Убава Македонија

СВ. НАУМ

Автор: Александар Матески

Манастирот „Св. Наум“ е подигнат на крајниот јужен дел на Охридското Езеро во прекрасен живописен амбиент на доминантното карпесто плато. Тој е споменикот од најстарата словенска уметност. Оттука се извориштата на Белото Езеро, а според старите житија овој предел се нарекува и „междуречие“ бидејќи се наоѓа меѓу двете главни хранилки со вода на Охридското Езеро (изворите Св. Наум и изворите кај Тушемиште во Албанија).

На старите фотографии може да ја забележите и камбанаријата со параклисот на Св. Јован Владимир изградена од архитектот Момир Коруновиќ. Камбанаријата во текот на 1954 година и 1955 година ќе биде срушена со образложение дека камбанаријата стилски не одговара во историскиот амбиент. Резбаниот дрвен иконостас во црквата е стар над три столетија (изработен во 1711 година). Една од најинтересните фрески е претставата на Седмочислениците (словенски светци). Тоа се седумте светци создавачи и распространители на глаголицата и на кирилицата, браќата Кирил и Методиј, Климент, Наум, Горазд, Сава и Ангелариј. Во непосредна близина на оваа фреска е и фреската од 1806 година на која е претставен Борис I или Борис-Михаил, ктитор на Манастирот „Св. Наум“.

И не е можно да го посетите овој прекрасен храм и вистински да го доживеете ако не си спомнете за глаголицата и кирилицата. Интересно е што некои слависти како Милош Вајнгарт сметаат дека под псевдонимот Црноризец Храбар, автор на познатато дело „О писменех“ („За буквите“) е токму Свети Наум Охридски. Таквото мислење го дели и Блаже Конески. Црноризец ќе наведе: „(...) После пак, кога поминаа многу години, се најдоа по Божја повела седумдесет мажи, што го преведоа од еврејски на грчки јазик Светото Писмо. Константин наречен в. Кирил, сам и словенските книги и букви ги преведе за малку години, а оние мнозина за многу години: седум души ги создадоа нивните букви, а седумдесет души преводот. Затоа словенските букви се посвети и подостојни за почит, оти свет маж ги створил, а грчките, пак, букви многубошци.“

Македонија ќе биде тлото каде што и во XIX век грчкото влијание ќе биде толку силно што  во некои населени места во Македонија речиси сосема била заборавена словенската азбука. Како што наведува и Иван Миладинов во неговото дело „Браќа Миладинови (биографија)“: „Константин Миладинов долго време не ја знаел кирилицата, па собраните македонски народни песни ги запишувал на македонски јазик но со грчки букви, за дури подоцна да бидат препишани со кирилично писмо. Неговиот постар брат пак, Димитар Миладинов извесен период ќе помине токму во манастирот Св. Наум учејќи при некој калуѓер.“

Интересна книга, напишана со грчки букви и на месен воденски дијалект, е помалку познатото „Кониковско евангелие“ или „Неделното евангелие”. Автор на преводот е Павел Божигробски, а издадена е во 1852 година во Солун. Евангелието е важен извор за македонските дијалекти на југ. Архимандритот Хаџи Павел се истакнал како голем родољуб и основач на македонски народни училишта, а имал и голема улога за појавата на првите никулци на македонската книжевност. Евангелието било печатено во Солун, во 1852 година, во печатницата на Кирјак Држиловец. Причината евангелието да биде пишувано со грчки букви бил фактот што македонскиот народ недоволно го познавал словенското писмо кое во тој период се употребувало најмногу по манастирите. Од друга страна, користењето на грчките букви не предизвикувало ни голема реакција од страна на грчките владици.

Интересен е фактот што манастирот од 1912 година до 1925 година припаѓа на Албанија. По водените преговори меѓу Ахмед Зогу и Александар Караѓоргевиќ, поради значењето кое го има за словенскиот свет, манастирот е подарен на Кралството на СХС. Многу подетален опис за овие настани и воопшто за манастирот има во делото на Цветан Грозданов „Свети Наум Охридски“ издадено од МАНУ во 2015 година.  

При посетата на овај храм задолжително прочитајте и пронајдете ги фреските Успение на Св. Наум, Св. Наум ги лекува умноболните, фрескоживописот во припратата на манастирот, древните крстови врежани во мермените столбови, легендата за изградбата на манастирот, вјармувањето на мечката, за на крај да се препуштите на мирот и на убавината збогатени со рајските птици − пауните.


(Економија и бизнис. печатено издание, декември 2020/јануари 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано