Интервјуа

Сиамисис: Денешната енергетска криза не е привремена, туку структурна

Интервју со Андреас Сиамисис, главен извршен директор на Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY)

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.

Да почнеме со зборовите на поранешниот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди, кој рече дека „Промената е закон на животот и оние кои гледаат само кон минатото или сегашноста сигурно ќе ја пропуштат иднината“. Се чини дека компанијата во која вие сте главен извршен директор е токму во моментот кога прави смели потези за да не ја пропушти иднината. Го променивте името на бизнис-групацијата од Хеленик петролеум (Hellenic Petroleum) во Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY), го сменивте и логото на компанијата итн. Која беше мотивацијата за овие одлучни потези?

А. Сиамисис: Обновувањето на нашиот корпоративен идентитет и менувањето на нашето име во Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) е начин да покажеме дека како што се менува светот околу нас, се менуваме и ние. Проектираме и спроведуваме почиста и поодржлива иднина за секого. Ги прилагодуваме нашите традиционални активности на новата меѓународна околина и инвестираме во почисти форми на енергија, драстично намалувајќи го нашиот еколошки отпечаток. Ги користиме нашето силно наследство, искуството и стручноста за да додадеме нов бран на енергија во нашата визија. Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) се стреми да биде компанија за пример во Грција и Европа која ќе го води развојот и ќе придонесе за зелениот развој и енергетската транзиција.

Вие сте регионален лидер во енергетскиот сектор. Кои се некои од клучните податоци што ја претставуваат структурата на вашата деловна групација, нејзината финансиска моќ, бројот на вработени итн.?

А. Сиамисис: Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) е една од водечките групации во регионот во енергетскиот сектор, со активности во 6 земји, вработувајќи − директно или индиректно − приближно 17 000 работници. Во 2021 година, прометот изнесуваше 9,2 милијарди евра, а прилагодената ЕБИТДА достигна 401 милион евра, додека нето-продажбите надминаа 14 милијарди евра.
Групацијата има значајни активности на пазарите во Југоисточна Европа. Преку мрежа од повеќе од 300 бензински станици, зазема значајна позиција во трговијата со гориво во: Кипар, Бугарија, Србија, Црна Гора и Република Северна Македонија. Во Грција работи со три рафинерии, има постигнато водечка позиција на домашниот пазар преку својата подружница ЕКО, го има единствениот вертикален петрохемиски производствен комплекс, динамично се развива во секторот на ОИЕ со портфолио од активни 340 MW, учествува во истражување и развој на јаглеводороди, а активни сме и во секторите со електрична енергија и природен гас преку ELPEDISON и DEPA Commercial.

Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) спроведува интегриран бизнис-модел. Што вклучува овој модел и на што мислите кога изразувате намера да го диверзифицирате вашето портфолио на деловни активности?

А. Сиамисис: Стратешката трансформација на ХЕЛПЕ во интегрирана групација за производство и продажба на сите современи форми на енергија и развој на нови деловни активности, со акцент на обновливите извори на енергија, за нас е цел за која не се преговара. Преку нашето деловно планирање имаме цел да ги подобриме корпоративните структури, организацијата и правилното корпоративно управување, надградувајќи ги квалитетот и транспарентноста за компанијата.
Во исто време настојуваме да ја обезбедиме нашата силна позиција во нафтената индустрија со тоа што ќе ги направиме нашите операции компатибилни и погодни за новата средина, додека значајно ја градиме нашата позиција во областа на нови, почисти форми на енергија.
Главната цел е да развиеме диверзифицирано портфолио што ќе го покрие секој спектар на енергија за групацијата да може ефикасно да одговори на современите предизвици.

Фотоволтаична централа Кожани, Грција

Камен темелникот на деловната трансформација е вашиот нов стратешки бизнис-план наречен „Визија 2025“. Која е целта и кои се столбовите на оваа нова деловна стратегија?

А. Сиамисис: Енергетската транзиција е предизвик и важна можност за севкупна трансформација на групацијата. Одговарајќи на енергетската криза, ги забрзуваме процесите за спроведување на нашето стратешко планирање кое се потпира на програмата „Визија 2025“.
Тоа е стратешки план за деловна трансформација кој ќе нѐ води во нова ера на одржлив развој, мултиплицирајќи ја вредноста што ја создава групацијата, за економијата, животната средина, општеството, нејзините вработени и нејзините акционери. „ВИЗИЈА 2025“ ги вклучува сите неопходни акции за справување со современите предизвици и промени и поставува приоритети во 5 главни столбови:
• Редефинирање на ЕСГ (ESG [животна средина – општество – корпоративно управување]) стратегијата и целите за стакленички гасови.
• Приспособување на деловната стратегија и распределбата на капиталот кон овие цели.
• Воспоставување на соодветна корпоративна структура.
• Надградба на корпоративното управување.
• Усвојување на нов корпоративен идентитет.
Со оваа програма го обезбедуваме нашето водечко присуство во енергетскиот сектор со тоа што ги правиме нашите активности компатибилни со новото опкружување, истовремено градејќи ја нашата позиција на значаен начин во нови, почисти форми на енергија.
Севкупно, инвестицискиот план изнесува речиси 4 милијарди евра, а половината е наменета за модернизација на нашата традиционална дејност и производство на „почисти“ течни горива со ниски емисии, додека остатокот ќе биде насочен кон енергетската транзиција, со акцент на ОИЕ и на намалување на емисиите на CO2.

Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) се обврза на енергетска транзиција кон иднина со ниска содржина на јаглерод, т. е. транзиција кон јаглеродно неутрална организација. Што значи ова во однос на поставените цели и рокови?

А. Сиамисис: Целите што ги поставивме се целосно во согласност со одлуките на ЕУ за климатска неутралност. Настојуваме да го подобриме јаглеродниот отпечаток на нашите активности преку нето-намалување на директните и индиректните емисии (опсег 1 и опсег 2, соодветно) за 50 % до 2030 година, истовремено развивајќи опции за намалување на индиректните влијанија врз животната средина (опсег 3).
Постигнувањето на ваков амбициозен план ќе биде овозможено главно со низа проекти во нашите индустриски капацитети, поврзани со подобрување на енергетската ефикасност, електрификација на капацитетите од извори со ниска до нулта емисија постепено, намалување на емисиите на индустриските процеси, како и емисиите на зафаќање и на складирање при нивното производство, додека значителен дел од целта ќе дојде како компензација на емисиите преку зголемување на инсталираните ОИЕ.
Во исто време бараме иновативни практики за производство на енергетски производи со низок или нула отпечаток. Инвестираме во производство на напредни биогорива од следната генерација, во течен природен гас, во постепена замена на дел од рафинериските суровини со нискојаглеродни суровини, во истражување и развој на „зелени“ технологии и апликации, во надградба на инфраструктурите за производство на енергија и на гориво, како и во енергетската ефикасност. Во исто време спроведуваме обемно намалување на отпадот преку програми за рециклирање и повторна употреба.

Зелената енергија ќе биде во сржта на вашите активности. Не толку одамна, инвестициите во обновливи извори изгледаа „тренди“, но веќе не е така. Излегува дека овие инвестиции се остварливи и дека даваат опипливи придобивки. Еден од примерите и успешните приказни за ова е вашата соларна централа во Кожани, Западна Македонија, еден од најголемите фотоволтаични паркови во Европа. Можете ли да споделите со нас повеќе детали за оваа инвестиција?

А. Сиамисис: Создавањето на големиот фотоволтаичен парк, со моќност од 204,3 MW во близина на Кожани, е симболичен проект бидејќи е најголемиот проект за ОИЕ во Грција и најголемиот фотоволтаичен парк со двострани панели во цела Европа. Инвестицијата изнесуваше 130 милиони евра, се наоѓа на површина од 4 400 хектари и се состои од вкупно 18 инсталации со соларни панели. Годишно произведува 350 GWh енергија и ги задоволува потребите на 75 000 домаќинства со енергија со нулта емисија. Се проценува дека овој фотоволтаичен парк придонесува за избегнување на увоз на природен гас во износ од 100 милиони евра, во критичен период во кој цените на енергијата вртоглаво пораснаа во светот.

Менаџмент тимот на Групацијата Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY), со тимот на ОКТА

Кои се другите чекори што треба да се следат во оваа насока?

А. Сиамисис: Нашиот план вклучува инвестиции во флексибилни системи за складирање енергија, динамичен влез на пазарот на електрична мобилност, но и инвестиции во други технологии за ОИЕ како што се крајбрежните ветерници, каде што склучивме стратешко партнерство и ги здруживме силите со RWE Renewables, глобален лидер во крајбрежна енергија од ветер. Ова е важен договор кој ќе ни овозможи заеднички да ги истражиме можностите за развој и во Грција. Оваа соработка станува уште поважна ако се земе предвид целта поставена од Владата на Грција, до 2030 година да се стават во функција 2 гигавати (GW) ветерна енергија од морето преку проекти на фиксна локација и со пловечки ветерни турбини.
Неодамна, исто така, објавивме купување на уште две ветерни електрани во функција, со вкупен капацитет од 37,2 MW на подрачјето на Јужна Евија, а потпишавме и обврзувачки договори за стекнување на ветерни електрани лоцирани во Источен Мани во Лаконија, со вкупен капацитет од 55,2 MW.
Дополнително истражуваме можности за развој на проекти за ОИЕ во поширокиот регион на Балканот и на Југоисточна Европа. Растот ќе дојде преку комбинација на органски раст и преземања, како и диверзифициран географски отпечаток, земајќи ја предвид зрелоста на секој пазар, регулаторната рамка и приносите на портфолиото.

Колку транзицијата кон зелена енергија е под влијание на војната во Украина и енергетската криза што ја создаде таа за Европа? Гледаме ситуација во која врвен приоритет е да се обезбеди доволно енергија, без разлика на изворите, што ја става зелената енергија пониско на приоритетната листа. Дали е ова привремено за следнава година или следниве две? Како ќе опстанеме во однос на енергетските потреби и цените на енергијата оваа и следната зима?

А. Сиамисис: Денешната енергетска криза не е привремена, туку структурна. Таа не е исклучиво поврзана со руската инвазија на Украина и нема да биде целосно надмината во наредниве месеци, туку ќе трае. Мора да се носиме со високата побарувачка, да покажеме издржливост, но и да внимаваме на правилното управување. Мора да биде јасно дека промената на меѓународната заедница и на ЕУ кон зелена економија со низок отпечаток ќе има цена. Но, тоа останува единствениот пат кон одржлива иднина што ќе обезбеди енергетска независност на Европа, со почисти форми на енергија кои ќе станат економски поконкурентни со текот на времето. Проблемите со кои се соочуваме не се поради транзицијата, туку затоа што задоцнивме во претходните години да ја развиеме потребната инфраструктура. Се разбира, во денешнава ситуација, мобилизацијата на скапи лигнитни единици, продолжувањето на работата на нуклеарните централи или повторното работење на старите електрани кои загадуваат се неопходно решение. Но, истовремено, ЕУ уверува дека целта поставена за намалување на емисиите на јаглерод до 55 % од нивоата од 1990 година до 2030 година не се менува ни малку.

Како голема и важна компанија, Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY) става акцент на активностите за корпоративна одговорност. Една од програмите што ја поддржувате е програмата „Горди на младите“ во областа на образованието. Кажете ни нешто повеќе за оваа програма и кои универзитети ќе ги посетуваат овогодинешните студенти.

А. Сиамисис: Десет години по ред, Групацијата Хеленик енерџи (HELLENiQ ENERGY), преку програмата за корпоративна одговорност „Горди на младината“, ги поддржува најдобрите студенти и дипломираните студенти кои сакаат да ги продолжат своите постдипломски студии на истакнати универзитети во САД, Европа и Грција. Постдипломските програми се фокусираат на областите инженерство и енергетика, економија и менаџмент и СТЕМ (STEM [наука, технологија, инженерство и математика]). Стипендистите ќе студираат на престижни грчки и меѓународни универзитети како што се Харвард, Империјал колеџ во Лондон и многу други врвни универзитети. Оваа специфична иницијатива е уште една важна акција во контекст на програмата за корпоративна одговорност преку која групацијата практично ги поддржува новите генерации во остварувањето на нивните соништа.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО