Интервјуа

Дуковска-Павловска: Наша цел е за неколку години да бидеме компанија со „нула отпад“

Марија Дуковска-Павловска | Генерален директор на Макстил АД Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.

Со акцент на досегашните инвестиции и со дефинирана стратегија за понатамошниот развој на компанијата, Макстил одбележа 25 години работа и производство на македонскиот пазар. Макстил претставува лидер во металуршката индустрија, со учество во нето извозот на државата од 1% и во вредноста на БДП со 0,3 отсто. За тоа како се справува компанијата во овој турбулентен и непредвидлив период како и за целите и плановите во наредниов период разговаравме со Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на компанијата.


Првото полугодие од годинава помина во знакот на геополитичката состојба предизвикана од воениот конфликт во Украина, кој предизвика долгорочни економски импликации од кои не е изземена и глобалната челична индустрија. Сепак, во првите шест месеци годинава остваривте добивка од 10,5 милиони евра, што е за над два и пол пати поголема од онаа што ја остваривте истиот период лани. На што се должи ова?

М. Дуковска-Павловска: Изминатиов период беше многу турбулентен и непредвидлив во секој поглед, а очекуваме и во иднина да имаме ваков период.
Со почетокот на војната исчезна увозот на топло валан лим од Украина поради уништувањето на тамошните капацитети, најмногу Азовстал, и од Русија поради воведените санкции. Оваа ситуација предизвика експоненцијален раст на побарувачката, а паралелно и на цената на топло валан лим, на што ние како Макстил успеавме веднаш да одговориме на овие пазарни промени. Од почетокот на летово пазарот се стабилизира на ценовно ниво и на ниво на побарувачка пред војната. За жал, паралелно со ова стабилизирање се случи друг експоненцијален раст, раст на цените на енергијата, со што нашите трошоци достигнаа ниво кое не е досега забележано.

Дали сте задоволни од нивото на нарачки на вашите производи, односно од извозот остварен во првото полугодие? Каде најмногу извезува Макстил и каде наоѓаат примена вашите производи?

М. Дуковска-Павловска: Нашиот финален производ е топло валан лим и тој се користи за изградба на: бродови, вагони, мостови, големи резервоари, ветерници итн. Интересен факт е дека со нашиот лим се гради сеф на народна банка на земја во која извезуваме.
Наши најголеми партнери се земјите од Европската Унија (Италија, Германија и Хрватска), Турција и земјите од Балканот. Очекуваме учеството на околните земји, како и на Турција, во вкупниот извоз континуирано да се зголемува во следниов период, пред сè поради близината и поедноставната логистика.
Кога зборуваме за нивото на нарачки во текот на оваа година до сега целокупниот наш производствен капацитет постојано беше исполнет. Бројот на направени нарачки и во последниов квартал оди во нагорна линија, но сега веќе се поставува прашањето дали ќе можеме да ги реализираме сите добиени нарачки, пред сè поради повеќекратното зголемување на цената на енергенсите. Ваквото зголемување на цената на енергенсите, што се случи во меѓувреме, значително ни го отежна исполнувањето на плановите за работа, како и плановите за инвестирање бидејќи, паралелно со зголемување на овие трошоци, цената на лимот се намали. Во следниов период мораме да правиме многу балансирање и отстапки, како и менување на плановите за работа во зависност од цената, пред сè на електричната енергија, за да можеме да оствариме барем дел од резултатот што го имавме во првата половина од оваа година.

Дали имате непречено снабдување со старо железо од кое ги добивате вашите производи? Од каде го набавувате?

М. Дуковска-Павловска: Старото железо е основен и единствен материјал од кој се произведува нашиот производ и затоа старото железо е круцијално за непречено одвивање на производствениот процес. Морав овде да го нагласам зборот единствен бидејќи во јавноста ова е малку познат факт и континуирано добивам прашања што топиме во електропечката така што не постои друг репроматеријал кој може да се употреби за да се добие течен челик, освен квалитетно старо железо и феролегури.
Набавката на старото железо ја правиме од локален пазар – овде од Македонија (помал дел) и од земјите од соседството: Србија, Косово и Бугарија. Снабдувањето со старо железо, особено транспортот на старото железо од соседството, е вистински предизвик. За извоз на старо железо потребни се лиценци кои ги обезбедува централната власт, најчесто од министерствата надлежни за заштита на животната средина, па не секогаш овие лиценци навремено се издаваат. Покрај ова, постојат челичарници и во соседството на кои, исто така, им е потребно старо железо, па освен во продажбата на лимови имаме и голема конкуренција во делот на набавката на старо железо.
Како што веќе споменав, нашите доставувачи на старо железо треба да обезбедат лиценца за извоз, потоа лиценца за транзит – доколку треба да помине низ друга земја при неговиот транспорт, па така сите овие административни процедури дополнително ја усложнуваат постапката за набавка на нашиот основен репроматеријал.

Металната индустрија е од големо значење за националната економија со директно учество во создавањето на БДП од 5,73 %, додека индиректно, преку мултипликативните ефекти, металургијата учествува со над 33,53 % во националниот БДП. Оваа индустрија учествува со околу 13 % во вкупниот национален извоз. Сепак, металната индустрија во минатото беше најголема извозна индустрија во земјва, на пример со учество од 25 % во 1995 година. Постојат ли можности за враќање на секторот на овие патеки?

М. Дуковска-Павловска: Споменувањето на овој малку заборавен факт е многу битен во денешниве услови на стопанисување бидејќи учеството на металната индустрија е исклучително значајно за целокупната економија. Оваа индустрија во континуитет има значајно учество во креирањето на националниот БДП. Тековниот процент, од околу 6 %, очекувам да се зголемува, но да достигне двоцифрен процент над 20 % − не очекувам.
Ова е дотолку повеќе што отворањето фабрики и во други индустриски гранки во изминативе години придонесе за зголемување на обемот на вкупниот извоз. Секако, ова е позитивен тренд, но учеството во извозот на металната индустрија се намалуваше. Металната индустрија како базична индустрија мора повторно да добие значење и да биде максимално поддржана за да го постигне нивото кое е клучно за развој на економијата во целост.

Какви се очекувањата за второто полугодие? Дали ќе продолжи растот на цените? И дали имате план како да се справите со можна енергетска криза како на испораката на гасот така и на електричната енергија?

М. Дуковска-Павловска: Што и да одговорам на ова прашање, најверојатно до печатењето на изданието нема да биде валидно и ќе треба да се промени. Но, едно е сигурно, тековните цени на електрична енергија нема да можеме да ги издржиме и да продолжиме со континуирано производство. Ние, заедно со другите компании кои се енергетско интензивни, сме соочени со сериозно голем предизвик, пред сè поради тоа што енергенсите заземаат многу голем процент од вкупните трошоци на овие компании.
Во изминатиов период инициравме и одржавме многу средби и координација меѓу најголемите потрошувачи на електрична енергија и притоа доставивме и предлог-мерки со чија имплементација сметаме дека може да ни се овозможи потребната поддршка. Oчекуваме подршка и разбирање од страна на државата и надлежните институции преку прифаќање на предложените мерки или пак предлагање на нови со истата цел.
Цената за електрична енергија која ја имавме за септември беше на ниво од 650 евра за мегават/час и еден месец успеавме да го амортизираме ваквиот ценовен шок, но неколку месеци по ред да ја имаме оваа цена нè обврзува сериозно да размислуваме за следни чекори за санирање на негативните ефекти во целост.
Во случај на прекин на снабдување со гас се подготвуваме за користење на алтернативни горива, пред сè пропан бутан, како и алтернативни течни горива. Искрено се надеваме дека нема да бидеме во ситуација да ги користиме алтернативите, но во овие турбулентни времиња мораме да бидеме спремни за сите можни сценарија.

Макстил во својата индустрија е предводник во инвестициите за заштита на животната средина и екоиновации. Што сè е направено на ова поле годиниве наназад?

М. Дуковска-Павловска: Прашањата поврзани за животната средина се едни од омилените на кои сакам да одговарам. Кога се зборува за металната индустрија, односно за тешката индустрија и за начинот на добивање на течен челик, препораките на глобално ниво за да се има „зелен челик“ е производство во електропечка, а тоа е печката која ја имаме ние. Во овој дел сме многу повеќе пред други челичарници кои го базираат своето производство на железна руда и кои во следниов период ќе бидат принудени да го адаптираат процесот на производство. Уште една значајна голема инвестиција е во системот за отпрашување во челичарницата со чија помош нашето влијание врз загадувањето на воздухот е елиминирано, поточно тоа е неспоредливо помало од законски пропишаните минимални вредности, како и од регулативата во Европската Унија.
Бидејќи процесот на емисија на штетни честички во воздухот е целосно ставен под контрола, сега нашиот фокус е на минимизирање на отпадот, поточно наша цел е за неколку години да бидеме компанија со „нула отпад“.

Ја спомнавте циркуларната економија и определбата за „нула отпад“. Што се случува со нуспроизводите кои се создаваат при топење на старото железо?

М. Дуковска-Павловска: Циркуларната економија е релативно нов бизнис-модел кој придонесува за раст на економијата и на вработеноста, обезбедува зачувување на животната средина и воедно претставува камен темелник за нискојаглеродната економија.
Овој модел се темели на три принципи: елиминирање на отпадот и намалување на загадувањето, одржување на производите и на материјалите што е можно подолго во употреба и зачувување на природните ресурси.
Во текот на топењето на старото железо во електропечката се создава троска, а потоа таа се испушта во каца која е поставена под предната врата од електропечката.
Основни компоненти на троската од производство на железо и на челик се: железен оксид (FeO), калциум оксид (CaO) и силициум диоксид (SiO2). Наведениве компоненти постојат во Земјината кора, и тоа како природен камен и минерали.

Ова е многу иновативен и корисен метод, нешто што го имаат веќе имплементирано современите држави и обемно инвестираат во вакви потфати. Колкава е примената кај нас, односно дали успевате да најдете пазар за овој вреден „нуспроизвод“, каде и кои се пречките?

М. Дуковска-Павловска: Обликот и физичките карактеристики на троската од електропечката се слични на природниот дробен камен или песок. Обработената троска е класифицирана како неопасен отпад. Троската воедно претставува материјал кој може да се употребува како вредна секундарна суровина во повеќе гранки на економијата. Во мај 2021 година, троската од електропечката ја сертифициравме како производ согласно стандардот МКС EN 13242, што значи дека таа, од отпад, со преработка станува производ, агрегат за тампон. Од досегашните бројни истражувања кај нас и во светот, несомнено може да се каже дека примената на троската како градежен материјал е во склад со начелата на одржливиот развој бидејќи придонесува да се заштедат природните ресурси, го заштитува уништувањето на бројни екосистеми, придонесува во намалување на количините на депониран отпад.
Во моментов троската ја продаваме на домашни купувачи, која понатаму може да најде примена како тампон за изработка на најсовремени патишта. Веруваме дека во иднина кај нас ќе се зголеми свесноста за употреба на производи за чие производство не се исцрпуваат ограничените природни ресурси на планетава.

Како голем потрошувач на електрична енергија дали можеби размислувате за инвестирање во сопствено производство на енергија преку обновливи извори, што сега е достапно со направените измени во Законот за енергетика?

М. Дуковска-Павловска: Ние, Макстил, сме во групата на големи потрошувачи на електрична енергија, но со тековните цени на електрична енергија и најмало производство на сопствена енергија е добредојдено. Веќе имаме физибилити проект за изградба на фотоволтаични панели, а планираме и негова итна реализација во следниов период. Сепак, предвидените количини на сопствено производство ќе задоволат само мал дел од нашите потреби така што за редовно производство сè уште ќе бидеме зависни од набавка на електрична енергија.

Во земјава сè повеќе се зборува за недостиг на работна сила. Дали како компанија имате проблем со обезбедување соодветен кадар? Што прави Макстил за обезбедување идни кадри во индустријата?

М. Дуковска-Павловска: Состојбата со работна сила, посебно со квалификувана, е навистина на загрижувачко ниво. Дојдени сме во ситуација веќе да не можат да се најдат слободни кандидати, туку неопходно е да се преземаат од други компании.
Во последниве месеци жално е да забележам дека најголем дел од вработените кои си заминаа не заминаа поради неконкурентен личен доход во оваа индустрија, односно не отидоа во други компании, туку ја напуштија државава и заминаа во земји од ЕУ. Ова е навистина загрижувачко бидејќи тоа е ситуација врз која немаме влијание и за ова ние не можеме да направиме многу за да ги задржиме вработените ако одлучат да заминат.
Како и во другите делови од бизнисот, и овде размислуваме долгорочно, инвестираме во млади кадри, поточно имаме стипендисти во средно училиште и стипендисти кои се на додипломски студии на Технолошко-металуршкиот факултет. Соработката со образовни институции е неопходна ако сакаме да имаме континуитет во работна сила. Металургијата не е многу интересна за младите, па размислуваме овој факт да го смениме и да ги доближиме можностите за работа и вработување многу повеќе за идните кадри да ги согледаат предностите за работа во производствениот сектор, можностите за нивен професионален развој и напредок во областа и иновациите на кои би можеле да работат.
Цел ни е да станеме посакуван добар работодавач, работодавач со добри услови за работа и вработените со гордост да кажуваат каде работат и да нè препорачуваат на своите познати.

Макстил е денес пример за општествено одговорна компанија. Имате реализирано бројни проекти како помош на заедницата.

М. Дуковска-Павловска: Да се враќа кон заедницата е уште еден од нашите приоритети и ќе продолжиме и во иднина да ја поддржуваме локалната заедница, како и други критични области каде што е потребна најголема поддршка. Оваа година го комплетиравме проектот за реновирање на делот за детска онкологија при Клиниката за детски болести. Ова беше најголем проект-донација од приватниот сектор во јавното здравство во вкупна вредност од 16 милиони денари. Иновативен беше пристапот при имплементацијата на овој проект. Имено, целокупната активност беше реализирана со работна сила од кај нас, од страна на вработени во Макстил, заедно со коминтентите со кои соработуваме. Со ваков значаен и видлив резултат, препознаен од општествената заедница, навистина покажавме дека заедно можеме многу повеќе и дека со здружување и синергија меѓу повеќе компании можеме да направиме 1+1 да бидат повеќе од 2.

Годинава славите 25-годишен јубилеј. Кои ќе бидат вашите цели во наредниов период?

М. Дуковска-Павловска: Оваа година одбележуваме многу значаен јубилеј – четврт век постоење на Макстил. Сите резултати кои ги имаме денес се резултат на континуираното подобрување на производствениот процес, намалување на трошоците за производство и постојани инвестиции во безбедноста и благосостојбата на нашите вработени.
Периодот кој следува несомнено ќе биде полн со предизвици, но ние продолжуваме со инвестиции во автоматизација на процесите, воведување нови методи и принципи на работа за континуирано подобрување, како и инвестиции во привлекување и задржување на човечкиот капитал.
Паралелно со овие долгорочни планови, во нашата агенда е и започнување на процесот на декарбонизација во рамките на Европската зелена агенда со што Макстил ќе биде иновативна и модерна компанија и својот развој ќе го заснова на три премиси: користење на обновливи извори, „нула отпад“ и постанување климатски неутрална компанија.


 

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО