Интервјуа

Блажевска: Учете и надградувајте се постојано

Елеонора Блажевска, директор за деловен развој во Телелинк МК

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

Со вас започнуваме една нова рубрика насловена „Професионални кариери“, наменета да претстави успешни професионалци кои не дошле во фокусот на интерес на пошироката јавност. Идејата е рубриката да дејствува инспиративно за сите кои започнуваат или веќе имаат професионална кариера. Која е Елеонора Блажевска и кои се вашите почетоци?

Е. Блажевска: Пред сè, благодарам за можноста и за претставувањето. Во мојата досегашна кариера сум имала исклучителна можност да бидам дел од неколку groundbreaking проекти во земјава. А среќна сум да кажам дека тоа искуство продолжува − првиот пејџинг систем, првиот транкинг систем или претходницата на мобилната телефонија, доаѓањето на AT&T со кои го имплементиравме првиот систем за гласовна комуникација во Контролата на летање од осамостојувањето наваму и бројни системи за ИП-телефонија. Бевме дел од имплементацијата на првиот Контакт центар за потребите на АД Македонски Телеком. Во еден период бев и офицер за деловни врски и индустриски партнер на познатиот Airbus во делот на одбраната и безбедносните системи (Defense & Security).

Каде го остварувате својот сегашен ангажман, како продолжува вашата приказна?

Во Телелинк МК, фирма која е систем интегратор и дел од меѓународна групација, работам како директор за деловен развој и продажба. Телелинк како компанија е исклучително интензивна и динамична, предизвик по својата природа. Па така и типот на проекти е исклучително комплексен и се движи од системи за модернизација на безбедносни или комуникациски системи на аеродроми, како тие во Скопје и Приштина за операторите ТАВ и ЛИМАК соодветно, дел од системите за техничка безбедност на објектот на Македонската филхармонија, ПЕТ Центарот Скопје како дел од Клинички центар, учество во дел на изведбата на слабострујните или системите за техничка безбедност во фабриките во индустриските зони како Marquardt, Kromberg & Schubert, Johnson Matthey, Kemet, дел од изведбата на најголемиот податочен центар во земјава за потребите на МВР, изведби на системите за Hotel Diamond Limak, Hilton Double Tree, имплементација на севкупните системи за електрика и системи за техничка безбедност во East Gate Shopping Mall. Потоа тука е Комуникациската кула на АЕК која е во последна фаза на изведба, Палатата на правда во Приштина и други.
Секој наш проект е нов, посебен, со посебен пристап кон спецификите на проектот, процес од кој јас постојано црпам нови искуства, искуства кои ме унапредуваат. Во компанијата сум опкружена со врвни професионалци во својата струка, искусни поединци во повеќе категории, најголем број од тоа електроинженери, во дел на системи за безбедносни системи или автоматизација, потоа архитекти, машински инженери. Се наоѓам во средина каде што особено внимание се посветува на растот и негата на човековите ресурси, каде се негува индивидуалниот инпут и тимската работа. Тоа се млади луѓе кои се постојана инспирација и извор на многу знаење за технологиите кои доаѓаат. Со нив остварувам спој на искуство и новитети кои се предуслов во нашата работа.

Вашата работа вклучува ангажман на бројни проекти. Има ли некој што посебно би го издвоиле?

Е. Блажевска: Секој проект е посебен предизвик. Има многу проекти на кои сум горда и кои нашата компанија ги има реализирано. Во моментов, ТЕЛЕЛИНК МК работи на еден од најкомплексните проекти во државава − системите за техничка сигурност и интелигентни транспортни системи. Станува збор за изведба на сите фази, од електрика, комуникации, вентилација, контрола и интеграција на системите за техничка безбедност, автоматизација во делот на интелигентните транспортни системи во тунелот Пресека, дел од автопатот Кичево – Охрид. Самиот проект е исклучително сериозен предизвик и токму поради тоа нашата работа се изведува со исклучително внимание и прецизност, со вклученост на широк и искусен тим на ТЕЛЕЛИНК МК. Фокусот на нашата работа е успешна и професионална реализација на овој проект.

Успехот во професионалната кариера бара континуирано учење и надградување. Што преземате вие на тој план?

Е. Блажевска: Имам завршено повеќе професионални обуки во делот на менаџментот. Во моментов активно слушам и работам на специјализирана онлајн обука од програмата на МИТ (Massachusetts Institute of Technologies-Management Executive Education програмата) каде што сум запишана во сегментот за Innovation of Products and Services: MIT’s Approach to Design Thinking. Станува збор за одлично осмислена програма, секој поединец мора да даде лична контрибуција во решенијата кои се изработуваат. Тимовите се составени по случаен избор − професионалци од сите делови на светот, па тоа работата ја прави и поголем предизвик. Во практичниот дел наставата се базира на актуелни и успешни приказни и примери. Сето тоа е во функција да се подобри нашата перцепција кон востановени и докажани процеси кои функционираат во индустријата, каде се создаваат продукти и се формираат сервиси. Со други зборови, учиме дека системите и нивните вредности секогаш одново треба да се ставаат на проба и на тестирање, а ние сме добри онолку колку што знаеме за нив за да можеме повторно да ги осмислиме и редизајнираме и тоа да го примениме во пракса.

Зошто ги одбравте токму иновациите?

Е. Блажевска: Една од клучните развојни насоки на приватниот сектор се иновациите. За таа цел, секоја посериозна компанија мора да има тим или работна единица која се занимава со иновации и развој, но и следење на технолошките трендови. Економските предизвици, како и енергетската криза прават притисок на приватниот сектор, па најчесто се крати на сегментите бизнис-развој и маркетинг. Сепак, освен сопствените средства, приватниот сектор има на располагање и други национални и интернационални финансиски инструменти, како и пристап до ЕУ-фондови. Од 2021 година работиме со консултантската фирма EMKICE за развој на EU Funding Plan, подготовка на апликации и вмрежување со партнери на ЕУ-проекти од земјите членки, како и вмрежување со релевантни партнери во Брисел. Европската комисија стави на располагање над 1 милијарда евра за развој и иновации за постковид-19 економско закрепнување на приватниот сектор во ЕУ преку новата финансиска рамка 2021 − 2027 година. Почнавме од нула и се подготвувавме за ова со сет на обуки и креирање на интерен тим. Веќе имаме неколку проекти поднесени во 2021 година, како и апликации во 2022 година на програмите Хоризон Европа и Ерасмус повици.
Воедно станавме дел од ACRID Network, каде што во моментов во подготовка се над 50 проекти заедно со партнери од 7 земји со кандидатски статус, 14 земји членки на ЕУ, како и 14 земји од Африка и Блиски Исток. Очекуваме овој пристап да ни донесе проекти, зголемен трансфер на знаења од истражувања и иновации и доволен буџет за развој на нашите иновации, производи и услуги кои ние во самата наша компанија ги развиваме за нашите клиенти, како и отворање на нови пазари во ЕУ. Освен пристап до информации и знаења за најновите иновации и трендовите во технолошкиот развој во ЕУ-земјите, како и насока за развој на приватниот сектор во иднина, од особена важност за нас се сознанијата од областа на информатичката технологија и дигитализацијата, паметни градови и јавна инфраструктура, зелена транзиција, циркуларна економија, животна средина, загадување и отпад, обновливи извори на енергија и биотехнологија.

Личниот ангажман во корист на пошироката заедница ја заокружува вашата приказна. Кој е вашиот ангажман од тој тип?

Е. Блажевска: На лично ниво, од моите други активности, секако би ја издвоила онаа на членувањето во Ротари, место каде што акцентот е врз сервис за подобро општеството и општествените услови. Се трудиме да го дадеме најдоброто од себе или како што ние велиме „service above self“. Ротари е место каде што личните заложби ги креваме на ниво на колективни зад кои стоиме со нашите лични принципи. Преку работата во ротари заедницата се надградувам како поединец каде што работејќи кон општата добросостојба помагаме на различни општествени групи или поединци, оние маргинализирани или со посебни потреби. Иницијативите се во различни сфери, образование, зачувување на културни вредности или наследство, ширење на ротаријанство. Верувам дека ако сите ја ставиме заедничката добросостојба над личната, барем во еден дел од нашето секојдневно дејствување, стануваме подобри индивидуи, луѓе со побогат и подобар живот, оплеменети и реализирани.

Кога сè ќе се земе предвид, секој професионалец во кариерата прифаќа одредена филозофија на размислување. Која е вашата?

Е. Блажевска: Ако човек сака да е креативен, да даде придонес, реализиран, треба на сè да му пријде со љупопитност, со желба да го разработи и навлезе во проблемот и да се труди да го најде најдоброто решение. И да биде истраен. И ако веќе го прифаќаме предизвикот, да не се плашиме колку сето тоа може да биде тешко. Така тоа полека, полека станува навика и дел од нашиот карактер. Мудроста дека секој е ковач на својата среќа можеме да ја пренесеме и на деловен план во смисла дека секој е одговорен за својот успех или неуспех во најдиректна смисла.

Која би била вашата порака до оние кои сега ја започнуваат професионалната кариера?

Е. Блажевска: Следете ги внатрешниот глас и талент, верувајте му на својот инстинкт, учете и надградувајте се постојано, со вештини и знаења од различни области (smart specialization), јазици, дигитализација, роботика, технологија и биотехнологија. Тоа време доаѓа! Затоа направете ја вашата визија за вашиот приватен и професионален живот за наредните 10, 20, 30 години и следете ја. Ова е мојот совет за младите, за оние кои доаѓаат и ќе нè наследат. Бидете упорни и издржливи, и особено важно, гледајте пред себе и само така ќе стигнете на целта. Бидете активно вклучени во бизнисот, политиката и општеството. Само така се прават вистински промени кои го менуваат светот на подобро.


Разговараше:Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО