Бизнис

Меџедовиќ: Треба да се стави поголем акцент на презентации на државата како атрактивна туристичка дестинација

Здружение на угостителството и туризмот

Асим Меџедовиќ, сопственик на Фибула Травел
Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2023г.

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

Фибула Травел претставува еден од најголемите туроператори во Република Северна Македонија кој истовремено работи иницијативен и рецептивен туризам. Успехот на компанијата се должи на долгогодишната посветеност и работа од искусен стручен колектив кој даде значаен придонес со својот професионализам за унапредување на стандардите во туризмот и на перцепцијата кон туризмот како на туристичките работници така и на крајниот корисник.
Како туроператор работиме со туристи од повеќе држави, но доминантно со гости од Холандија − 10 000 туристи со 100 000 ноќевања, од Полска − 2 000 туристи со 14 000 ноќевања, од Турција − 1 000 туристи со 2 500 ноќевања и Франција и Германија − 1 000 туристи со 3 000 ноќевања.
За привлекување туристи од овие дестинации, во соработка со партнерски туроператори, реализираме опсежна промотивна кампања во земјите од каде и привлекуваме туристи преку електронски и пишани медиуми. За поддршка на дестинацијата и подигање на свеста кон дестинацијата, но и одржување на пазарот во соработка со нашите партнери, организираме бројни презентации, настани за одбележување на македонскиот туризам како денови на македонскиот туризам, но и дегустации на македонска храна и вино.
На традиционалните пазари (Холандија и Полска) сме позната дестинација, иако постои потенцијал и од овие пазари да се зголеми обемот на туристи и ноќевања. На турскиот пазар веќе учествуваме како дел од поширока балканска дестинација која вклучува повеќе балкански држави, вклучително и Македонија, но и на тој пазар не се работи доволно за да се искористи потенцијалот. На други пазари институцијата одговорна за промоција речиси и да нема промотивни активности со кои треба да се подигне свесноста за постоењето на Македонија како дестинација, а нема ниту активности за поддршка на промоцијата која ја организираат самостојно компаниите. Ваквиот однос ја прави задачата за освојување нови пазари многу тешко остварлива.
Сепак, освен на традиционалните, постои потенцијал за ширење на пазарите за Македонија како туристичка дестинација во Германија, Австрија, Швајцарија, Белгија, Велика Британија и секако скандинавските земји, но за да се реализира поголем обем на соработка потребна е финансиска и логистичка поддршка на туроператорите заинтересирани за нови пазари, како и поддршка на претходноспоменатите активности. При реализација на меѓудржавни владини средби треба да се стави поголем акцент на презентации на државата како атрактивна туристичка дестинација со вклучување на туроператорите и хотелиерите во рамките на владините делегации, да се активираат во поголем обем поддршката и логистиката од Министерството за надворешни работи, поголемо лобирање на македонските амбасади во светот, укинување на визите за туристи од одредени атрактивни пазари.
Сметаме дека со активно вклучување на бизнис-секторот во сите клучни и главни одлуки кои го тангираат туризмот како што се промоцијата, законските регулативи и нивното доследно спроведување, може да се постигнат опипливи резултати.

ПРЕПОРАЧАНО