Интервјуа

Димитров: Во Република С. Македонија време е да се либерализира вработувањето на странци

Ангел Димитров | претседател на Здружение на текстилната и кожарската индустрија

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.

Кажете ни накусо за „личната карта“ на здружението (релативното значење на конкретната индустрија за македонската економија, составот на здружението итн.).

А. Димитров: Компаниите членки на Стопанската комора на Северна Македонија се организираат во здруженија според дејности, како стручен облик на организирање и работење, преку кои самостојно одлучуваат и вршат работи и задачи од интерес за соодветната дејност, односно дејности. Едно од нив е и Здружението на текстилната и кожарската индустрија во кое членуваат повеќе од 100 компании од текстилната и кожарската индустрија. Овие дејности претставуваат едни од водечките преработувачки индустрии во земјава со значителни резултати во: формирањето на БДП, високото апсорбирање на работна сила и извозот. За разлика од другите стопански дејности, во оваа област релативно повеќе дојдоа до израз претприемачките иницијативи на стопанствениците, како и остварените деловни врски со странските партнери, што претставува основа за натамошен развој. Преовладува ЛОН-работењето кое се сведува главно на шиење како еден од најнедоходовните видови на соработка со странските партнери при што во вкупниот извоз ЛОН-работењето учествува со околу 93 %, а на класичното производство на извоз отпаѓаат 7 %. Основни цели и задачи на Здружението се да разгледува прашања во врска со унапредувањето на работењето и решавањето на тековните проблеми во дејноста, да врши економска пропаганда и да организира саеми, изложби, да усвојува заклучоци и да предлага мерки што се од заеднички интерес на членките, а кои не се во спротивност со позитивните законски прописи и добрите деловни обичаи. Исто така разгледува предлози на закони и други прописи, дава мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членките и покренува иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на законите и на прописите, како и работи на унапредување на бизнис-климата во земјава, ја поттикнува имплементацијата на европските правила и стандарди и перманентното функционално образование и иновација на знаењата на стручните кадри од дејноста.

Како ја оценувате тековната состојба во текстилната и кожарската индустрија? Кои се клучните успеси и предизвици? Како се справувате со порастот на цената на енергентите?

А. Димитров: Текстилната и кожарската индустрија во последниве десетина години имаше постојан пад на бројот на работници. Ова е изразено во секторот производство на облека, додека во секторот производство на текстил имаме одредено зголемување, но овој сектор учествува со 20 % во вкупната текстилна индустрија.
Статистичките податоци покажуваат дека во јули 2022 година во однос на просекот од 2015 година бројот на работници во производството на текстил се зголемил за 4,3 %, додека кај производството на облека паднал за дури 35,5%.
Големиот пад на бројот на работници е резултат на намалениот интерес кај младите лица за вработување во овој сектор, но исто така и на проблемите што ги предизвика корона кризата, кои во овој сектор беа особено присутни во текот на 2021 година.
Во текот на 2022 година, како резултат на опоравувањето од ковид кризата и одлуките на големите европски брендови дел од производството од Далечниот Исток да го пренесат на европско тло, дојде до зголемена побарувачка за конфекциски производи. Денес сите наши конфекции имаат доволно работни налози и зголемена побарувачка. За жал, недостигот на работници е непремостлива пречка за зголемување на капацитетите.
Зголемувањето на цената на електричната енергија рапидно ги зголеми трошоците за работење. Повеќето од компаниите во текстилната индустрија набавуваат електрична енергија на слободниот пазар и цената зависи од случувањата на берзата во Будимпешта. Некои компании инвестираа во соларни панели и успеаја да го намалат товарот од зголемените цени, но поради ограничениот период на производство на електрична енергија од сонцето трошоците сè уште се многу големи.



Ова е период во кој по правило се обновуваат договорите со клиентите во странство. Како стојат работите на тој план? Колку кризата влијае на побарувачката за производите?

А. Димитров: Како што споменав, во овој период имаме зголемена побарувачка за нашите услуги, што обезбедува работа за подолг период. Некои конфекции имаат договори за производство до средината на идната година. Сепак, претстојната зима и проблемите со снабдување со струја и гас во Европа можат да доведат до одреден пад на потрошувачката во Европа, што може да доведе и до пад на побарувачката на нашите услуги. Ако се водиме од искуството од ковид кризата, тогаш можеме да донесеме заклучок дека евентуалните поголеми проблеми на пазарите во Европа во текот на претстојната зима можат да доведат до одреден пад на побарувачката на нашите производи и услуги на почетокот на април или мај идната година.

Што може да се направи за да се подобрат амбиентот за работа и успешноста во текстилната и кожарската индустрија? Можеме ли да изградиме македонски текстилен бренд како долгорочна замена за ЛОН-производството?

А. Димитров: Најголемата слабост на нашата текстилна индустрија е големото учество на ЛОН-работењето во однос на вкупното производство. Во минатото имаше поголем број на иницијативи за зголемување на производството на сопствени брендови, но тоа остана само како иницијатива без конкретна поддршка од страна на Владата. ЛОН-производството се карактеризира со мала додадена вредност и е пречка за зголемување на платите и на стандардот на вработените во компаниите. Во последно време, со севкупните промени во меѓународните односи, очигледно е дека дојде до промени и недостиг на голем број на производи од речиси сите гранки. Можеби ова е можноста производителите од земјите во развој да побараат поголемо учество во крајната продажна цена на нивните производи. Развиените држави одамна ги затворија сите свои производни капацитети и производството го иселија во земјите во развој, а најголемиот дел од колачот го задржаа за себе. Затоа е потребно производителите да се организираат и да бараат поголеми цени на своите производи и услуги за да можат да го зголемат стандардот на своите вработени.
Втората работа е осовременување на технолошкиот процес и автоматизација секаде каде што постојат можности за тоа. Недостигот на работна сила и зголемувањето на платите бара поголема продуктивност, а таа може да се постигне само со современи машини и автомати.
Предизвикот за постепено преоѓање од ЛОН-производство најпрво на комплетен производ, а понатаму и сопствен бренд останува и понатаму. Сметам дека поголема шанса за тоа имаат компаниите кои работат заштитна облека за разлика од модната облека каде што големите светски брендови и понатаму ги држат цврсто конците во свои раце. Сепак, помалите компании и оние со мали серии мораат да се обидуваат да направат сопствен бренд, иако во таа работа има многу потешкотии и предизвици.
На крајот останува проблемот со недостиг на работна сила. Во Република Северна Македонија време е да се либерализира вработувањето на странци. Во Република Турција во моментов во текстилната индустрија работат три милиони Сиријци. Без овие работници, Турција би го изгубила приматот како текстилна велесила и би се намалил извозот на текстилни производи во Европа. Затоа и ние мораме да најдеме замена за нашите работници кои заминаа во Европа ако сакаме да го задржиме извозот, но и бројот на работници, што е многу важно за полнењето на нашите социјални фондови на ниво на државава.

ПРЕПОРАЧАНО