Анализи
Анализа на паричната маса и нејзините компоненти 2019-2022 - втор дел -
15.03.2023г.
Во вториот дел на анализата ќе се посветиме на поголемите во обем монетарни агрегати М3 и М4. Клучната разлика помеѓу нив ја прават долгорочните депозити со рок на доспевање од 1 до 2 години и оние кои се подолги рокови од 2 години.

Генералниот заклучок е дека кај долгорочните депозити со рок на доспевање од 1-2 години има спротивна тенденција во однос на краткорочните депозити. Тука, евидентиран е драматичен пад во вкупниот обем. Имено, за период од 4 години, салдото се намалило за цели 9,356 милиони денари, со тоа што најизразен е падот во 2020 година. Валутната структура пак од друга страна ни ги открива преференциите на штедачите и нивната доверба во националната валута. Имено, процентуалното учество на денарските депозити во вкупните долгорочни депозити во периодот 2019-2021 година имаше тенденција на пад, па така од 62% учество, истото се спушти на 54%, додека во 2022 година забележан е минимален пораст од 2 п.п. Апсолутниот пад на денарските депозити учествува со 94,5% во кумулативниот пад на вкупните долгорочни депозити за периодот 2019-2022 година. Кај депозитите во странска валута евидентни се цикличните движења низ периодот со тоа што својот пик го достигнале во 2020 година, додека најниско ниво е евидентирано во 2022 година. Токму тој гап го надополнува износот до вкупниот пад на оваа категорија во декември 2022 година.
И покрај негативните движења кај овие депозити, сепак нивното помало учество во вкупната М3, предизвика да нема промени од зацртаната траекторија за раст. Така, денарската компонента на М3 пораснала за 41,386 милиони денари, додека вкупната М3 за цели 95.772 милиони денари. Салдото од скоро 500.000 милиони денари во декември 2022 година всушност ја претставува стандардната дефиниција за паричната маса.
За да го откриеме депозитниот потенцијал на паричната маса мора да ги вклучиме и долгорочните депозити со рок на доспевање над 2 години.
За период од 4 години депозитниот потенцијал контрахирал што повторно е последица на огромниот пад на денарските депозити. Анализата укажува на тоа дека штедачите за време на криза пристапиле кон валутна трансформација на депозитите, а дел од средствата останале слободни за располагање или мигрирале кон депозити со помала рочност. Ваквата констатација се потврдува преку кумулативен пад на денарските депозити од 10.245 милиони денари и пораст на девизните депозити од нешто над 6.400 милиони денари.
На крај, најширокиот монетарен агрегат М4 ја дава целосната слика.
Кумулативниот тренд на пораст на вкупниот М4, како денарски така и вкупен, е следствен на претходните движења, додека на годишно ниво во 2022 година евидентиран е најмал процентуален пораст од 5%. Ваквиот процент во изминатите години бил за 1 п.п поголем. 2023 година ќе биде интересна за анализа на ваквите движења преку пратење на пасивата од консолидираниот биланс на банкарскиот сектор, со оглед на тоа што тој и понатаму останува да биде главен катализатор на движењето на паричната маса.
(E&Б)