Анализи

Анализа на паричната маса и нејзините компоненти 2019-2022 - прв дел -

15.03.2023г.

Согласно дефиницијата на НБРСМ монетарните агрегати се составени од следните компоненти:

Паричната маса М1 ги опфаќа готовите пари во оптек и депозитните пари. Паричната маса М2 (ликвидни средства) ги вклучува монетарниот агрегат М1 и краткорочните депозити. Паричната маса М3 ги вклучува монетарниот агрегат М2 и долгорочните депозити орочени од една година до две години. Паричната маса М4 (вкупен депозитен потенцијал на монетарниот систем) ги вклучува монетарниот агрегат М3 и долгорочните депозити орочени над две години, во денари и странска валута. Монетарниот агрегат М3 претставува меѓународно усогласена дефиниција на паричната маса на Република Северна Македонија.

Тргнувајќи од горните елементи, а согласно јавно достапните податоци објавени од страна на НБРСМ, ќе направиме анализа на нивното движење за последните 4 години, притоа земајќи ги како референца последните месеци од секоја година.

Во текот на анализираниот период вкупната парична маса е во континуиран пораст, притоа кумулативниот апсолутен раст за 4 години изнесува 95,772 милиони денари. Најголем пораст меѓу периоди е реализиран во 2021 година кога паричната маса се зголемила за 38,522 милиони мкд. Интересно е што соодносот помеѓу готовите пари и депозитите во сите изминати години се одржува на ниво 90/10 во корист на депозитите, што значи дека и двете категории се движат со иста динамика.

Паричната маса М1 завзема најголема пропорција во вкупната парична маса. Ако во 2019 година тој процент изнесувал 43%, понатаму во периодот од 2020-2022 година истиот е на стабилно ниво од 47%. Кога ќе се раздели М1 на нејзините составни елементи, ќе се забележи дека водечка улога имаат депозитните пари. Имено оваа категорија во континуитет учествува со 79-80% од М1. Движењето кај депозитните пари е интересно бидејќи нивото на пораст е послабо од година во година. Имено, во 2020 година реализиран е пораст од 21,184 милиони мкд, во 2021 година порастот изнесувал 16,951 милиони мкд, додека пак во 2022 година нивото се спуштило до 10.322 милиони мкд, што е половичен ефект за период од 2 години. Од друга страна ако во 2020 и во 2021 година растот на М1 бил над нивото на депозитните пари, сепак во 2022 година растот на М1 е еднаков на растот на депозитните пари. Ова е битна констатација, ако се земе во предвид фактот што токму во 2022 година готовите пари оствариле разлика во пораст 2.232 милиони мкд(разлика помеѓу порастот во 2022 и 2021 година). Кај готовите пари во оптек треба да се напомене дека во 2021 година доживуваат скоро 10 кратен пад на порастот, од ниво 7.592 милиони денари, до само 778 милиони денари.

За да стигнеме до монетарниот агрегат М2 потребно е да се направи анализа и на краткорочните депозити.

Нивото на вкупните краткорочни депозити е во континуиран пораст со тоа што најплодна година била 2020, кога генериран е пораст од 12%, додека разликата меѓу почетната и крајната позиција изнесува 383.691 милиони денари. Во валутната структура на краткорочните допозити доминираат депозитите во странска валута, а нивната дискрепанца од година во година се зголемува. Тоа се должи на тоа што во континуитет опаѓа нивото на депозити во денари, додека обратнопропорционална динамика следи кај депозитите во странска валута. Во анализираниот период учеството на депозитите во денари во вкупните краткорочни депозити се намалило за цели 11 п.п. така што со крајот на 2022 година нивната пропорција изнесувала само 18%, а најголем пад од скоро 5.000 милиони денари е евидентиран во 2021 година. Исто така треба да се напомене дека учеството на краткорочните депозити во денари кои се со валутна клаузула е минорно.

Континуитетот на движење кај горните елементи доведе до тоа да имаме нагорни движења и кај монетарниот агрегат М2.

Денарскиот елемент во М2 имал најсилно влијание во 2019 и во 2020 година, кога партиципирал со 65%, додека во наредните 2 години неговиот континуиран апсолутен пораст довел до тоа, нивото на учество да се намали за цели 4 п.п. Во период од 4 години паричната маса М2 пораснала за 105.182 милиони денари, а нејзиното учество во вкупната парична маса се зголемило од 85% во 2019 година, до ниво од 90% заклучно со декември 2022 година.


(E&B)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано