Анализи

Анализа на приватните трансфери и БНД

13.02.2023г.

Износот на приватни трансфери во и од една национална економија во голема мера зависи од благосостојбата на населението, миграционите процеси и културата. За да може подетално да ја спознаеме проблематиката со приватните трансфери ќе се обидиме да направиме паралела помеѓу Македонија и нејзините соседни држави. Притоа, да напоменеме дека кога зборуваме за приватни трансфери мислиме на стрикно дозначени средства од и кон жители на поединечните држави и тука не се вклучени извршените плаќања по основ на фактури.

Податоците се превземени од дата центарот на Светска Банка.

Првиот анализиран елемент е износот на примени приватни трансфери. Притоа може да се забележи дека Македонија има ниво од скоро 490 милиони долари, што е најниско во споредба со соседните држави.

На листата убедливо води Србија со 4,5 милијарди долари во 2021 година, а исто така Србија го има и најголемиот апсолутен раст на примени приватни трансфери споредбено 2017 со 2021 година, во износ од над 1 милијарда долари. Од друга страна, интересен е примерот на Бугарија која во истиот период “изгубила” скоро 1.4 милијарди годишен прилив. Ако се земе во предвид бројот на населението, Грција го има најмалиот просек, со тоа што во континуитет има одредени позитивни поместувања.

Доколку пак ги анализираме исплатените приватни трансфери, односно направените одливи кон странство, тогаш ситуацијата е сосема поразлична. Македонија и по основ на оваа категорија е далеку зад своите соседи. Исплатените приватни трансфери од 26 милиони долари е само пола од тоа што граѓаните на Косово го пратиле во вид на дознаки, а 10 пати помалку од износот кој грците го пратиле во странство. Албанија, Србија и Грција во текот на анализираниот период имаат континуиран пораст на апсолутниот износ, додека евидентен е падот на испратени дознаки од Бугарија.

Грција е единствената држава која има нето негативен ефект, односно бележи далеку повеќе одливи од приливи, што во голема мера зборува за стандардот на жителите.

Ако се разгледуваат примените приватни трансфери како процент од БДП, може да се забележи дека истите имаат најголемо учество во Косово, со над 15%, додека најниско кај Грција од само 0,3%. Падот во апсолутен износ на приливите во Бугарија исто така се одрази и врз нивното учество во БДП, кое од ниво 3,7% во 2017 година, се намали на само 0,9% во 2021 година.

Втората категорија е Бруто-националниот доход (БНИ), кој се дефинира како бруто-домашен производ, плус нето приходи од странство за надомест на вработените, приходи од имот и нето даноци. Токму преку оваа категорија ќе се обидеме да дадеме појасна слика за состојбата на Македонија во регионални рамки.

Првично ќе го анализираме процентуалниот годишен раст на оваа категорија, со исклучок на последните 2 години кај Албанија поради отсуство на податоци.

Податоците покажуваат дека Косово го има најголемиот гошен пораст во 2021 година од 10.1%, а овој процент уште повеќе доаѓа до израз ако се земе падот од 5,2% во 2020 година. Македонија, повторно и по овој параметар има најниска вредност, пораст од 3.2%. За одбележување е дека во 2020 година единствено Србија имаше позитивен пораст од 1,5%, додека сите останати држави бележеа пад. Интересно е што во 2017 година ние заедно со Грција и Србија сме имале идентичен годишен пораст од 1,1%, но потоа траекториите заминале во спротивни насоки. Исто така интересно за анализа е цикличното движење во Бугарија. Од година во година има значителни промени во бруто националниот доход, некарактеристични за останатите држави, а можеби единствено Србија може да биде со слични карактеристики.

На крај, последниот параметар е БНД по глава на жител.

Пос основ на оваа категорија значително се поизрамнети остварувањата, со тоа што во 2021 година Косово е на самото дно со само 4,514 долари по глава на жител, Македонија го надмина нивото од 5,000 долари, додека Грција е единствениот претставник кој се издвојува и каде нивото се приближува до 18,500 долари. Карактеристично кај оваа категорија е тоа што од година во година нема драстични промени во вредностите, а може и да зборуваме за позитивни нагорни трендови.


(E&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано