Убава Македонија
Слепче и Журче
Автор: Александар Матески
Во 2014 година, с. Слепче одбележа илјада години од постоењето на манастирот Св. Јован Претеча, од смртта на Цар Самоил и од постоењето на селото. Вистински начин да се одбележи цивилизацискиот континуитет на ова населено место и одличен начин за туристичка промоција на овој предел. Да нема забуна, постои и второ село во Општина Долнени кое го носи името Слепче. И двете поврзани со можеби најголемата трагедија која се одиграла на овие наши простори, Битката кај Клуч и ослепувањето на Самоиловата војска. Легендите зборуваат дека по ослепувањето војската на Самоил се повлекува задржувајќи се токму во двете села, во Прилепско и во Демирхисарско.
Може да дојдете до селото од страната на Битола, на Кичево или на Прилеп.

Доколку одите по третата варијанта, тогаш задолжително треба да направите кратка пауза во село Бучин. Навидум обично мало населено место на Црна Река, но локација во која се наоѓа еден од најубавите камени мостови во Македонија, налик на Камениот мост во Скопје. За жал, нема податок за неговото датирање, но во повеќето извори се спомнува дека е од римскиот период. Патот кој продолжува од мостот води кон ридот на кој се наоѓа античкиот локалитет Алкомена, сѐ уште недоволно истражен, на стратешка позиција која го контролира Бучинскиот Теснец. За тоа колку бил активен тој крај доволно зборува фактот што само на неколку километри низводно по Црна Река се наоѓа и Стибера, додека од спротивната страна на теснецот е Граиште.

Според податоците од последниот попис кои веќе се застарени, Слепче има над 700 жители. Во центарот на селото се наоѓа црквата Свети Никола изградена во 1673 година, а само на 3 км над селото, на падините на Илинска Планина, е едно од најстарите и најзначајните македонски духовни светилишта, манастирот посветен на Свети Јован Претеча. Манастирот имал ниви и шуми дури до Елбасан. Често како податок се споменува и тоа дека ќерката на цар Самоил, Косара, била голем донатор во манастирот, па дури и дека западниот трикатен конак бил изграден на нејзино барање и со нејзина донација. Интересни детали и на црквата во селото и на манастирската црква се наоѓаат на надворешниот дел од фасадите. Две украсни камени декорации налик на часовници. За жал, нема полесно достапни информации која била целта и симболиката на овие камени плочи. Во манастирската црква во цел раст се насликани и солунските браќа Св. Кирил и Св. Методиј. Манастирот долго време во историјата претставува значаен центар во кој функционира уметничка резбарска, како и препишувачка школа. Доколку сакате повеќе да прочитате за преданијата за овој манастир најдобро е да ја погледнете книгата „Манастирите во Македонија“ од Георги Трајчев. Трајчев пренесува и интересно предание според кое манастирот е основан од двајца монаси од манастирот Св. Јован Бигорски кои поради своите гревови побарале од Бога да им ги извади очите. Манастирот имал околу 20 келии за монаси, библиотека која во минатото била исклучително богата, голема трпезарија која и денес постои, но и зандани за затворените духовни лица осудени од Охридската архиепископија.

По течението на реката над селото интензивно се градат угостителски објекти. Имајте предвид дека поради големиот интерес најдобро е да имате претходна резервација. А амбиентот под сенките на дивите цреши и надморската височина од речиси 900 метри се идеални за релаксирање од напорната работна недела.
А ако имате дополнително слободно време, тогаш посетете го селото Журче, оддалечено на околу 10 километри од Демир Хисар во близина на атарот на Крушево. Црквата над селото е посветена на Свети Атанасиј и е изградена и живописана пред околу 400 години. Токму иконата на овој светец која е изработена во 1802 година на неколку наврати ќе се враќа во манастирот. Значително помалку посетен, помал, но со исклучително вреден фрескоживопис, манастирот денес е живеалиште на неколку монахињи кои со огромно задоволство и гостопримливост ќе ве запознаат со големите тајни на манастирот. Посебно интересни се илустрациите на календарските месеци во тремот на манастирот. Од приказите на животните впечатливи се тие на мечките кои ги имало во голем број во околината на манастирот. Монахињите со посебно задоволство ќе ви ги покажат и фреските на македонските пустиножители Свети Јоаким, Свети Прохор Пчински, Свети Гаврил Лесновски и Свети Јован Рилски.
(Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2019г.)