Интервјуа
Јан Коп: Единственото нешто што ги штити нациите е законот
Дирк Јан Коп, амбасадор на Холандија
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.
Во чест на Денот на претприемачите во Холандија, во вашата резиденција се одржа настан на кој беа презентирани резултатите од Бизнис-анкетата 2022. На што се фокусира оваа анкета и какви беа резултатите оваа година?
Д. Ј. Коп: Со цел да им дадеме подобра поддршка на холандските компании во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат во водењето бизнис во Северна Македонија, оваа пролет нашата Амбасада повторно го спроведе двегодишното деловно истражување во рамките на холандската бизнис-заедница во земјава.
Анкетата ни даде увид во искуствата на холандските компании на пазарот и предизвиците со кои се соочуваат, како и корисни предлози за справување со тие предизвици. Овие сознанија ги користиме во нашите консултации со властите во Северна Македонија за подобрување на деловната клима и за отстранување на пречките.
На прашањето како ја оценуваат севкупната деловна клима во Северна Македонија, на скала од 1 (невозможно) до 10 (одлично), добиената просечна оценка беше 5,4 со средна стапка од 5,5. Тоа е подобрување за 1,1 поен (20 %) во однос на истражувањето од 2020 година. Се разбира, бројката треба дополнително да се подобри.
Позитивен фактор за водење бизнис во Северна Македонија остануваат релативно ниските оперативни трошоци. Негативни фактори се политичкиот ризик, нестабилноста (континуирано менување на законската рамка), пристапот до финансии, корупцијата и независноста на судството. Главниот проблем, сепак, е недостапноста, степенот на образование и обука на локално ангажираниот кадар на што не му оди во прилог и иселувањето на младите луѓе од земјава.
Холандија е една од најважните земји за македонската економија. Која е вашата оценка за економската соработка меѓу нашите две земји, за вредноста на размената и за странските директни инвестиции?
Д. Ј. Коп: Односите меѓу нашите две земји на економско поле, на трговско поле и на други полиња стануваат сè поблиски од година во година. Нашата цел е да работиме на зајакнување на нашите економски врски и дополнително да ги зголемиме билатералната трговија и инвестициите бидејќи потенцијалот е поголем од досега постигнатото.
Кога станува збор за билатералната трговија, главно тоа се прехранбени, земјоделски, хемиски, текстилни и ИКТ-производи и услуги. Холандија е 14. најголем трговски партнер на Северна Македонија, што е ниско во споредба со нашето рангирање во другите земји од Централна и Источна Европа. Трговската размена меѓу Холандија и Северна Македонија изнесуваше 1,75 милијарди евра во последниве 10 години. Охрабрувачки е што има тренд на зголемување, но секако има простор за подобрување. На пример, билатералната трговска вредност во последниве 5 години од 221,5 милиони евра во просек е зголемена за повеќе од 70 % во споредба со просекот од 127,6 милиони евра во претходниот 5-годишен период. Дополнително, кога станува збор за нашата билатерална трговска размена, тековната година ќе биде најдобра досега бидејќи достапните статистички податоци до октомври покажуваат веќе рекордно висока вредност на трговската размена од 264 милиони евра. Уверен сум дека овој тренд ќе продолжи и во наредниве години.
Кога станува збор за СДИ, имам добра причина да бидам задоволен бидејќи Холандија е трет најголем инвеститор во Северна Македонија со холандски директни инвестиции кои надминуваат половина милијарда евра во последниве 20 години. Холандија има многу да ѝ понуди на Северна Македонија. Таа е петта најиновативна земја во светот, најголем извозник на храна по САД, земја која е напред во многу области како што се: управувањето со вода, управувањето со отпад и сајбер безбедност. Земјоделските инвестиции би можеле да бидат огромни доколку странските компании би можеле да поседуваат земјиште. Донесувањето на закон за регулирање на ова прашање од страна на Собранието се чека повеќе од четири години.
Холандските компании што работат во нашава земја промовираат одговорно бизнис-однесување и корпоративна општествена одговорност. Зошто се тие толку важни за холандските компании?
Д. Ј. Коп: Промовирањето на владеењето на правото во светот е централно за нашата надворешна политика. На крајот на краиштата, единственото нешто што ги штити нациите е законот. Одговорното деловно однесување и корпоративната општествена одговорност не се само важна карактеристика на холандскиот начин на водење бизнис, туку веруваме дека за да се создаде фер, слободна и правична деловна средина, правилата треба да се применуваат секаде во светот.
Ефективната корпоративна општествена одговорност носи позитивни придобивки за: компаниите, нивните вработени, клиентите и општествата во кои работат. Исто така, им помага на компаниите да создадат конкурентска предност и да ги промовираат своите бизниси бидејќи клиентите се повеќе привлечени да купуваат производи или да користат услуги на компанија која има репутација дека е добар корпоративен граѓанин.
Земајќи ги предвид човековите права, според Владата на Холандија, условите за работа и опкружувањето во деловното работење се применуваат подеднакво дома и во странство. Остварувањето на одговорно деловно однесување им помага на бизнисите да применуваат должно внимание преку идентификување на ризиците во нивните синџири на снабдување и преземање чекори за нивно ублажување и спречување. Притоа тоа им овозможува да ги откријат можностите што ги нуди одговорното водење бизнис.
Владата на Холандија дава свој придонес во промовирањето на овие вредности кај компаниите. На пример, компаниите во Холандија може да добијат владина помош за водење бизнис во странство како што е поддршката за инвестиции и учество во трговски мисии, но само доколку можат да докажат дека ја почитуваат постојната рамка на упатства за одговорно деловно работење.
Нашава земја направи одреден прогрес на патот кон ЕУ. Како гледате вие на тоа и која е вашата порака кон македонското општество во тој контекст?
Д. Ј. Коп: Пристапувањето во ЕУ е засновано на заслуги. Членството е на повидок. А условите што треба да се исполнат се многу јасни. Северна Македонија треба:
– не само да ги усвои реформите законски и на хартија, туку и да ги спроведе во пракса. Сè уште имаме долга листа на примери каде што личните интереси ги попречуваат реформските процеси,
– вистински да се справи со корупцијата и да го смени менталитетот. Корупцијата останува распространета во општеството, каде што многу луѓе носат подарок кога одат на преглед кај својот лекар,
– да се залага за членство во ЕУ колективно и низ целосниот политички спектар. Само доколку се престане со политичката поларизација, со саботажите и со опструкциите, може да се постигне меѓупартиско единство кое е неопходно за да се оствари членство во ЕУ.
Успехот на едно општество во најголема мера зависи од силните институции кои ја заслужуваат довербата на граѓаните. За да се постигне ова, реформските процеси мора да бидат транспарентни. Сите граѓани треба да знаат каков напредок е постигнат и што уште останува да се сработи.
Накратко, спроведете ги реформите. Ништо друго не е важно. Надворешните фактори повеќе не можат да бидат изговор. Нѐ натеравте да чекаме предолго.
Во тој контекст, кое е мислењето што преовладува кај земјите на ЕУ кога се работи за зголемување на бројот на земји членки на ЕУ. Сведоци сме на спротивставени гледишта. Од една страна, слушаме дека проширувањето на ЕУ не е тема за која земјите на ЕУ имаат голем ентузијазам. Од друга страна, има оптимистички погледи за тоа нашава земја да влезе во ЕУ во 2030.
Д. Ј. Коп: Иако во ова време кога ЕУ и нејзините земји членки имаат многу итни прашања со кои треба да се соочат − војна во Украина, инфлација, енергија, бегалци од климатските промени − тие продолжуваат да инсистираат на стабилност и просперитет на Балканот и затоа сакаат Северна Македонија да биде во НАТО − што е постигнато − и во ЕУ − што може да се постигне во блиска иднина. Кога точно? Тоа не зависи од нас, туку од вас. Како што реков, процесот е заснован на заслуги. Холандскиот пристап низ годините е строг и правичен. Не може да се оди прекутрупа или по брза лента до правото на Европската Унија, но Холандија ќе продолжи посветено да ја поддржува Северна Македонија во процесот на исполнувањето на условите.
Со децении туристи од Холандија традиционално го посетуваат Охрид, главната македонска туристичка дестинација. Се работи за восхит што долго трае. Можеме ли да очекуваме уште повеќе туристи во годините што доаѓаат?
Д. Ј. Коп: Холандските туристи се меѓу првите и најлојалните групи туристи во Северна Македонија, особено во Охрид, градот кој се прослави во романите на холандскиот писател и новинар А. Ден Долард, што предизвика извонреден интерес за градот. Со децении голем број холандски туристи пристигнуваат секоја година во земјава, а некои од нив се враќаат по втор или трет пат за да го посетат не само Охрид туку и други делови од земјава.
Најголемите туристички оператори TUI, Corendon и Thomas Cook , но и бројни помали кои активно носат помали групи или индивидуални патници на одмор во Северна Македонија имаат позитивни очекувања од претстојната туристичка сезона.
Статистички гледано, забележуваме континуиран пораст на бројот на холандски туристи и ноќевања во земјава до 2019 година, кога тој број надмина 30 илјади. Растечкиот тренд беше прекинат за време на кризата со корона, но во моментов повторно полека се воспоставува.
Кои се активностите на Амбасадата на Холандија тука кога станува збор за промоција и помош за продлабочување на соработката меѓу холандската и македонската економија?
Д. Ј. Коп: Амбасадата е посветена на унапредување и зајакнување на економските односи меѓу нашите две земји, а особено билатералната трговија и инвестициите.
Една од нашите примарни цели е да ги промовираме холандските бизниси и да им помогнеме во нивните деловни активности во земјава. За да го постигнеме ова, ја следиме и ја истражуваме деловната клима во Северна Македонија, особено кога станува збор за случувањата во конкретни економски сектори релевантни за холандските компании.
Активностите на нашиот економски тим вклучуваат обезбедување на поддршка на холандските компании во пронаоѓањето на локални партнери, помош во организирање на трговски мисии, обезбедување на можности за учење и развој со холандски експерти и слично.
Со цел да го постигнеме ова на најдобар начин, развиваме и одржуваме релевантна мрежа во делот на бизнис-заедницата и на владините агенции во Холандија и Северна Македонија.
Активни сме и во обезбедувањето поддршка на оваа земја во нејзините напори да се справи со некои од недостатоците во водењето бизнис кои го попречуваат натамошното зголемување на трговијата и на инвестициите. Овде зборувам за унапредување на владеењето на правото, борбата против корупцијата на сите нивоа, зајакнувањето на капацитетот на младите луѓе, создавањето услови за задржување и негување на висококвалитетен човечки капитал кој е од суштинско значење за економскиот развој на земјава и друго.
Во 2023 година заедно ќе прославиме 30-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Има ли некакви планови за прослава на овој убав јубилеј?
Д. Ј. Коп: Нареднава година, на 16 декември, нашите две земји ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Со текот на годините успеавме да изградиме блиски односи на соработка во многу области, вклучувајќи ги политиката, економијата, образованието и културата. Холандија масовно ја поддржува Северна Македонија со значителна билатерална и мултилатерална помош во голем број области од значење за развојот на земјава.
За да ја прославиме оваа годишнина, планираме различни промотивни активности, настани и проекти во текот на целата 2023 година. Тие ќе бидат замислени да служат како потсетник за нашите заеднички достигнувања, нашите пријателски врски и соработка и да го покажат потенцијалот за нивно понатамошно проширување.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски