Бизнис

Претставување на ресторанот на „Тиквеш“

Здружение на угостителството и туризмот

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Винарската визба „Тиквеш“ континуирано и долгорочно работи на развој на угостителскиот сегмент и на развој на винскиот туризам. Во рамките на винарницата, во уникатен амбиент исполнет со долги редови дабови буриња во кои зрее врвното вино на „Тиквеш“, е сместен подземниот ресторан кој нуди единствени еногастрономски доживувања за сите љубители на одлична храна и вино. Посетителите на ресторанот можат да го надополнат своето искуство и со прошетка низ винарницата со водич кој ќе им ги открие деталите за производство на вината на ВВ „Тиквеш“. Гостите можат да изберат едно од утврдените пакет-менија кои овозможуваат уживање во домашни и интернационални специјалитети во придружба со соодветно избрани вина од портфолиото на „Тиквеш“, но имаат и можност да нарачаат „а ла карт“ („a la carte“). Храната е подготвена од професионални готвачи и се посветува исклучително внимание на нејзината презентација, послужување и комбинирање со определено вино. „Тиквеш“ располага и со отворена тераса која функционира во одреден дел од годината, како и со дополнителен, специјално уреден простор за организација и на поголеми настани.


Со цел да понудиме што е можно повеќе различни содржини со кои ќе привлечеме посетители кои подолго ќе се задржат во Тиквешкиот Регион, нудиме и опции за организација на дегустации и сместување на локацијата Лепово, како и престој на лозовите насади во Барово каде што е создаден уникатен камп од вински буриња и велосипедски патеки со различна должина. Дополнително, во винскиот бутик во нашата винарница во Кавадарци, посетителите можат да дегустираат и да купат вина, да организираат нивни настани и да изберат од сувенирите изработени од локални уметници и занаетчии.
Сето ова е во согласност со современите трендови во туризмот и побарувачката за алтернативни туристички искуства и понуди, а Тиквешкиот Регион изобилува со природни убавини кои се исклучително атрактивни. Неопходна е организирана и поопсежна поддршка и промоција на Тиквешкиот Регион како дестинација за вински и алтернативен туризам.

ПРЕПОРАЧАНО