Убава Македонија

ФОЈНИК

Автор: Александар Матески

Селото Брест е вистински репрезент на Порече. Убаво мало планинско село, со богата шума во околината и исклучително чиста средина, со проблеми со иселувањето, немање интерес кај младите да живеат во вакви региони, со оддалеченост од поголемите градски центри и слично. Постарите селани кажуваат дека во селото во времето имало и до 400 жители, а денес бројот е само нешто над сто.

Центарот на селото е на околу 960 м. н. в., па висинската разлика која треба да ја совладате за да се искачите до врвот Фојник изнесува приближно 500 метри. Кратката патека и визуелната комуникација со црквата „Св. Преображение“ на врвот значат дека патот е стрмен. До горе води широк земјен пат по кој може да се движите и со теренско возило. Од горе покрај Сува Гора се забележува и масивот на Мокра Планина, Љуботен на Шар Планина, а на југ погледот допира и до Ниџе Планина. Алпски се сцените кон Јасен и кон Мокра Планина. На катастарските мапи, освен Фојник, на самиот врв е забележан и топонимот Црквица. Врвот е речиси подеднакво оддалечен од Брест, Косово и Требовље. Тој е средишната точка на овие три села. Но, она што од овде ќе ве импресионира е најубавиот поглед на езерото Козјак. Ова е една од најубавите точки од каде што може да уживате во погледот кон Козјак, вештачкото езеро долго над триесет километри. Импресивен е и мостот над езерото. Долу е с. Близанско, а низ дрвјата покрај самиот брег на езерото може да ја забележите селската црква. Селото Здуње е под вода. Потопувањето на селото, замирањето на еден вековен живот како жртва на изградбата на модерната брана и подоброто утре е овековечено и во македонски документарен филм.

На слегување пред вас се гледа селото Звечан, а северно од него се и Битово, Растеш, Горно и Долно Ботушје.

Еден од најубавите настани за запознавање со овој регион е дводневниот вело настан „Велоче низ Порече“ кој се организира во средината на месец мај. Двете рути кои се со должина од 60 км и 77 км се наменети за лицата кои, освен добрата опременост, имаат и солидна физичка кондиција. Стартот е од село Белица и се поминува низ Самоков, Рамне, Брест и врвот Фојник. Подолгата рута е со спуштање и кон село Требовље и враќање покрај езерото Козјак до село Белица.

Доколку пак планирате да го возите патниот правец Скопје − Македонски Брод низ Националниот парк Јасен, задолжително проверете го режимот на движење. По патниот правец е предвидено наизменично движење во точно дефинирани временски рамки во текот на денот, па задолжително погледнете го распоредот на веб-страницата од Македонија пат.

Токму овој крај во периодот од 1932 година до 1933 година ќе биде предмет на интерес на еден од најпознатите полски етнолози и антрополози Joзеф Обрембски (1905−1967). Тогаш, на негови 27 години, при неговиот престој во Порече ќе направи теренски истражувања кои откриваат значајни аспекти од секојдневниот живот на населението во овој крај (вклучително и религиозниот живот, фолклорот и народната медицина). Жителите од селата Брест, Косово и Требовље секој 19 август, на празникот Преображение, празнуваат заеднички сведен на Фојник. Обрембски преку фотографии го овековечил овој интересен настан. Трикратното обиколување на црквата по службата и пеењето на песната, заедно со олтарот со даровите за време на службата и долгата маса на која ручаат селаните, се меѓу најубавите негови фотографии, сведоци на традицијата која постои на овој врв. Книгата која беше издадена во декември 2017 година и изложбите кои беа одржани во текот на следната година во голема мера го приближија ова културно наследство до модерниот свет. Богатиот магиско-лековит систем,  адетите како „мачкање крстови со бадниково тесто“, „дар за глувците“ и многу други би останале заборавени да не беше направена оваа прекрасна збирка на фотографии и описи.

И денес кога патувате во овој крај, доколку сакате да проучите и дел од скриената култура на овие изолирани населби, погледнете ја книгата „Поречаните, Македонското Порече 1932−1933 во етнографската документација на Јозеф Обрембски“.


(Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано