно ниво на ликвидност, од друга, ја прават Шпаркасе Банка стабилна и отпорна на евентуални нови кризи во иднина.
Но, она на што сме особено горди е што имавме значајно подобри резултати при мерење на задоволството на нашите клиенти. Секако, ова ни дава уште поголем поттик на истиот начин да продолжиме и понатаму.
Верувам дека уште при првиот контакт со нашата банка ќе стекнете впечаток дека станува збор за доверлива компанија која негува култура на достапност и персонализиран пристап во соработката со клиентите. Ова е единствениот начин да се изгради близок однос на релација банка − клиент, нешто што во банкарскиот сектор секогаш било предизвик. Ние посветуваме сериозно внимание, пред сè, да ги запознаеме нашите клиенти, а со цел да им овозможиме персонализирана услуга која навистина одговара на нивните потреби. Со ваков пристап целиме да воспоставиме долгорочни партнерски односи и однос на заемна доверба. Покрај другите придобивки, токму оваа заемна доверба силно ја акцентира нашата транспарентност како банка, што во 2022 беше препознаено и од страна на Организацијата на потрошувачи на Македонија која на Шпаркасе Банка ѝ додели Сертификат за фер финансиски услуги за потрошувачите.
Задоволството на клиентите е директно поврзано и со мотивацијата на вработените. Какво внимание посветувате Вие на вработените со цел тие да се чувствуваат инспирирано на своето работно место, посветено да работат и да обезбедат квалитетна услуга за клиентите?
С. Кустурица: Шпаркасе Банка го цени поединецот. Како што посветуваме внимание на индивидуалните потреби на нашите многубројни клиенти, така тоа го правиме и за нашите вработени. Јас верувам дека грижата која бараме нашите вработени да ја посветуваат за нашите клиенти мора да ја чувствуваат и тие самите од страна на менаџментот и на компанијата. Само така може да се создаде синџир на беспрекорна комуникација и доверба од врвот на компанијата, па сè до крајниот корисник.
Ние се стремиме добро да го запознаеме секој еден вработен кој е дел од нашиот тим. Мора да ги познаваме вработените, да се грижиме за нивните интереси и предизвици за тие да ни веруваат нам. Оваа доверба секогаш резултира со одговорни и мотивирани вработени и целиме токму на ваков однос. Како компанија го цениме мислењето и силно ги поттикнуваме вработените да ги споделуваат своите сугестии, критики и идеи. Кога тие се мотивирани да дадат личен придонес во развојот на организацијата, да споделат идеја, но и да искажат критика, тоа значи дека организацијата е на вистински пат.
Исто така верувам дека емоциите и расположението кои ги чувствуваат вработените на работното место во основа го дефинираат и резултатот од нивното работење. Затоа во исклучителна мера се стремиме и да влијаеме нашите вработени да чувствуваат позитивна енергија на работното место. За мене е многу важно секој вработен да тежнее и да воспостави баланс меѓу работните обврски и приватниот живот кој директно ќе влијае и на личното задоволство, но и на неговиот професионален напредок.
Сметам дека Шпаркасе поседува експертиза и одличен тим кој тежнееме да го развиваме и да го држиме мотивиран.
Токму поради тоа наша јасна среднорочна цел е да имаме најзадоволни, најлојални и најплатени вработени во банкарскиот сектор, со отворена можност за перспектива за постојана професионална надградба и дополнителен кариерен развој во рамките на банкарската групација, Ерсте (Erste) и Штаермаркише Шпаркасе (Steiermärkische Sparkasse).
Она што тежнееме да го изградиме за нашите сегашни вработени, но и за сите идни, е отворена врата и еднакви шанси да развијат со нас кариера без бариера.
А вредностите кои ги сметам за моја доблест е истото тоа што го очекувам и го ценам кај нашите вработени – интегритет, доверба, искреност, посветеност, работа и упорност.
Сигурно е дека и во животот и во работата има и подеми и падови, никој не е претплатен само на добри процени и одлуки. Многу ќе грешиме, често околностите нема да ни поаѓаат од рака, резултатот нема секогаш одма да дојде. Но, откажувањето не смее да биде опција.
Тоа е нешто во кое цврсто верувам, тоа е мој пристап во работата и тоа го очекувам од моите луѓе. На тој начин ја градиме и нашата корпоративна култура зашто вредностите кои ги има одредена компанија се вредностите кои со себе ги носат и ги живеат нашите вработени.
Шпаркасе Банка е препознатлива и по својата општествена одговорност, односно како компанија која преку разни активности дава придонес за заедницата. Меѓутоа, општествената одговорност е често само декларативна кај голем број компании. Колку, всушност, вашата посветеност на ова поле го детерминира и целиот концепт на вашето работење?
С. Кустурица: Нашата посветеност за подобрување на општеството и на локалната заедница во која дејствува банката произлегува од две основни причини.
Прво, Шпаркасе Банка е членка на Ерсте (Erste) и Штаермаркише (Steiermärkische) групациите, чии основачи уште пред 200 години како една од примарните цели ја поставиле поддршката во креирање и зачувување на просперитетот на што поголем број луѓе. Значи, тоа е во темелите на овие банкарски групации и не се работи за никакво „помодарство“, туку за континуирано системско дејствување на банката од нејзиното постоење.
Сите банки во нашата групација имаат развиено посебна Стратегија за одржливост која ги дефинира подрачјата на дејствување на банката посебно во области на екологијата и на заштитата на човековата средина, борбата против климатските промени, намалување на полова и која било друга нееднаквост, поддршка кон развојот и економијата на локалните заедници, помош при креирање на подобри услови за работа и генерално придонес кон здравјето и квалитетот на живот на населението. Сите овие информации се јавно достапни и сите заинтересирани можат едноставно да пронајдат на интернет многу материјали во врска со ова.
Друга причина за нашата активна улога на подрачјето на општествената одговорност произлегува од многу едноставен и значаен факт: Шпаркасе Банка АД Скопје е македонска банка со австриски капитал. Ние дејствуваме на територијата на Северна Македонија, во склад со законите на оваа држава, плаќаме даноци и придонеси во оваа држава, нашите вработени и нивните фамилии се македонски државјани, а нашите клиенти се граѓани и стопанственици на оваа земја. На крајот, 95 проценти од целиот профит кој банката го остварила во изминативе 15 години е реинвестиран токму тука, во нашата земја. Со самото тоа, потполно е логично да имаме силно чувство на припадност на оваа заедница зашто ние сме дел од таа заедница, па помагајќи ѝ, си помагаме себеси.
Сите наши општествено-одговорни проекти се опфатени во рамките на „Шпаркасе лајф“ („Sparkasse life“) платформата. Преку оваа платформа ги спроведуваме активностите кои се наменети за поддршка на локалната заедница, за заштитата на животната средина, како и за развој на културата, на уметноста, на образованието, на здравството и на спортот.
Посебно сакаме да ја истакнеме нашата значајна вклученост во поддршката на таканаречената „зелена економија”, каде што во последниве неколку години имаме финансирано над 45 проекти и инвестиции, со вкупен износ од преку 65 мил. евра, што нè чини апсолутни лидери на пазарот.
Во оваа насока би ја споменал и инсталацијата на фотоволтаични системи во централната зграда на Шпаркасе Банка во Скопје и на нашата зграда во Охрид каде што и преку личен пример сакавме да го покажеме нашиот придонес кон поздрава животна средина. Понатаму, како дел од зелената транзиција, за првпат во банкарскиот сектор во земјава Шпаркасе Банка започна да издава виза еко (Visa Eco) картички од рециклирачки материјал, кои поседуваат посебни својства на разградливост. На овој начин заштедивме минимум 300 кг пластика годишно со што дополнително влијаеме на заштита на животната средина.
Како што споменав, општественото дејствување ја отсликува и севкупната корпоративна култура на банката, па така оваа зелена транзиција се наметнува и на микро ниво. Како примери ќе посочам дека на располагање имаме и еко возен парк со електрични возила и електрични тротинети кои вработените може да ги користат за службени потреби, како и полнач за електрични автомобили со 100 % зелена енергија кој е на располагање на нашите клиенти и на останатите граѓани. Покрај тоа, со воведувањето на дигиталниот потпис во сите интерни процеси и активности во банката, целта ни беше да ја минимизираме потрошувачката на хартија за деловни цели и, секако, да го максимизираме користењето на дигиталниот потпис од страна на клиентите на банката.
Сепак, општествената одговорност не застанува само со зелените проекти, туку се стремиме да ја проектираме и во сите други сегменти на општеството. Досега сме реализирале бројни проекти за поддршка на локалните заедници и на малите претпријатија, но и за поддршка на спортот, на уметноста, на културата, а актуелна е соработката и со нашиот бренд амбасадор Влатко Стефановски, која е насочена кон поддршка на младите луѓе и целокупната уметничка сцена во државава.
Кои се плановите за оваа 2023 година, а и за годините кои следуваат? Што може сите 128 000 клиенти, а и сите ние, да очекуваме од Шпаркасе Банка?
С. Кустурица: Уште од првите денови на оваа година започнавме со многу активности. Лично сметам дека мораме уште многу работи да подобриме на полето на ефикасноста, поедноставување на процесите, автоматизација и дигитализација, иновативност. Сето тоа повторно во насока за подобрено корисничко искуство. Ние ги слушаме нашите клиенти сè со цел да ги разбереме нивните потреби и, секако, да дознаеме што очекуваат тие од нас. И очекувањата на нашите клиенти веќе стануваат многу слични, да не речам исти, со очекувањата на клиентите насекаде во светот.
Во таа насока, уште минатата година го воведовме дигиталниот идентитет кој претставува уникатна поволност за нашите клиенти. Но, ние сме фокусирани кон целосна „дигитална трансформација”, односно кон олеснување, забрзување и унапредување на услугите спрема клиентите. Дигиталната трансформација влегува „на голема врата“ во целиот банкарски сектор и таа мора да биде составен дел од културата на секоја компанија која цели да биде лидер во својата индустрија и долгорочно да се развива.
Со цел да понудиме и нови дигитални услуги кои се навистина атрактивни за клиентите, наш иден предизвик е проектот „Мислете дигитално“ („Think digital“). Овој проект ќе се фокусира на максимално искористување на достапната дигитална технологија со цел уште поголемо унапредување на брзината и на достапноста на нашите услуги.
Но, она што ќе продолжиме да го негуваме и понатаму и што, секако, нема да го замениме со никаква дигитализација е нашата поврзаност, нашата цврста емпатија кон клиентите. Тоа е она што ја прави нашата банка уникатна. Ние живееме и се соживуваме со сите среќни моменти кои се случуваат во животот на нашите клиенти, се радуваме на секој нивен успех, на секој нов проект, го преживуваме заедно со нив секој проблем, тука сме да ја споделиме и среќата и тагата.
Токму затоа можеме да си дозволиме да планираме остварување на значаен раст и во кредитната и во депозитната активност. Воочувајќи ја неизвесноста што промената на референтните каматни стапки ја внесе во животот на клиентите, одлучивме да воведеме фиксни каматни стапки за сите типови кредити што ќе ги користат нашите клиенти. На тој начин ја гарантираме ратата што тие ќе ја имаат во следните 10 години. За нашите депозитни клиенти воведовме навистина поволни каматни стапки со што, покрај сигурноста и довербата што ја дава нашата банка, овозможуваме и остварување на повисоки приходи.
Со тоа сакаме да докажеме дека ние нема да бидеме банка која ти „дава чадор” кога има сонце, а ти го зема кога врне дожд.
И за крај нешто помалку формално. Кој е приватно Санел Кустурица откако ќе ги соблече костумот и краватата?
С. Кустурица: Да бидам искрен, последниве неколку години речиси и да не носам кравата. Но, она што ме радува особено е дека и кога ќе го облечам и соблечам костумот, јас сум истиот човек, со истите принципи и вредности и тоа е навистина добро чувство.
Имам два прекрасни сина, и сè друго што имам направено во животот, вклучително и професионалната кариера, не може да се спореди со чувството да бидеш родител. Со секој поминат ден како јас многу повеќе да го осознавам животот и учам преку нив, отколку тие од мене. Како ги гледам како растат, сфаќам дека животот треба да се живее со полни гради и дека треба да уживаме во секој момент што ни го овозможува.
Во слободно време сакам да играм тенис и да се дружам со добри и позитивни луѓе. Уживам во добра храна и вино. Сакам да се прошетам во природа, да погледам добар филм или да прочитам квалитетна книга.
Имам талент и за музика. Велат дека добро пеам, а и помалку свирам и гитара, што ми е и хоби. Често пријателите и соработниците се шегуваат со мене дека најверојатно сум најдобар пејач меѓу банкарите и најдобар банкар меѓу пејачите.
Разговараше: Зоран Јовановски