Интервјуа
Григорјан: Осигурувањето и реосигурувањето придонесуваат за градење финансиска отпорност на екстремни настани
Армен Григорјан, Постојан Претставник на Програмата за развој на Обединетите нации
Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.
Која е улогата на осигурувањето во однос на тековните пристапи и стратегии за намалување на ризиците од последиците од климатските промени?
А. Григорјан: Во последниве десет години, конфликтите, екстремните временски настани и економските шокови се зголемија по зачестеност и интензитет. Сложените ефекти од овие опасности, дополнително влошени од пандемијата ковид-19, доведоа до пораст на гладот и, следствено, го поткопаа деценискиот напредок кон подобрување на безбедноста на храната.
Екстремните временски настани и услови, често влошени од климатските промени, имаа големи и различни влијанија врз раселувањето на населението и врз ранливоста на луѓето, веќе раселени во текот на годината. Сушите, поплавите и другите екстремни временски настани ги погодуваат оние кои се најмалку подготвени да закрепнат и да се прилагодат. Екосистемите − вклучувајќи ги копнените, слатководните, крајбрежните и морските екосистеми − и услугите што тие ги обезбедуваат, се под влијание на климатските промени. Покрај тоа, екосистемите се деградираат со невидена брзина која се очекува да се забрза во наредните децении. Деградацијата на екосистемите ја ограничува нивната способност да ја поддржат човечката благосостојба и им штети на нивниот адаптивен капацитет да градат еластичност.
Осигурителната индустрија има клучна улога во разбирањето и справувањето со негативните последици од климатските промени по екосистемите. Осигурителниот сектор може да биде критичен дел од решението. Тој не е ниту загадувачот ниту носител на климатската политика, туку игра клучна улога во градењето на социоекономската отпорност и овозможување економски развој и претприемачки патишта за постигнување на целите и на задачите поврзани со управувањето со климатските промени. Осигурувањето и реосигурувањето придонесуваат за градење финансиска отпорност на екстремни настани и други физички ризици преку информирање за ризиците, експертиза за одредување на цената на ризиците, нудење на иновативен трансфер на ризик, производи и услуги, и подобрување на дистрибутивната мрежа и механизмите за исплата на обесштетувања.
Конечно, дел е од намалувањето на ризиците и заштита на придобивките од развојот од негативни влијанија на климатските промени како што се екстремните временски непогоди.
Меѓународната заедница им даде приоритет на овие прашања воспоставувајќи Форум за развојно осигурување со кое претседава УНДП заедно со германската влада. Се работи за јавно приватно партнерство со кое раководи осигурителната индустрија, поддржано од меѓународни организации. Овој Форум за прв пат беше најавен на Конференцијата на Обединетите нации во Париз (COP21) за време на Климатскиот самит во Париз во 2015 година, а официјалниот почеток во 2016 година го најавија лидерите на Обединетите нации, на Светската банка и на осигурителната индустрија.

Кои се приоритетите во иднина и каков вид помош може да очекува земјава од УНДП?
А. Григорјан: Меѓународната пракса вели дека државите ја носат примарната одговорност за заштита на граѓаните и на територијата од негативни влијанија од катастрофи. Секако, оваа одговорност е поделена и вклучува голем број чинители како меѓународните финансиски и развојни институции. Друга работа, мотивирањето на луѓето да се заштитат од ризиците поврзани со природни непогоди е приоритет, но и сериозен предизвик главно бидејќи не ги разбираме или пак не сме сосема свесни за ризиците со кои се соочуваме. Општо гледано, а и таква е психолошката природа на луѓето, ги потценуваме веројатностите за случување на таков настан. Затоа проценката на ризиците е од критична важност за целиот процес. Подигањето на јавната свест и институционалната проценка на ризиците се клучни. Големите меѓународни осигурителни компании прават годишни проценки за ризиците, вклучувајќи ги климатските промени и временските непогоди.
SwissRe и MunichRe се лидери во ова. Овие извештаи обезбедуваат податоци за видовите природни катастрофи, нивната зачестеност, како и материјалните и нематеријалните загуби.
Во УНДП, сите наши интервенции имаат задолжителна компонента за проценка на ризици како на почеток, така и низ целиот проект, интервенција . Еден од тековните проекти на УНДП за намалување на ризиците од поплави во Полошкиот Регион, финансиран од Владата на Швајцарија, веќе има значителен придонес во креирање на меки мерки за подобрување на отпорноста кон поплави во овој регион.
Фокусот е на санација на свлечишта, на речни корита, изработуваме студии за градовите и општините за заштита од поплави, но имаме и компонента која предвидува кревање на свеста кај граѓаните за осигурување од вакви непогоди кои стануваат сè почести поради климатските промени. Во одредени специфични случаи, државите налагаат и задолжителни полиси за одредени бизниси или поединци доколку сакаат да работат во специфични подрачја. Сепак, треба да се обрне внимание и на достапноста на осигурувањето при што државата и осигурителниот сектор би вложиле заеднички напори за креирање специјални програми за сите, никој да не биде изоставен, како на пример семејствата со низок доход, ранливите групи итн. бидејќи никој не смее да биде изоставен и занемарен во процесот на заштита.
Какви искуства има УНДП што можат да се воведат и кај нас како добра пракса во однос на осигурувањето од ризици од непогоди и катастрофи, која е придобивката од ова за граѓаните, за општините, за државава, за осигурителните компании?
А. Григорјан: УНДП, како глобална програма за развој, има акумулирано искуства и добри практики од оваа област кои ги спроведуваме низ нашите проекти и програми.
УНДП има воспоставено глобална програма за осигурување и финансирање од ризици. Има неколку компоненти: интегрирање на осигурувањето во развојот, инклузивно осигурување, финансирање со суверен ризик, осигурување на природен капитал.
Би сакал да кажам дека од економска гледна точка, осигурувањето од ризиците поврзани со природни непогоди носи низа придобивки за граѓаните и за општините. Најважно, нуди задржување на економската стабилност бидејќи им помага на граѓаните и на бизнисите побрзо да закрепнат од финансиските загуби кои ги предизвикуваат овие природни непогоди. Со тоа изолираната економска дисторзија која има афинитети потоа да се прелева низ целокупната домашна економија е драстично намалена. Второ, постојат сериозни заштеди во контекст на вкупните трошоци кои произлегуваат од случувањето на осигурителниот настан. Осигурувањето нуди можност да се намали товарот кој евентуално би го имала државата, а во крајна линија и самите даночни обврзници. Во одредени примери може да се забележи и раст на централните и на локалните инвестиции бидејќи самите инвеститори претпочитаат да вложат во региони каде што значително се намалени потенцијалните ризици. Што се однесува до државата, таа главно профитира од подобрената отпорност на економијата, намалување на трошоците за санирање на штетите и заштитата на имотот и доходот на своите граѓани.
Осигурителните компании, од друга страна, се стекнуваат со подобра диверзификација на своите осигурителни портфолија, подобрен менаџмент со ризиците преку нивно стимулирање да користат нови методи во процена на ризиците, а секако и зголемен обем на приходи по основ на наплатените премии. Но, најважно е тоа што осигурителните компании можат да ја подобрат својата репутација со обезбедување доверливо покритие и одговорна услуга за решавање на штети во случај на природни катастрофи, што помага во привлекување на нови и задржување на постоечките осигуреници.
Како за крај, што е и наша цел како УНДП во сите проекти од овој вид, клучните придобивки се подобрената инфраструктура која се јавува како неопходен услов и зголемената отпорност на општините и на граѓаните во санирање на финансиските штети од овие непосакувани настани.
Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.