Интервјуа

Устијаноски: Очекуваме да продолжи трендот на инвестиции во енергетиката

Интервју со Благоја Устијаноски, директор на Секторот за корпоративни клиенти на Шпаркасе Банка

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

Благоја Устијаноски е директор на Секторот за корпоративни клиенти во Шпаркасе Банка АД Скопје од јули 2021 година. Претходно ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за корпоративни клиенти во Охридска банка АД Скопје. Има 15-годишно работно искуство во извршување на различни функции во доменот на кредитната анализа, водење и менаџирање на портфолија на корпоративни клиенти, а веќе 7 години го менаџира севкупното работење со корпоративни клиенти. Под негови ингеренции се дирекциите за работа со големи и интернационални компании и за мали и средни претпријатија, Службата за проектно финансирање која ги вклучува деловите за финансирање на проекти поврзани со изградба на недвижен имот и обновливи извори на енергија, како и Службата за позадинска поддршка на корпоративните клиенти...



Тековната голема енергетска криза го поттикна интересот за инвестиции во т.н. „зелена енергија“. Што нуди Шпаркасе Банка на тој план?

Б. Устијаноски: Зелените инвестиции ја одбележаа годината што минува. Посебен стимул за тоа беше енергетската криза која не ја одмина ниту македонската економија. Инвестициите во зелена енергија, пред сè инвестициите во фотонапонски системи, беа една од најзастапените мерки за ублажување на ударот од зголемените цени на електричната енергија како една од енергетско ефикасните мерки што придонесуваа за директни заштеди на трошоците на компаниите за набавка на електрична енергија. Дополнително, стратегиската определба на државава во зголемувањето на домашните енергетски капацитети, пред сè преку стимулирање на зелените инвестиции, како и високите цени на електричната енергија, резултираат со бран нови локални инвестиции во оваа област. Шпаркасе Банка во својата корпоративна понуда на кредитни производи активно обезбедува финансирање на компаниите за реализација на енергетско ефикасните мерки, како и на новите инвеститори обезбедувајќи им проектно финансирање како поддршка за реализација на инвестициите. Банката во своето портфолио на производи располага со различни кредитни производи како од сопствени така и од средства со странски кредитни линии, соодветно развиени за овие намени. Кон секој клиент пристапуваме во зависност од неговите потреби и планови и соодветно ја структурираме самата инвестиција која го покрива иницијалниот дел на обезбедување на потребната документација за анализа, која вклучува финансиски модели, правно покритие на севкупната документација, сеопфатна експертиза на договорите за изградба/изведба, како и договорот за продажба на финалниот продукт – електрична енергија од обновливи извори.

Проектното финансирање е посебна тема во банкарското работење. Кажете ни повеќе за карактеристиките на овој вид финансирање и за предизвиците што го придружуваат?

Б. Устијаноски: Проектното финансирање не е нова тема во банкарскиот свет, но кај нас не е многу застапено. Причините за тоа се неговите специфики. Проектното финансирање е посебен пристап за финансирање проект на еден или на група инвестициски партнери, чија отплата се базира на готовинскиот тек генериран од финансираниот проект.
Проектното финансирање вклучува финансирање на конкретниот наменски деловен субјект, основан од инвеститорот или т.н. спонзор, користејќи го сопствениот капитал и банкарското финансирање за дизајн, развој и оперирање со проектот. За разлика од класичното корпоративно финансирање, кое вклучува кредитирање на бизнисите базирано на нивните билансни капацитети, одлуката на банката при проектното финансирање е базирана на оцената на ефектите од проектот. Тоа е мултидисциплинарен пристап на оцена на спонзорот и на неговиот капацитет за реализација на проектот, самиот проект (дизајн, изведба, технологија итн.), како и економските ефекти од самиот проект (очекувано производство, пласман и ценовни услови). Неразделен елемент од проектното финансирање се оцената и управувањето со ризиците при реализацијата на проектот. Впрочем, соодветниот менаџмент со ризиците при проектното финансирање е главниот предизвик на оваа проблематика.

Какви се искуствата на Шпаркасе Банка во поглед на проектното финансирање? Кој има пристап до ваквите кредити? Какви се остварените резултати?

Б. Устијаноски: Шпаркасе Банка е пионер, а воедно и локален лидер во делот на проектното финансирање обезбедувајќи го овој вид финансирање повеќе од 10 години. Двата главни сегменти за кои сме специјализирани се финансирањето недвижности (било објекти наменети за наем било за продажба), како и финансирањето енергетски проекти (од обновливи извори). Во делот на финансирање на обновливите извори на енергија, банката во своето портфолио има финансирање мали хидроелектрани, фотонапонски електроцентрали, биогасни централи и ветерни паркови. Впрочем, заклучно со 2021 година, банката држи 57 % од кредитното портфолио на компаниите производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Што очекувате во поглед на идната побарувачка за проектно финансирање?

Б. Устијаноски: Со развојот на една економија, расте и потребата од проектно финансирање. Сè почесто инвеститорите, домашните и странските, иако покомплексно и со поспецифични структури, се одлучуваат за проектно финансирање. Во периодот што следува очекуваме да продолжи трендот на инвестиции во енергетиката каде што проектното финансирање наоѓа своја примена. Динамизирањето на странските инвестиции, како и проширувањето на домашните капацитети на постојните инвестиции даваат можност да се очекува повторно динамизирање на финансирањето инвестиции во индустриски и во логистички објекти за наем како сегмент каде што Шпаркасе Банка го применува проектното финансирање.

ПРЕПОРАЧАНО