Интервјуа
Бајрактаров: Одржувањето добро ментално здравје е важно за целокупната благосостојба
Разговараме со Доцент д-р Стојан Бајрактаров од Универзитетска клиника за психијатрија
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
Македонското општество, како впрочем и најголем дел од светот, помина низ серија разновидни кризи, пандемијата со ковид-19, економска криза... на што се надоврза високата инфлација итн. Што покажуваат најновите медицински истражувања во однос на последиците за менталното здравје на луѓето предизвикани од кризните состојби што траат веќе долг период?
С. Бајрактаров: Пандемијата ковид-19 имаше значително влијание врз менталното здравје на луѓето во светот, вклучително и на оние кои живеат во земјите во транзиција. Неколку генерации во земјите во транзиција минаа голем дел од својот живот низ значајни социјални, економски и политички промени кои често произлегуваат од преминот од централно планирана економија кон пазарна економија. Меѓутоа, во нашиот регион имавме и воени кризи и се чини дека навикнавме да живееме во услови на зголемен стрес, што и нè направи да сме поотпорни на кризни и стресни периоди, но и со доза на апатичност и резигнираност кон секојдневјето.
Пандемијата ги влоши постоечките предизвици за менталното здравје во овие земји со пораст на анксиозност и депресија поради невработеноста, економската нестабилност и социјалната изолација. Дополнително, пандемијата доведе до зголемување на насилството, зголемување на самоубиства и самоповредувачко однесување и на повеќе други негативни обрасци на однесувања.
Чие ментално здравје е најпогодено во рамките на општеството, на која возрасна група и зошто е тоа така?
С. Бајрактаров: Пандемијата ковид-19 влијаеше на менталното здравје на луѓето од сите возрасти, полови и социоекономски средини. Сепак, одредени групи население се поранливи на негативните влијанија врз менталното здравје на пандемијата од другите.
Како популациска група, се чини дека како резултат на ковид кризата најпогодени се децата и адолесцентите кои, веројатно и на подолг период, ќе ги чувствуваат последиците од оваа криза што сериозно го наруши нивниот развоен процес. И нашите истражувања покажуваат дека има голем пораст на нарушени параметри на менталното здравје на оваа популациска група, изразено преку зголемена анксиозност, депресија, самоповредувачки мисли, зачестеност на булинг, изразен пораст на зависност од интернет и, за жал, прифаќање обрасци на социјално изолирање како нов тренд. Влијанието на изумите на модерното општество влијаат на креирање на сè позачестена социјална декадентност. Видеоигрите и социјалните мрежи имаат изразено негативно влијание врз обрасците на функционирање кои придонесуваат за многу зголемена зачестеност и на ментални растројства. Но, и модерниот стил и начин на практицирање на родителството во голема мерка ги одредува овие негативни трендови. Секако, има и други групи на население кои се многу погодени како здравствените работници, постарите лица, лицата со веќе постоечки состојби на ментално здравје, како и населението со ниски приходи.

Како се манифестираат последиците по менталното здравје? Дали се тие очигледни, како да знаат луѓето дека имаат проблем?
С. Бајрактаров: Понекогаш е лесно да се забележи дека некој има проблеми со своето ментално здравје, но многу често се работи за маскирани, непрепознаени форми. Како една од негативните последици на ковид пандемијата во целиот свет, а и нашите истражувања покажуваат загрижувачки трендови на покачување на семејното насилство. Анксиозноста често јасно ја распознава индивидуата или околината и бара помош на разни начини, од разговор со пријателите до (зло)употреба на анксиолитици, што е честа негативна пракса во целиот регион. Чести знаци за нарушено ментално здравје се и несоницата, губитокот на чувство за задоволство, како и на грижа за себе и за другите, губиток на интерес за нешто што претставувало голем интерес или задоволство, или пак зачестено конфликтни настапи...
Сериозна е ситуацијата и со менталното здравје на бизнисмените во земјава. Се соочуваат со неверојатна неизвесност и проблеми на многу полиња, намалена побарувачка на странските пазари, висока инфлација, ненајавени зголемувања на даноците и сл. Големи стресови доаѓаат од многу страни. Како влијае сето ова на менталното здравје на бизнисмените?
С. Бајрактаров: Генерално, пандемијата ковид-19 имаше значителни последици за менталното здравје на глобално ниво и имаше значителни ефекти врз менталното здравје на сопствениците на бизниси и на претприемачите. Еве некои од начините на кои пандемијата влијаеше на нивното ментално здравје.
Финансиски стрес: Пандемијата предизвика значително економско нарушување при што многу бизниси беа принудени да ги намалат активностите, некои и да ги стопираат. Ова доведе до финансиски стрес за сопствениците на бизниси, предизвикан од ризиците за опстојување на бизнисот.
Неизвесност: Пандемијата создаде голема неизвесност, особено за сопствениците на бизниси кои можеби не се сигурни кога ќе можат повторно да се отворат или како ќе изгледа иднината на нивниот бизнис.
Негативните импликации врз предиктивноста на пазарот: Бизнисмените сè уште се на ранливо тло, не постојан сигурни предиктивни механизми за понатамошните економски текови.
Зголемен обем и променети услови на работа: Некои сопственици на бизниси можеби морале да преземат дополнителни одговорности за време на пандемијата како што се: управување со далечински тимови или „вртење“ на нивниот бизнис-модел. Овој зголемен обем на работа може да доведе до исцрпеност и други предизвици за менталното здравје.
Лична и професионална загуба: Пандемијата предизвика лични и професионални загуби за многу сопственици на бизниси, вклучително и загуба на клиенти, на вработени и на најблиски. Овие загуби може да придонесат за чувства на тага и други предизвици за менталното здравје.
Што се препорачува во ваква ситуација? Како да се сочува менталното здравје на краток рок?
С. Бајрактаров: За поддршка на менталното здравје на сопствениците на бизниси за време на пандемијата, важно е да се даде приоритет на пристапот до ресурсите и поддршката за ментално здравје. Ова може да вклучува обезбедување пристап до советување или терапија, промовирање практики за грижа за себе како што се вежбање и медитација и создавање можности за социјална поврзаност и поддршка од заедницата. Исто така важно е да се препознаат уникатните предизвици со кои се соочуваат бизнисмените во ова време и да се работи на зајакнување на психолошките капацитети на сите менаџерски и тимски нива, што сигурно позитивно ќе влијае врз нивното функционирање и однесување. Она што се препорачува е јакнење на карактеристики кои сигурно позитивно ќе влијаат на резултатите на работата како, на пример, трпеливост, смиреност, справување со стресни настани, самоконтрола, наоѓање на баланс, контрола на бес.

Доколку работите во светската економија генерално се стабилизираат, тоа би требало да значи и сведување на стресот на некои понормални нивоа. Кои се Вашите препораки за сочувување на менталното здравје на долг рок при релативно стандардни услови за работење?
С. Бајрактаров: Одржувањето добро ментално здравје е важно за целокупната благосостојба, без оглед на економските услови. Еве неколку препораки за одржување на менталното здравје на долг рок, дури и при релативно стандардни работни услови: практикување грижа за себе (редовно вежбање, балансирана исхрана и доволно спиење); управувајте со стресот: совладување на техники за управување со стресот како што се медитација, вежби за дишење; негување на социјални релации: подобрување на семејни релации, со пријателите и со колегите; одржувањето социјални врски, дури и ако тоа е само преку редовни телефонски повици или видеоразговори, може да биде важен начин да останете поврзани; поставување цели и одржување на мотивација, што може да биде многу важно за одржување на менталното здравје, ова може да биде едноставно како поставување дневни цели или работа кон долгорочна цел како што е нова кариера или личен проект, а доколку е потребно, слободно треба да се побара поддршка од професионалец за ментално здравје.
Генерално, одржувањето на добро ментално здравје бара комбинација од грижа за себе, социјална поддршка и професионална помош кога е потребно. Со фокусирање на овие области може да се изгради отпорност и да се одржува добро ментално здравје дури и во услови на предизвикувачки околности.
Живееме во време кога живиот човечки контакт сè повеќе се заменува со живот и комуникација на социјалните мрежи, тоа е живот во своевиден дигитален свет. Дали ваквиот модерен начин на живот влијае на менталното здравје на луѓето? Што значи сето ова и за развојот на децата кои голем дел од денот го поминуваат со своите или со мобилните телефони на родителите?
С. Бајрактаров: Социјалните мрежи имаат и добра и лоша страна – во услови на пандемија кога имавме социјална дистанцираност, тие беа многу ефикасна алатка за одржување на психосоцијалното здравје. Но, тие се голем ризик фактор за менталното здравје, особено на младите. Зависноста од интернет според новата меѓународна класификација на болести се третира како растројство и треба да се лекува. Поминувањето и по неколку часа пред компјутер стана „нормална“ појава, што ја замени детската игра по маалата. Гледаме дека тоа носи и други негативни ризици како влијанија на неподобни личности или групи, личности кои се самопрогласени експерти, инфлуенсери, јутјубери, кои наметнуваат различни норми од она што се очекува од млад човек. И овие појави имаат значително негативно влијание на однесувањето, на емоционалниот и социјалниот развој на младите. За жал, ефектите од овие негативни појави ќе станат многу видливи во наредните години и ќе треба сериозна општествена ангажираност за справување со нив. Промоцијата на здрави животни навики, која можеби звучи како флоскула, е веројатно патот за справување со овие негативни појави, која треба да почне во семејството.
Случувањата во светот во последниве години, проследени со драстично раслојување на населението според доходот, доведоа до тоа да има сè повеќе луѓе кои во себе носат растечко ниво на гнев. Каде води сето ова? Како општествата да се справат со ваквата ситуација?
С. Бајрактаров: Дефиниција за здравје е присуство на физичка, ментална и социјална благосостојба. Ако здравјето на единката или групата е загрозена, тогаш треба да се бара начин за подобрување на здравствените индикатори. Економскиот развој во голема мерка влијае и на менталното здравје и особено на социјалните аспекти на здравјето на популацијата. Кога нема доволно за егзистенција се активираат механизмите за самоодржување, што може да придонесе за барање на помалку или повеќе конструктивни начини за подобрување (менување на професија, преселување во економски силни држави...). Но, ваквата состојба често придонесува за агресивно однесување, негрижа за другите, револтираност, насилно однесување. Секако дека како професионалци може и треба да помогнеме за надминување на овие состојби, но сигурно дека е и општествена одговорност благосостојбата на граѓаните. Се наоѓаме во тек на економска криза насекаде во светот и одговорните влади секако дека преземаа многу начини за одржување на економска стабилност преку помош на фирми, мерки за помош на загрозени категории како преземање на дел од сметки за струја, греење, интервенции за намалување на цени... Според статистиките кои се достапни, многу работни места се спасени и тоа е начинот на кој помагаат државите индиректно и за менталното здравје. И системите за јавно ментално здравје ги вклучија своите сервиси преку достапност на многу онлајн алатки, поддршка за разни ранливи групи. Сигурно дека може и повеќе да се направи, но мислам дека генерално и владите и службите за ментално здравје направија многу на овој план. Кризата на менталното здравје, и според историските искуства, трае и неколку години по економска криза, но да се надеваме дека најпредизвикувачкиот период е веќе зад нас.
Разговараше: Зоран Јовановски