Интервјуа

Хајдекер: Знаете каде е заглавен случајот ако го имате во дигитален работен процес

Јоханес Хајдекер | Советник за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во Канцеларијата на претседателот на Владата

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

На почеток, господине Хајдекер, би било убаво да им се претставите на нашите читатели.

J. Х.: Јас сум советник за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во Канцеларијата на претседателот на Владата, со акцент на промоција на начините на снабдување низ европскиот континент и економската политика за време на кризата1. Оваа функција е поставена и кофинансирана од германскиот „Центар за меѓународна миграција и развој“ (CIM), заедничка организација на ГИЗ и на Федералната агенција за вработување на Германија, со финансирање од Федералната влада на Германија.

Како станавте советник на премиерот? Дали има други советници?

Ј. Х.: Имаше отворен повик на интернет и се пријавив. Моето стручно образование е во областа на туризмот и имам работено во повеќе земји. Во поново време имам работено како финансиски директор во фабрики во автомобилската индустрија во Чешка, Романија и Словенија, земји кои поминаа низ слични процеси на модернизација и интеграција во ЕУ. Мои колеги се Бетина Нелен за антикорупција во Кабинетот на вицепремиерот за добро владеење, Геролд Шнабл како експерт за чист воздух во Град Скопје, Соланж Масловски и Умер ал-Хатиб во Секретаријатот за европски прашања, Кристоф Фрајхер фон Харсдорф за миграција, азил и бегалци во Министерството за внатрешни работи и Јоаким Рот во НАЛАС. Тие се француски и германски експерти.

Дали на Владата ѝ требаат странски советници за да ѝ кажат што да прави?

Ј. Х.: Не, тоа не е нашата улога. Политичарите се одговорни пред своите гласачи, тие ги носат одлуките. Улогата на меѓународните советници е да го унапредуваат знаењето за различни опции, како другите земји ги решиле проблемите, какви се искуствата од таму. Ретко кој проблем е специфичен за нашава земја, факт е дека решенијата најчесто се веќе најдени на други места. Европа – за разлика од Америка – е континент на различности каде што многу култури живеат заедно. Ние ја немаме претставата за претопување на различностите во едно (melting pot). Тоа значи дека имаме различни решенија за исто прашање. Но, и ние се натпреваруваме, а некои решенија се подобри од другите. Ова е шанса да се научи и да се стане подобар. Освен тоа, земјите се развиваат со различно темпо, една земја може да биде предводник денес, а да почне да заостанува неколку години подоцна. Оваа различност е нашето основно разбирање за Европа, но секако е шанса да се споредиме и да се подобриме. Ние, експертите, информираме и советуваме, како инструктор во некој спорт. Сепак, тимот на теренот мора да ги шутира головите.

Политиките за странски директни инвестиции (СДИ) овде често се гледаат како субвенции за странците кои користат евтина работна сила.

Ј. Х.: Ова е многу едноставен поглед на сложена тема. Ако една земја ги продава своите природни ресурси за малку пари, можам да ги разберам критиките. Но, во Европа можам да кажам дека првата цел на привлекување СДИ е да се постигнат инвестиции кои не би можеле да се направат од постоечката економија. Ова важи не само за индустријата туку и за банките, осигурителните компании или во некои случаи недвижностите. Во Северна Македонија, евтината работна сила не е единствениот аргумент: работната сила во Тунис е поевтина. Компаниите со странски сопственици вообичаено плаќаат повисоки плати од локалните компании, ги плаќаат редовно, плаќаат социјални давачки и обезбедуваат други бенефиции не од алтруизам, туку затоа што меѓународните компании ги гледаат луѓето како „човечки капитал“, богатство во кое инвестирате и за кое се грижите. Тие бараат и ги учат вработените на нови вештини и не сакаат да ја загубат својата инвестиција на крајот на месецот од конкурент кој нуди малку повеќе. Ефектот од таквите инвестиции, како што се гледа во другите посткомунистички земји, беше дека тие започнуваат процес што ги носи националните компании со себе. Земете го примерот на Чешка наспроти Словачка: двете земји започнаа приближно на исто ниво во 1989 година. Чешка го презеде водството во привлекувањето на СДИ и правењето економски реформи, додека кај Словачка имаше многу поголем отпор. Во еден момент, Словачка толку многу заостануваше во економскиот раст што мораше да ја смени својата политика. За неколку години нивната ситуација еволуираше и тие дури го воведоа еврото. Производството на патнички автомобили во однос на населението сега е поголемо во Словачка отколку во Чешка и покрај нивната долга традиција на производство на автомобили. Ова бараше привлекување на вистински инвеститори во вистинскиот момент.

Дали производството на патнички автомобили е цел на земјава?

Ј. Х.: Не, иако работев во таа индустрија. Во моментов имаме многу доставувачи на патнички автомобили во земјава. Концентрацијата во еден сектор предизвикува ризик што го носи кластерот. Што се случува ако се намали побарувачката за патнички автомобили, на пример, како последица на инфлацијата и на војната во Украина? Мојот предлог е да се префрли фокусот на комерцијалните возила како автобуси, камиони или земјоделски машини, како и слични производи како што е опремата за производство. Производството е технички слично, се бараат висококвалитетни производи, но во помали количини. Ова е можност за помалите компании, без разлика дали се меѓународни или локални. Предлагам создавање атрактивни програми за услужните компании кои вработуваат дипломирани студенти. Оваа група има највисока стапка на невработеност и има најголема веројатност да емигрира. Во центрите за услуги можат да заработат 50 % повеќе од индустриските работници. И тие стекнуваат искуство за да растат. ИТ-компаниите се еден пример за тоа и тие плаќаат три до четири пати повисоки плати од просекот во индустријата. Можности има и во други сектори. Во мојата компанија во Романија започнавме со давање инженерски услуги со 10 луѓе, а завршивме со 60 три години подоцна. Тие го опслужуваат целиот свет, а ние им понудивме можности за развој на кариера на наши луѓе дипломирани на технички науки. Неколку компании успешно го прават ова во Северна Македонија. Следењето на примерот на Романија може да овозможи да растеме уште повеќе.
Друг сектор со потенцијал е туризмот. Туризмот генерира многу вработувања. Нашава земја е на два часа лет од Блискиот Исток и поголемиот дел од Европа. Австрија покажува како може да се привлечат туристи на планините и на езерата. Освен земјоделството, туризмот е единствената опција за руралните средини.
Има иднина во текстилот. Штотуку се враќам од мисија во Шведска каде што видовме како тие ја однеле својата текстилна индустрија во 21 век. Во Борас, Универзитетот, Текстилната школа, Технолошкиот центар, текстилните здруженија и компании работат заедно − дури и ја делат мензата. Ова создава висококвалитетни работни места. За врвни производи ви требаат обучени луѓе, мора добро да ги платите за да ги задржите. Имаме малку компании во Северна Македонија на ова ниво, треба да се подобриме.
Потенцијал за раст постои во транспортниот сектор. Северна Македонија се наоѓа меѓу Грција и Централна Европа на преминот на коридорите VIII и X, идеална локација за транспорт со камиони, но и за товарни центри поврзани со пристаништето во Солун. Латвија е специјализирана за транспорт. Меѓународен возач на камион има двојно поголема плата од индустриски работник. Треба да се решат неколку прашања, но побарувачката е многу висока за оваа индустрија.
Друга важна политика е „паметната специјализација“ (ПС). Тоа значи дека администрацијата, образованието и бизнисот работат заедно. Истражувањето се фокусира на проблемите што треба да ги решат компаниите. Тоа ја турка администрацијата да стане поефикасна. Бизнисите споделуваат инвестиции и инвестираат во истражување. Неодамна еден министер од Литванија објасни како неговата земја одлучила да примени паметна специјализација во природните науки. Тие за неколку години отидоа од нула на 2,5 % од БДП и планираат да го удвојат тој удел. Северна Македонија ги направи првите чекори, сега треба да ги спроведеме нашите идеи.

Како да се развијат сите овие сектори?

Ј. Х.: Една област на фокусирање на ПС е Индустријата 4.0. Германското стопанско здружение во март организира посета на Сименс Амберг – целосно автоматизирана фабрика, исто така и на САП (SAP), компанијата за 3-Д печатачи ЕОС (EOS) и други (контактирајте ја Марина Станков на Stankov@Nordmazedonien.AHK.de доколку сакате да учествувате). Ќе има студиска посета за производство на храна. Постојат работни групи за информатички технологии и за одржливи материјали и паметни згради. Развиени се предлози за тоа како да се подобри интеграцијата на локалната економија во европските синџири на снабдување. Неопходна е квалификација на доставувачите, но и промовирање. Дигиталните алатки треба да се поврзат и да се подобрат. Али Баба ги нуди сите кинески производи со една апликација, истото тоа може да го направи и регионот на Западен Балкан.
Редовна работа на сите учесници во процесите, јавните службеници, економската дипломатија, коморите, советниците, е да се среќаваат и да се поврзуваат со луѓе − бизниси кои би сакале да инвестираат, да купуваат или да продаваат. Короната забави многу иницијативи и треба да се рестартираме. Прашањата треба да се препознаат и да се решат. Тоа важи како за малите претпријатија, така и за големите инвестиции во обновлива енергија.

Имате четири екрани на вашето биро. Малку да се насмееме, дали е ова за да контролирате сè?

Ј. Х.: (Се смее.) Ако ги додадам ноутпадот и телефонот, ќе има шест. Побарав да имам стандардна работна средина како што имав претходно. Тоа е прашање на ергономија и ефикасност. Нема повеќе хартија. Почнав да ја заменувам хартијата со дигитални алатки пред 40 години. Дигитализацијата заштедува ресурси. Ја намалува корупцијата. Побрзо наоѓате информации. Знаете каде е заглавен случајот ако го имате во дигитален работен процес. Е-поштата може ефикасно да се замени со софтвер за соработка како Тимс (Teams) или Слак (Slack). Сите компании и администрации треба да имаат „EРП“, програми за ресурси на претпријатијата што ги поврзуваат финансиите, материјалното управување, производството и човечките ресурси. Податоците се внесуваат во компјутер кој веќе бил во компјутер − извор за подобрување! Тоа вклучува внесување на вашето име и адреса во системот за да може да се користи дигитална лична карта. Дигиталните потписи се многу посигурни од потписот на хартија што лесно може да го репродуцира 12-годишно дете.
Една од моите лични цели е да ја зголемам употребата на аналитика на податоците. Ексел не е крајната алатка. За да се постигне носење одлуки засновани на наоди, компаниите и администрациите треба да одат чекор понатаму. Замислете ја на пример енергијата: не е доволно да се проценат потребите за енергија според надворешната температура. Треба да го земете предвид производството на фотоволтаици, влезот и одливот од складирањето, разликите во цените меѓу регионите и многу повеќе. Дигиталното општество е сè уште во рана фаза.

Дали гледате економска иднина за земјава?

Ј. Х.: Дефинитивно. Има толку многу можности. Малите земји, како на пример Естонија, имаат многу корист од Европа. Да се согласиме дека сме ЕДНА земја, да дозволиме сите страни да соработуваат и да видиме колку брзо ќе станеме атрактивни за младите и за старите!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано