Анализи

Споредбени економски показатели Македонија vs СВЕТ

12.02.2023г.

За да можеме да дадеме оценка за остварените економски показатели за државата, мора да направиме анализа со некоја друга држава или пак група на држави. Во денешната анализа со помош на податоци од Светска Банка, ќе се обидеме финансиските показатели за Македонија да ги споредиме со остатокот од светот. Во анализата користени се групни бројки за цел свет, на ниво на Европска Унија, за земји со низок доход и за земји со висок доход.

Првиот анализиран показател е бруто домашен производ по глава на жител.

Од прикажаната серија може да се увиди дека остварениот резултат во 2021 година е скоро половичен од бројката остварена на светско ниво, 5.7 пати помал од оствареното на ниво на ЕУ, додека над 7 пати е помал од оној на земјите со висок доход. Од друга страна земјите со низок доход оствариле 9.5 пати понизок резултат во споредба со Македонија. Во анализираниот период сите групи на земји се соочиле со пад на БДП по глава на жител во 2020 година, а специфично за нас е тоа што заедно со земјите од ЕУ тој пад започнал уште во 2019 година. Закрепнувањето од кризата во 2021 година донело пораст на показателот од 729 долари во Македонија, додека најголем скок е остварен во земјите со висок доход од 4,810 долари. Кумулативно во анализираниот период од 5 години, само кај земјите со низок доход евидентиран е пад на показателот споредбено 2017 со 2021 година.

Вториот показател е растот на БДП, изразен во проценти.

И по основ на овој показател не можеме баш да се пофалиме дека сме оствариле добри резултати. Имено, во 2017 и 2018 година порастот на БДП се одвивал со помало темпо дури и во споредба со растот на БДП кај земјите со низок доход. Исто така, поразителен податок е дека во цела серија Македонија го бележи најголемиот пад на БДП од 6,1%, евидентиран во 2020 година. Единствено за пофалба е 2019 година, кога споредено со анализираната конкуренција сме имале најголем пораст на БДП од 3,9%, додека земјите со висок доход и земјите од ЕУ оствариле пораст од само 1.8%.

Третиот показател е висината на увозот на стоки и услуги како процент од БДП.

Овој показател ја покажува голема увозна зависност на државата. Освен падот од 6% во 2020 година, останатите периоди покажуваат континуирано зголемување. Споредбено 2017 со 2021 година, Македонија го има најголемиот пораст од 13.3%, додека кај останатите групи земји растот се движи во граници до 6%, со тоа што кај земјите со висок доход и на светско ниво скоро и да нема промени во двете споредбени години.

Четвртиот показател е висината на извозот на стоки и услуги како процент од БДП.

Слично како и кај минатиот показател и тука бројките ја потврдуваат отвореноста на државата и нејзината тенденција за зголемен извоз, што од друга страна не кореспондира со податоците за останатите групи на земји. Над 66% е последниот податок за учество на извозот во БДП, повеќе од дупло споредено со бројките за светско ниво и за земјите со висок доход. Единствено приближен процент е остварен на ниво на ЕУ, каде регистрирани се 50.4%

Сите наведени показатели се предуслов за креирање на адекватна монетарна и даночна политика и токму овие податоци може да дадат одговор зошто Македонија се соочува со висока инфлација, зошто поставената стратегија на фиксен девизен курс сеуште е активна и на крај зошто борбата со сиромаштијата ќе се одвива во континуитет. А, зошто и како сме се довеле во ситуација да располагаме со вакви бројки, тука има голем број на непознати варијабли.


(Е&B)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано