Интервјуа

ЏИНЛЕВ: Граѓаните и локалната самоуправа можат и треба да се активен дел од енергетскиот систем, а не само потрошувачи

Вања Џинлев - Автор на анализата за можни алтернативи за централно греење.

За да се забрза енергетската транзиција и декарбонизацијата, мора да се започне со имплементирање одржливи практики за домаќинствата преку воспоставување на системи за индивидуално и централно греење базирани на чиста енергија. Денес постојат алтернативи од поновите генерации на системи за греење кои се базираат на чиста енергија. Таквите системи веќе се практикуваат во земјите од Европа и стануваат се поатрактивни бидејќи во тоа е иднината доколку сакаме да се стремиме кон независност и одржливост на енергетскиот систем.

Системот за централно греење кој е зависен од ТЕЦ Битола е повеќедецениски проект којшто сè уште не е спроведен заради несоодветно планирање. Анализите од студијата на Еко-свест и мрежата CEE Bankwatch Network сугерираат дека достапноста на нови технологии базирани на обновливи извори го прават овој проект скапа и неисплатлива инвестиција.

Студијата на Вања Џинлев, асистент и истражувач за енергетика при Федералниот институт за технологија во Цирих, препорачува искористување на потенцијалите од сончевата енергија за индивидуално и колективно загревање на домаќинствата во Битола.

Финалната студија со сите детали и можни сценарија за трансформација на централното грееење во Битолскиот регион, ќе биде објавена наскоро.

 

  1. 1. Најголемата електрана на јаглен која е во функција четириесет години, се наоѓа токму во Битола. Што според Вас било пречка што никогаш не се вклучила компонента за централно греење?

 Претпоставувам дека финансиите биле пречка во остварување на овој децениски план. Како за потсетување, можноста за производство на топлинска енергија за греење од постројката била разгледувана уште во фазата на изградба, по што следувале повеќе студии за исплатливост на овој проект во периодот од 1981 до 1986. Според јавно достапните податоци, во 2012 е започната изработката на физибилити студијата која ги дава насоките за конечна реализација на овој проект, по што е направена соодветна инсталација на потребната опрема, а во 2013 се започнати и преговори со меѓународни финансиски институции за финансирање на проектот. Имајќи во предвид дека за реализација на проектот АД ЕСМ учествува со сопствени средства во износ од 15% од вкупната инвестиција, додека останатите 85% се обезбедени преку кредит од германската KfW банка, сосема е јасна потребата од обезбедување на “надворешни средства“ со поволна каматна стапка за реализација на овој проект.

 

  1. 2. Дали сметате дека државата треба да преземе значителни активности за постепено укинување на јагленот и фосилниот гас и пренасочување на инвестициите кон обновливите извори на енергија во централното и индивидуалното греење?

 Енергетската транзиција несомнено наложува напуштање на фосилните горива и употреба на обновливи извори на енергија. Моментално државата преку АД ЕСМ е одговорна за најголемиот дел од централното греење во Скопје, преку употреба на фосилни горива. Задржувањето на системот за централно греење при постепено напуштање на фосилните горива и задоволување на сегашните и потенцијалните зголемени побарувања на топлина во иднина би било возможно само преку големи инвестиции кои би интегрирале и други сфери од урбаното живеење (како што е согорување на комуналниот отпад за задоволување на топлинските побарувања). При индивидуалните начини на греење, државата може да интервенира преку забрана за употреба на одредени енергенси или преку субвенции и останати механизми за поддршка на физичките и правните лица да преминат кон “почисти“ технологии и извори на топлина. И во двата случаи, државата треба да преземе соодветни мерки за да го декарбонизира и да го направи поодржлив овој сегмент од енергетските потреби на државата.

 

  1. 3. Што е клучно за промена на начинот на кој ги загреваме нашите градови и домови во целост и зошто е тоа важно?

 Првата, и веројатно најважна работа, е да научиме дека граѓаните и дури и локалната самоуправа можат и треба да се активен дел од енергетскиот систем, а не само потрошувачи. Тие можат да ја намалат потрошувачката преку инвестиции во енергетска ефикасност, сами да си произведуваат топла вода, електрична енергија, па дури и топлина. Можат да се здружуваат и да формираат енергетски заедници и преку нив дури и да остваруваат заработка од учеството на пазарот на енергија.

Придобивките од ова ќе се видат на повеќе начини, од зголемување на уделот на обновливи извори во енергетскиот систем до намалување на загадувањето на воздухот во урбаните, па и руралните средини.

 

  1. 4. Вие сте автор на “Анализата за можни алтернативи за централно греење во Битолскиот регион“. Кои се можните алтернативи што ги разгледувате во анализата?

 

При изработка на студијата, во прелиминарните анализи, во предвид земав неколку извори на енергија и технологии кои не вклучуваат употреба на јаглен, нафта (мазут) или природен гас. Па така, првичните анализи го вклучуваа комуналниот и земјоделскиот отпад, употребата на геотермална енергија, употребата на топлински пумпи со голем капацитет наменети за градско греење и ладење како и употребата на топлински пумпи за индивидуално греење и ладење и нивна комбинација со фотоволтаични системи.

 

  1. 5. Дали и на кој начин промената на начинот на греење ќе влијае врз економската состојба на граѓаните?

 Анализите покажаа дека комбинацијата на топлински пумпи за индивидуално греење и ладење комбинирани со фотоволтаичен систем е најисплатлива алтернатива на долг рок. Имајќи во предвид дека комбинираниот систем од топлинска пумпа и фотоволтаици е скапа инвестиција која достигнува и над 2500 евра, при сегашниот просечен животен стандард, неопходно е државата директно да се вклучи и да употреби различни механизми за поддршка на домаќинствата и правните лица, која би била далеку помала во споредба со одвоените сопствени средства на АД ЕСМ за реализација на проектот за топлификација на Битола. Пресметките покажуваат дека при сегашните услови, инвестициите во овие технологии кај индивидуалните и правните лица претставуваат и одредена долгорочна заштита од флуктуирање на цената на електричната енергија, што дополнително ја зголемува сигурноста и го подобрува менаџирањето на домашните финансии. На долг рок, при користење на овој систем се очекува намалување на вкупните трошоци за струја и греење во домаќинствата, што дополнително ја оправдува потребата за инвестирање во овој комбиниран систем.

 

  1. 6. Како важен механизам со кој се зголемува исплатливоста на тие алтернативи го идентификувате здружувањето на граѓаните во таканаречени енергетски заедници. Колкава е разликата во поврат на инвестицијата наспроти индивидуална инвестиција?

 Извршената анализа која зема во предвид една теоретска енергетска заедница составена од 10 индивидуални објекти за домување (куќи) при сегашните услови на пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија покажува дека периодот за поврат на првичните инвестиции во колективна опрема и енергетски технологии е помал од 8 години, што е многу пократко во споредба со индивидуалните инвестиции. Анализата опфаќа сценарија со различни технологии, но во суштина, колку е поголема првичната инвестиција и колку е повисока цената на откупената струја од дистрибутерот, толку е повратот на средства побрз, при сегашните услови на пазарот. Во повеќето сценарија, анализираните енергетски заедници се нето извозници на електрична енергија во текот на цела година, што укажува на фактот дека овие заедници не само што ја намалуваат просечната цена на потрошената електрична енергија, туку и обезбедуваат долгорочни парични приливи во заедницата.

 

  1. 7. Дали истиот начин на промена на начинот на греење е погоден и исплатлив и за институциите што во моментов користат најразлични загадувачки практики?

 Јас би одел дотаму да констатирам дека овој систем е најсоодветен за државните и јавните институции, со оглед на нивното работно време. Анализите покажуваат дека според сегашните услови во нашата држава, институциите можат да обезбедат долгорочен прилив на средства при продажба на вишоците на електрична енергија, обезбедени преку инвестирање во сопствени капацитети за производство на струја. При формирање на општински енергетски заедници и поврзување на различните објекти под општинско управување, периодот за поврат на средствата во комбинираниот систем не надминува 10 години, а со тоа општините би ја зголемиле својата независност од централната власт, и би можеле да ги зголемат инвестициите во јавните добра.

 

  1. 8. Кој би бил резултатот на целокупната транзиција кон греење базирано на обновливи извори?

 Анализата укажува на многу придобивки при користење на греење базирано на обновливи извори. Би започнал првин со придобивките на граѓаните, кои опфаќаат зголемено и директно граѓанско учество во енергетската транзиција, намалена изложеност на емисии од согорување при користење на цврсто гориво за греење во домаќинствата, зголемено учество на локалните компании за инсталирање и одржување на системите, зголемен комфор во споредба со традиционалните начини на греење кои вклучуваат цврста огревна маса, како и заштита од енергетски ценовни шокови поради флуктуација на цената на енергијата на интернационалните пазари. Исто така, општините можат да ги зголемат месечните парични приноси и да ја зголемат својата независност од централната власт, додека пак државата би го зголемила домашното производство на електрична енергија а со тоа би ја зголемила енергетската сигурност и безбедност, а би ја намалила долгорочната увозна зависност.

ПРЕПОРАЧАНО