Интервјуа

Кржаловски: Оперативниот и финансискиот лизинг се клучен дел од нашата понуда

Жарко Кржаловски | Директор на Стопанска лизинг АД – Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.

Лоцирани во центарот на градот, веднаш до Спомен-куќата на Мајка Тереза, тимот професионалци ги отвори вратите на просториите на Стопанска лизинг за сите физички лица и компании на кои им се потребни финансиски или оперативни лизинг производи. Свеченото отворање се одржа со присуство и целосна поддршка на претставниците од Управниот одбор на Стопанска банка и претставниците од НБГ Групацијата, давајќи ѝ цврста потпора на новата компанија во планираниот развој и работење. По тој повод разговараме со г. Жарко Кржаловски, директор на Стопанска лизинг АД – Скопје.


Господине Кржаловски, на 21 септември свечено беа отворени канцелариите на новата лизинг компанија, Стопанска лизинг. Како дел од пошироката формација на Стопанска банка АД Скопје, каква синергија очекувате во рамките на групацијата во периодот што следува?

Ж. Кржаловски: Отворањето на Стопанска лизинг е резултат на подолг период на подготовки и анализи, развој на понуда и платформа за компанијата да има предуслови за успешен старт и брзо вклопување на пазарот.
Токму богатото искуство на НБГ Групацијата и на Стопанска банка АД Скопје е од голема важност за поставувањето на темелите на Стопанска лизинг. Со ваква основа, Стопанска лизинг влегува подготвено на пазарот и веќе работиме на запознавање на потенцијалните клиенти со нашата понуда. Со оглед на тоа што банката на пазарот постои речиси 80 години и соработува интензивно со правни и физички лица имаме одлични предуслови за брз раст и развој во сферата на лизингот. Соработката со големата мрежа на филијали и искуството во продажбата ни се од непроценливо значење за брза пенетрација на пазарот и запознавање со лизинг компанијата која го носи брендот Стопанска и со тоа недвосмислено се поврзува со бренд кој зрачи со сигурност, доверба, партнерство и развој.

Кажете ни нешто повеќе за тимот на Стопанска лизинг.

Ж. Кржаловски: Започнуваме целосно екипирани со тим полн со искуство и предзнаења, темелно познавање на пазарот и желба да се создаде успешна приказна веќе во првите неколку години од постоењето.
Заедно сме веќе неколку месеци и благодарение на добрата координираност на тимот, знаењето и вештините со кои располагаат − можевме официјално да започнеме со работа.
Ова беше и причина да организираме мал настан со кој ќе го одбележиме започнувањето со работа на Стопанска лизинг, ќе го запознаеме тимот со партнерите и соработниците, а јавноста ќе се запознае со новиот бренд и локацијата во центарот на градот. Посебна чест ни беше што на отворањето гости беа претставници од Групацијата на НБГ, како и Управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје.

Какви услуги можат да очекуваат клиентите од Стопанска лизинг како нова компанија?

Ж. Кржаловски: Оперативниот и финансискиот лизинг се клучен дел од нашата понуда при што и двете опции се достапни за физички и правни лица.
Со финансискиот лизинг, клиентите го набавуваат посакуваниот автомобил/комерцијално возило или машина со минимално вложување на сопствени средства. Надоместокот за користењето е со утврден план на плаќање и по истекот на договорниот период и исполнување на сите обврски, доколку е така договорено, предметот набавен на лизинг може да стане сопственост на корисникот.
Кај оперативниот лизинг всушност нудиме краткорочен договор за закуп каде што периодот на договор е пократок од економскиот век на траење на предметот на лизинг. Целта на овој лизинг е користење на предметот на лизинг на одреден период. Кај овој тип на лизинг, предметот на лизинг е префрлен за одреден период на користење на корисникот, но на крајот на договорот се враќа на неговиот сопственик, давателот на лизинг.
Стопанска банка АД Скопје има извонредно богата понуда на производи и на услуги со кои допира до сите семејства и компании на пазарот, без оглед дали се тоа големи, средни или мали организации, па оттука на некој начин со Стопанска лизинг природно ја дополнуваме понудата и со лизинг производите со што значително се зголемува и квантитетот и квалитетот на услугите на лизинг пазарот.

Кои се глобалните трендови во работењето на лизинг компаниите?

Ж. Кржаловски: Во првиот квартал од оваа година, позитивни се перформансите со раст на портфолијата и деловниот обем на лизинг компаниите. И покрај ограничувањата во синџирот на снабдување и зголемување на трошоците за енергија − се предвидува да продолжи растот на лизинг пазарот.

Како го оценувате поширокиот амбиент за работа, финансискиот пазар, во моментов? Кои се главните предизвици за лизинг компаниите во земјава?

Ж. Кржаловски: Лизинг компаниите предоминантно учествуваат во продажбата на автомобили и на комерцијални возила. А токму овој аспект од пазарот веќе подолго време е под влијание на глобалните пазарни движења кои вклучуваат помала достапност на готов производ и отежната дистрибуција.
Сите глобални предизвици дефинитивно се одразуваат на локалните пазари и амбиентот за работа, а оваа година како најголем предизвик е предвидената енергетска криза која може сериозно да се одрази на бизнис-заедницата и нејзините перформанси. Доколку се намалат профитабилноста и одржливоста на компаниите, тогаш ќе се намали и нивната потреба и ќе се намалат плановите за инвестиции и нови набавки на опрема или транспортна флота.

Каде ја гледате пазарната позиција на Стопанска лизинг во иднина?

Ж. Кржаловски: Започнуваме амбициозно со план, во дадените околности, Стопанска лизинг да биде еден од главните играчи на пазарот во иднина и подготвени сме тоа да го испорачаме на пазарот преку постојано продлабочување на понудата на лизинг производи и услуги и преку посветеноста и професионалноста на нашиот стручен тим.

ПРЕПОРАЧАНО