Интервјуа
Младеновска-Јеленковиќ: Македонските вина се меѓу најквалитетните вина во светот и се вистински амбасадор на државава
Елена Младеновска-Јеленковиќ | Извршен директор на Здружението „Вина на Македонија“
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.
За почеток, кажете ни нешто повеќе за работата на Здружението „Вина од Македонија“? Ова е релативно редок случај на здружување на домашни производители од некоја област за поуспешен настап на странски пазари.
Е. Младеновска-Јеленковиќ: Здружението „Вина од Македонија“ е организација која ги интегрира интересите на сите заинтересирани страни од секторот со цел да се развие целокупната винска индустрија во нашата земја, да се дефинираат соодветни стандарди во лозарството и винарството и да подобри квалитетот, со што ќе го унапредиме имиџот и промоцијата на квалитетните македонски вина во целиот свет. Здружението овозможува стратешка поддршка на винскиот сектор во земјава преку организирана промоција на меѓународни вински настани, вмрежување и лобирање за унапредување на поврзаните индустрии како земјоделството, туризмот и екологијата. Преку различни активности и проекти кои континуирано изминатите 12 години ги спроведуваме самостојно или во соработка со домашните и странски релевантни институции, се зголеми препознатливоста на македонските вина и се забележува раст на извозот со што винскиот сектор го зголемува својот придонес за развојот на земјата и општеството.
Дополнително, пред четири години успеавме да ја реализираме и идејата за основање на „Балканска винска мрежа“ која обединува над 20 организации од земјите на Западен Балкан, а во моментов работиме заедно на проект кој треба да биде поддржан од Организацијата за храна на Обединетите Нации -ФАО, а се однесува на развој на маркетинг-стратегија за промоција на вината од Балканот, како и за развој на етногастро туризмот.
Пазарот на вино во светот го карактеризира исклучително голема конкуренција. Колку и каде се извезува македонското вино?
Е. Младеновска-Јеленковиќ: Македонската винска индустрија е една од ретките нето-извозни индустрии во земјава бидејќи и суровините кои ги користи за производство се речиси во целост домашни.
Според најновите податоци, моментално 28 000 хектари се лозови насади под вински сорти, а годишната берба достигнува и до 125 000 тони грозје, од лозарите и од сопствените лозја на винарниците. Во моментов има 139 регистрирани винарници и 20 000 регистрирани производители на грозје. Македонија е 29. најголем извозник на вино во светот. Од вкупното произведено вино во нашава земја, 85 % се извезува во преку 40 земји во светот, и тоа најмногу во земјите од регионот, но ги освојуваме и европските пазари, Америка и Кина. Во изминатава година нашава земја се најде на второто место како најголем извозник на вино од регионот. Сепак, конкуренцијата е голема како во однос на квалитетот така и во однос на цените кои претставуваат голем притисок на ефикасноста и на профитабилноста на нашите компании. Имено, начинот на производство на грозје во другите вински земји е поефикасен поради постоење на стандарди, на консолидирано земјиште, на модернизирана механизација и на машинска берба. Дополнително постои и соодветна поддршка од државите што, во крајна линија, значи пониска цена на грозјето како влезен материјал во цената на виното, а со тоа нашето вино, како флаширано така и наливното, се соочуваат со висока конкуренција.
Покрај индивидуалните стратегии на винарниците за тоа кои пазари ќе се освојуваат, во рамките на Здружението ја правиме заедничката стратегија и ги дефинираме активностите за интернационална промоција на оние дестинации каде што сите винарници имаат интерес и каде што има голем потенцијал за извоз.
Каков е квалитетот на македонското вино во споредба со вината од останатите земји од светот?
Е. Младеновска-Јеленковиќ: Можеме со сигурност да кажеме дека македонските вина се вбројуваат во едни од најквалитетните вина во светот, а со тоа се и вистински амбасадор на државава. Показател за тоа се и многубројните награди на најпрестижните натпревари во светот каде што многу македонски вина добиваат највисоки оценки за нивниот квалитет во конкуренција на илјадници вина од целиот свет. Но, наградите не се доволни за да имаме и меѓународна признаеност, потребно е да се дефинираат стандарди за производство на грозје и на вино. За таа цел, Здружението „Вина од Македонија“ спроведува проект за развој на систем на географски индикации во партнерство со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ [Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH]) и специјализираната програма за соработка со приватниот сектор (DeveloPPP). Проектот е базиран на заедничко вложување. Целта на проектот е подобрување на квалитетот на грозјето и на виното, воведување на ознаки за квалитет за вино, земајќи го Тиквешкиот Регион како пилот каде што се произведува близу 87 % од целокупното производство. Очекувањето е дека останатите виногорја од земјава ќе го следат тој пример, а зошто да не и останатите земји од регионот каде што исто така недостасуваат географски ознаки за вино.
Освен тоа, со регионалните партнери од „Балканската винска мрежа“ ќе работиме на развој на стратегијата за лозарство, винарство и вински туризам. Овој проект треба да отвори нови перспективи за етаблирање на Македонија како винска земја на меѓународната винска мапа. За да се искористат овие можности потребно е да се обединат сите чинители, да се најдат историските податоци и да се напишат приказните за македонското вино, да се изградат и капацитети поврзани со винскиот туризам, да се едуцираат угостителите и туристичките организации и водичи... Нè чека многу работа и се надевам дека ќе има ентузијасти кои ќе учествуваат, а верувам дека секој ќе го најде својот интерес.

Каква е во моментов перцепцијата на светот за македонските вина? Што треба да направиме за да го видиме македонското вино на пиедесталот на светската винска сцена? Дали е тоа прашање на стандарди, нешто друго?
Е. Младеновска-Јеленковиќ: Уште од самите почетоци со работа на Здружението, една од целите беше промена на перцепцијата дека во Македонија се произведува добро, евтино наливно вино. Една од целите беше промена на некогашната филозофија во домашната винска индустрија преку промена на пристапот при производство на вино, во производ со поголема додадена вредност, а со тоа позиционирање на нашава земја како доминантен производител на висококвалитетно флаширано вино. Секако, овој пристап значи поголема додадена вредност и поголема добивка при извозот, што значи поголем девизен прилив за земјата и поголема добивка за целата економија и за државата. Пред 12 години, од вкупното извезено вино, 87 % беше наливно, а денес тоа изнесува 60 %, а во вредност е околу 50 %. Ова секако е солиден резултат, што треба и понатаму да се унапредува во насока на зголемување на извозот на вино во шишиња, наместо на наливно вино.
Како еден од најзначајните сектори во државава во кој се инволвирани близу 100 000 лица, неопходно е што побргу да се дефинираат стандардите за квалитет за производство на грозје и на вино, а поддршката треба да се насочи кон производителите кои сериозно се занимаваат со оваа дејност и кои вложуваат во нејзиниот развој. Само така ќе има вистинско вреднување на трудот на лозарите, само така ќе има опстанок на овој сектор.
На 5 октомври се одржа настанот Светски ден на вранецот кој го организиравте оваа година по четврти пат. Како сте задоволни од настанот и зошто е тој значаен? Зошто токму вранецот?
Е. Младеновска-Јеленковиќ: Оваа година по четврти пат се обединивме и заедно со партнерите од „Балканската винска мрежа” го организиравме Светскиот ден на вранецот со цел меѓународна промоција и препознатливост на вината од оваа сорта и признавањето на Балканот како вински регион, што ја отвора вратата за поголема промоција и на другите сорти на вино од нашиот регион. Вранецот е нераскинлив дел од винскиот и културниот идентитет на целиот Балкански Регион. Иако ова е сорта која оригинално потекнува од Црна Гора, кај нас е најзастапена, и тоа со приближно 11 000 хектари лозови насади. Се работи за автохтона сорта која отсекогаш била интересна за меѓународната винска публика, а воедно е една од омилените и кај домашната.
Главниот настан од годинешниот Светски ден на Вранецот се одржа на 5 октомври во М6 Едукативниот центар во Скопје, имаше динамична програма во која беа вклучени и дегустации на вина од Македонија, Србија, Црна Гора и Косово, додека во текот на цел месец октомври организиравме и голем број дегустации во: Македонија, Србија, Црна Гора, Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, Холандија и Соединетите Американски Држави. Самите винарници кои произведуваат вина од оваа сорта дополнително организираа бројни настани и промотивни активности во над 500 локали, винотеки и продавници. Го привлековме вниманието и на интернационални вински критичари кои покажаа интерес за посета на земјава и регионот со цел да се запознаат подобро со нашите вина. Ова е доказ дека кога постои иницијатива која е искрена и со добра намера за развој, таа ќе биде препознаена и прифатена. Доколку добиеме и дополнителна поддршка, можеме само да замислиме колку би бил поголем успехот.
На настанот потпишавме и меморандум за соработка со Здружението „Тиквешки семејни винарии”, кој вклучува поддршка на малите семејни винарници во едукација, маркетинг и развој на стандарди, со што започнува и нов заеднички пристап во развојот и промоцијата на македонското вино.
Разговараше: Зоран Јовановски