Интервјуа
Шајноски: Осигурувањето е дејност – бедем за благосостојбата на целото општество и нејзин основен постулат е принципот на солидарност
Крсте Шајноски | Претседател на Советот на експерти во Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО)
Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.
Кои се, какви се и колкави се предизвиците кои ги носат климатските промени во однос на осигурувањето?
К. Шајноски: Негативните последици од климатските промени почнуваме да ги трпиме сите и тие се сè поинтензивни и посилни. Информациите што доаѓаат од Светската метеоролошка организација се загрижувачки, дури и застрашувачки. Изминативе осум години се сметаат за најтоплите години во историјата за што најмногу придонесува емисијата на стакленички гасови и акумулираната топлина. Како последица на ова, во 2022 година на глобално ниво се случија екстремни топлотни бранови, суши, катастрофални поплави кои го загрозија животот на повеќе милиони луѓе и предизвикаа огромни човечки и материјални штети. И токму тоа што светот се соочува со заеднички проблем убеден сум дека ќе донесе обединување и размена на искуства на регионално и на глобално ниво.
Кај нас, еве, најсвежи се сеќавањата на две краткотрајни, но за наши услови, разорни временски непогоди со силни негативни влијанија врз бизнисите, граѓаните. Едната од нив е невремето што на крајот на август го зафати Скопје во кое настрада инфраструктурата на еден новотворен трговски комплекс. Другата беше силното невреме во Тиквешијата, најголемиот вински регион, во периодот на зреење на грозјето.
При вакви случаи на непогоди, какви се искуствата на осигурителната индустрија и какви поуки може да се извлечат од тоа?
К. Шајноски: Невремето што зафати дел од Тиквешијата, познат по најквалитетно винско грозје, Сопотскиот Регион, предизвика големи штети, а нашата анализа покажа дека 30 лозари пријавиле штети од вкупно осигураните 180 земјоделци. Значи секој шести пријавил штета од вкупниот број на осигурани лозари. Истовремено, дури 50 лозари кои немаат осигурување пријавиле штети во општината што, во одредена мера, би можеле да ги компензира Владата. Истата анализа покажа дека само 3 отсто од сите жители на Неготино имаат имотно осигурување и притоа не секое од тие осигурувања вклучува штети кои ги прават временските непогоди.
Овие параметри укажуваат дека мора сите компании за осигурување заедно со надлежните институции да ги зголемат активностите за да ја зголемат масовноста на осигурувањето.
Уште еден случај каде што беше можеби и најсилно изразено негативното влијание на климатските промени е неверојатното невреме што го зафати Скопје на крајот на август 2022 година. Имаше големи штети, а нашата анкета на осигурителните компании утврди дека 350 штети биле пријавени како последица од тоа невреме. Скопје, како најголем и најгусто населен регион, имал во тој временски период над 67 000 договори за осигурување имот.
Поентата е дека токму овие два случаја на интензивни штети предизвикани од невремиња наметна потреба од поинтензивна соработка на сите полиња за зголемување на масовноста на осигурувањето со посебен аспект на ризиците од катастрофи.

Каква е моменталната состојба со осигурување од временски непогоди, катастрофи, поплави и колку тоа учествува во вкупното осигурување?
К. Шајноски: Дозволете ми да дадам уште еден пример од праксата. Во јануари лани имаше земјотрес во Битола. До АСО пристигнаа повеќе од 40 претставки од осигуреници кои имале полиси за осигурување за кои сопствениците мислеле дека го покриваат земјотресот, но биле одбиени од осигурителите. Имаше и куриозитет една осигурителна компанија да одбие 36 претставки од свои осигуреници. Ние како регулатори на пазарот за осигурување им наложивме на компаниите за осигурување во условите јасно и недвосмислено да ги дефинираат исклучоците од осигурувањето. Со тоа ќе ја подобриме заштитата на осигурениците.
Што се однесува до осигурувањето, состојбата е следна: во 2021 година, вкупниот број на склучени договори за осигурување на имот изнесувал 149 381, а вкупната полисирана премија по овие договори изнесувала 2,167 милиони денари. Ова претставува 10 отсто од вкупниот број на склучени договори за осигурување и 22,5 отсто од вкупната премија на сите осигурувања од групата на неживотно осигурување. Но, од овие договори за осигурување имот, само 11,5 отсто имале покритие од поплава и само 4 отсто имале покритие од ризикот земјотрес. Учеството на осигурувањето од катастрофални ризици предизвикани од временски непогоди како поплава, град и мраз, како и земјотрес во вкупниот обем на склучени договори за осигурување е мало, дури и занемарливо и треба да се работи на ова поле.
Какви решенија се потребни и кои решенија ги предлагате вие како институција која е надлежна за регулирање и унапредување на осигурувањето?
К. Шајноски: АСО покрај спроведувањето на прудентна супервизија врз друштвата за осигурување, работи и на пронаоѓање на системски решенија за намалување на големиот јаз меѓу реалните потреби за осигурување и понудата на осигурителни покритија, особено од аспект на ризиците од климатските промени и изложеноста на ризик од катастрофален земјотрес. Тука би го истакнал нашиот придонес во подготовката на законско решение за осигурување во земјоделието и нашето учество и придонес во работата на регионалната реосигурителна компанија EUROPA RE.
Осигурителниот земјоделски пул е суштински проект кој многу ќе помогне во справувањето со негативните влијанија на климатските промени врз земјоделското производство. Масовноста во земјоделското осигурување, која ќе се обезбеди преку условот пристап до субвенција само преку платена премија за осигурување, ќе придонесе за значајно зголемување на неговата атрактивност за осигурителните компании.
Успешен пример на функционирање на јавно приватно партнерство со цел осигурителна заштита од катастрофални ризици на целата национална економија е шпанскиот модел, Осигурителен конзорциум за надоместок (Consorcio de Compensación de Seguros). Предвидува оданочување на дел од уплатените премии за осигурување на имот и живот со цел овие фондови да се користат наменски за исплата на надоместок во случај на појава на овие ризици, но и превентивни вложувања за градење на системи за спречување и намалување на последиците од појава на вакви ризици. И овој модел поради својата успешност е предмет на наши анализи.

Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.