Убава Македонија
ДУЊЕ И ЛИСИЧКА РЕКА
Автор: Александар Матески
Некогаш едно од најголемите села во Мариово, а денес со повеќе распаднати куќи од жители. Еден од централните објекти во Дуње е црквата „Свети Димитрија“, храм кој се гледа речиси од секоја повисока локација во Прилепско Мариово. На самиот влез на храмот се наоѓаат два мермерни споменици со древни натписи кои, најверојатно, се постари од 2 милениуми. Неистраженоста, измешаноста на остатоците од праисторијата, антиката, воените периоди и масовното исселување од последните децении го прават овој крај посебно мистичен. Низ Дуње поминува и стариот пат кон превојот Лигураса и Беловодица, пат кој во минатото бил многу често користен, пред сѐ за воените потреби. И денес патот е во релативно добра состојба и е прооден со теренско возило. Поминува и покрај малата акумулација над селото која е од голема помош во сушните лета. За издвојување е месноста Пештера во близина на селото Пештани која се наоѓа на само 5 км од Дуње. Во една од најголемите карпи се наоѓа црква посветена на Св. Илија. Но, она што веднаш може да го забележите со приоѓањето се рушевините кои ѝ припаѓале на античка населба. Бројните остатоци сведочат дека населбата го носела името Достонеј. Значителен дел од мермените блокови се искористиле и при изградбата на новите селски цркви. Напластеноста на историските наоди ја гледате насекаде. Дури и во самиот двор на црквата „Свети Илија“ одлично е сочуван голем питос за кој археолозите тврдат дека е од многу постар период. Локалитетот е богат со многу интересни камени форми кои се типични за овој крај.
Селската чешма, приказната за Чучук Митра, познатата мариовска круша, специфичната богата мариовска носија, се едни од препознатливите белези на ова село. А ако сакате да се запознаете повеќе со едни од најинтересните свадбени обичаи од Македонија, тогаш неизбежно треба да ја погледнете „Мариовска свадба“, документарен филм од 1966 година, прекрасно сведоштво за богатството на обичаите на овој изолиран крај.
Со должина од нецели дваесет километри, Лисичка Река е една од ретките притоки на Црна Река во Мариово. Лисичка Река ја создаваат повеќе мали реки кои доаѓаат од правец на селата Вепрчани, Пештани, Кокре за на крај чистите води во близина на познатиот Расимбегов мост да се спојат со водите на Црна Река. Тоа е реката која ја собира водата од Долно или Младо Мариово. Во летниот период, кога врнежите се значително намалени, нивото на реката е доста мало. Посебно интересни се пејзажите кога се движите од правец на село Дуње сѐ до вливот на реката во Црна Река. Според дел од стари мапи, тоа било артеријата за движење од село Дуње кон сите села на југ. А долу покрај Црна Река се наоѓаат остатоци и од античкиот пат познат како Еригонски пат. Дури и денес се забележуваат остатоците од тој древен пат кој по течението на Црна Река одел и кон Чебренскиот манастир.
Еден од најинтересните локалитети во тој дел на Мариово е Градок или Маркови кули. Се наоѓа на стотина метри над сливот на Лисичка Река во Црна. Кога се движите по асфалтниот пат нема да го забележите, а кога ќе се качите на ридот, на висорамнината со површина од околу 4,5 хектари, ќе забележите интересно утврдување во кое се гледаат остатоци од бројни куќи. Во погорниот дел веднаш се истакнуваат две базилики. Според археолошките истражувања се работи за базилики кои датираат од 6 век. Преданијата се дека во турско време на тоа место се наоѓало и село познато како Лисиче.
Интересен е фактот што, ако конечно се реализира проектот„Чебрен“, предвидена е изградба и на помала брана на месноста Орлов камен, што би значело и поплавување на значителен дел од сегашното корито на Лисичка Река. Голем дел од материјалните остатоци и немите сведоци на македонската историја би останале неповратно под вода. Се разбира, доколу историската идеја за изградба на браната некогаш стане реалност.
(Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2020г.)