Анализи

КАТАПУЛТ ВО ИЗВОЗОТ НА ФРУКТАЛ – анализа на финансиските извештаи за 2022 година

06.04.2023г.

Кога станува збор за продажната стратегија на една компанија, истата во голема мера е резултат на пазарните движења, извозните компоненти, домашната побарувачка и сл. Во таа насока менаџментот на Фруктал во 2022 година направил пресврт во работењето. Имено, за разлика од 2021 година кога доминантни беа домашните продажби, минатата година целосно ги таргетирале странските пазари. Ваквата стратегија во голема мера донесе позитивни движења во билансите на компанијата, а преку оваа анализа ќе се обидеме да ги изнесеме клучните параметри.

-          Во текот на 2022 година Фруктал успеал да ги зголеми вкупните приходи од продажба за 18%, со тоа што кумулативниот износ изнесува 544 милиони мкд. Ваквиот резултат е за 85 милиони мкд подобар во споредба со 2021 година. Клучно е тоа што географската дисперзија е целосно поразлична во споредбените години. Имено, во 2021 година 96% од приходите биле реализирани на домашен пазар, додека во 2022 година таквиот процент изнесува 43%. 57% од продажбите биле реализирани на странски пазари, а истите акумулирале приход од над 300 милиони мкд.

-          Единствениот трошковен елемент кој значително влијаел на финансискиот резултат е издатокот за суровини и материјали. Ценовните поместувања кои се случуваа минатата година значително влијаеле врз зголемување на трошоците. Така, во 2022 година по овој основ се потрошиле 338 милиони мкд, што претставува раст од 22%.

-          Нето ефектот од работењето во 2022 година изнесува 50,5 милиони мкд нето добивка, што е дупло повеќе од оствареното во 2021 година, или поточно реализиран е раст од 210%.

Во билансот на состојба за одбележување се неколку елементи:

-           Првиот е одржувањето на нивото на залиха на скоро идентично ниво како и во 2021 година, иако растот на продажбите беше значително поголем. Вториот елемент се побарувањата од купувачите. По се изгледа дека покрај подобрата цена на странските пазари, како втор елемент е посигурната наплата, а во голема мера истото може да биде резултат на авансни плаќања. За цели 32% намалени се побарувањата од купувачите во споредба со 2021 година и истите изнесуваат 82,8 милиони мкд. Ваквите трендови позитивно се одразиле и на најликвидната позиција од активата, односно ставката пари и парични еквиваленти пораснала за 19,3 милиони мкд, или 79% подобар резултат во споредба со крајот на 2021 година.

-          Подобрата наплата и поголемите продажби довеле до тоа Фруктал да ги редуцира обврските кон добавувачите за 23%, или да го намали салдото за над 60 милиони мкд. Дополнителна потврда за “домакинското” работење на компанија е тоа што краткорочните обврски за кредити се зголемиле за само 1,4 милиони мкд, а долгорочните обврски за кредити ги намалиле за 67%. Од финансиските извештаи може да се заклучи дека во 2022 година Фруктал успеал да исплати 17 милиони мкд по основ на кредити.

-          Од аспект на капиталот на компанијата основната главница и резервите се на идентично ниво како и во 2021 година, додека со позитивниот резултат од 2022 година намалено е салдото на кумулирана загуба од минатите години и истото изнесува 284 милиони мкд. 



(Е&Б)

 

 

ПРЕПОРАЧАНО